З а б р а н е т о и м е

Повод за денешниот напис е забраната за употреба на зборот Македонија, Република Македонија, ПЈР Македонија и ПЈРМ донесено со декрет од страна на таканаречениот Министер за Правда на нивната Влада.
Само да ги потсетиме (не)народните министри, пратеници и вршители на должноста власт за текот на случувањата поврзани со обидот за промена на името и идентитетот на македонскиот народ.
Името со кое сега вие ја нарекувате нашата татковина е плод на вашите манипулации, плод на многубројни противуставни и противзаконски постапки и завршно погазување на народната волја изразена со исходот од референдумот, на кој народот одби да се изјасни на понижувачкото прашање.
Дали сѐ уште не ви е јасно дека со овој чекор само докажавте колку сте оддалечени од народот и колку немате право да одлучувате во име на Македонците. Дали уште не ви е јасно дека името, јазикот, националната припадност не се категории кои се менуваат со документ, пропис, договор или незнам каков акт. Дека тоа се возвишени чувства на една личност и еден народ, кои вие како безразумни не ги поседувате и не можете да ги разберете. Тоа се основните животни вредности кои го чинат нормалниот живот. Дали досега после повеќе од две години не се уверивте дека бесмислени се вашите напори да ни го промените името и идентитетот на татковината? Дали чувствувате дека безусловно подредувајќи се на моќта, НАТО, ЕУ, ги погазивте највозвишените национални вредности?
Колку пати сте предупредени дека за превземање на дејства со кои се нарушуваат национални и човекови права се одговара со строги казни. За сите навреди ќе одговарате во првиот момент кога политичкото насилство ќе ја изгуби силата. Земете го за пример 20тиот век. Сите историски насилници одговарале или животот го поминале криејќи се гонети од правдата.

ПОВИК ДО СИТЕ ВИСТИНСКИ МАКЕДОНЦИ
Македонија е свето име и света земја која се простира преку границите кои вештачки се исцртани. Границите ќе ги означиме НИЕ Македонците, и тоа дотаму до каде што се говори македонскиот збор, се пее и слуша македонската песна, се почитуваат македонските обичаи и традиција. Ние сите Македонци имаме света обврска, македонското име да го изговараме со гордост и почит, без самите да се заколнеме, заколнати сме од поколенијата минати и идни, македонскиот збор и песна да се слушаат гласно и моќно секаде каде што ние Македонците постоиме.

11 Сечко 2021
МАКЕДОНСКА НАЦИОНАЛНА АКАДЕМИЈА