Автономна Пиринска Македонија

Ги охрабруваме Македонците задгранично, неуморно, постојано и се погласно во државите во кои живеат да ги бараат националните и човековите права кои им припаѓаат. Затоа што високото ниво на негаторски примитивизам во политичките кругови кај соседните држави е предизвикан од македонската тивкост како природа на однесување на Македонците. Не треба повеќе да дозволуваме доблеста на македонската простодушност да ги потхранува големодржавните планови на соседите. Сите заедно да бидеме се погласни за запирање на неправдите кои се вршат врз Македонците независно во која држава живеат.

Во таа смисла што е можно пошироко и помасовно да се поддржи истакнатото барање на Македонците во Пиринскиот дел за автономна Пиринска Македонија, како македонска провинција во рамките на Република Бугарија. Тоа е единственото праведно правно-политичко решение. Со тоа би се означил крај на неправдите врз домородните бугарски државјани од македонско потекло вршени со непрекинатата нивна насилна асимилација. Со автономна македонска провинција, Република Бугарија не само што нема да изгуби туку многу ќе добие. Со еден таков политички чин Бугарија би го намалила товарот на одговорноста за многубројни човечки трагедии извршени со насилствата врз Македонците. Со свесноста на чинот би се отфрлиле темните сфери на погрешните бугарски политики низ историјата и би се докажала братската врска со македонскиот народ. Ако Македонија со својата култура толку силно ја привлекува Бугарија, со создавање на автономна Пиринска Македонија како административна единица на признат македонски народ, Бугарија и бугарскиот народ конечно би добиле сојузник во своето соседство. Последиците би биле поволни и за двата народа и од политичка и од стопанска и од многу други гледни точки.

Во спротивно, Бугарија и натаму ќе се дави во својот примитивизам и грубијанство. Дали е тоа изборот на Бугаринот каков сака да биде!? Колку Бугарија изгуби и уште колку ќе изгуби доколку продолжи да се залажува со странските империјални моркови за можноста Македонија да биде приграбена!? Бидејќи зад непризнавањето на Македонците и нивните права, не стои никаков практичен интерес ниту за Бугарија ниту за бугарскиот народ, освен обичен примитивизам кој го спроведуваат бугарските криминални политичари. Кое е зачнато во империјалните инкубатори. А мотивот е стар и добро познат – раздели па владеј.

Но ако Бугарија продолжи да врши насилство врз Македонците, и ако продолжи да ги негира Македонците како посебен народ, македонскиот народ стекнува право да работи за во рамките на македонската државна територија да го поврати целиот етнички македонски простор. Штом Македонците во Пиринскиот дел се осмелија да повикуваат на правото на автономија, многу блиску е точката на неповратност, ако тоа право не им биде дадено. Затоа што ако таа историска можност не беше искористена кога после Втора Светска војна ја имавме, овој пат нема да биде заборавена провокативната негаторска безобразност на оние кои се нарекуваат наши источни браќа по крв и по вера.

19 цутар 2021
Став на Македонска Национална Академија