Критички осврт на интервјуто со Митрополит Григориј

ИНТЕРВЈУ СО КУМАНОВСКИОТ ВЛАДИКА ГРИГОРИЈ: Освен за автокефалноста на МПЦ‒ОА, за сè друго може да се разговара,  но со  Вселенскиот собор!

Во интервјуто на кумановскиот итрополит Григориј дадено за новинарката Елизабета Арсоска (vecer.press) свесно или несвесно има неколку гледишта кои можат да имаат сериозни негативни последици за Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија.

Посебно опасно е тоа што Митрополит Григориј како да застапува веродостоен канонски и црковен став кој е во заштита на православниот македонски народ, а при тоа испраќа сигнали на попустливост.

Така во долгото интервју има две места со кои не се согласуваме:

„На Цариградската Патријаршија треба да ѝ се признае координативна улога, што ја има во организирањето на Вселенскиот Собор. Вселенскиот Собор историски и канонски се управува од сите автокефални цркви, и во однос на догматските, но и при дисциплинарни прашања помеѓу автокефалните цркви.“

Навистина Цариградската Патријаршија била координатор при организирањето на Вселенските Собори затоа што тогаш таму била средишната политичка моќ. Државата со своите средства има сила да организира Собори. Патријаршиите се користат со нивните средства. Црковните економии се колку за преживување, Црквите средствата кои ги имаат ги должат на донациите народни или државни (што се сведува на истото). Византиските монарси (цареви) БИЛЕ ОРГАНИЗАТОРИТЕ на Вселенските собори и тие преку црковната моќ во истиот главен град на царството Цариградската патријаршија (Константинопол) општеле со целата Црква во организирањето на Соборот. Нема никаква каноска или верска причина за координативно право на Цариградската патријаршија туку само природна и практична. Бидејќи сега во Цариград не само што нема православна политичка моќ, туку Фанар воопшто нема никаква сопствена организаторска сила за такви дејства. Така, ако организира ќе мора да се потпре на туѓа, па и неправославна политичка моќ. Како што го стори тоа за лажниот “Осми Вселенски Собор” во Кипар 2016 година. Се потпре на грчки донатори од Америка и на американските државни служби. Што најблаго кажано негативно влијае на правилното работење на “Соборот” и на православното единство.

Нека покажат каде и врз основа на кој документ Цариградската Патријаршија – Фанар е поставен засекогаш да биде организатор на Вселенските Собори!? Што ако таа Патријаршија биде уништена од некоја политичка сила? Зарем тогаш другите патријаршии нема да имаат право да свикаат Вселенски Собор, ако има потреба од таков!? Што ако таа како Римската Патријаршија западне во еретизам и отпадне од православното учење!? Зарем еретички отпаднички Синод ќе организира Вселенски Собор!? Се знае каков ќе биде тој Собор! А веќе со десетлетија од разни страни наголемо има оспорување за однесувањето и за православноста на Фанариотското свештенство.

Државите со своите средства ги овозможуваат Соборите како и другите покрупни меѓуцрковни чинови. Ако е можно сите православни држави да учествуваат во организацијата најдобро. Но ако на некоја треба да ѝ е дадено првенство за организирање, од сите православни држави, Русија е православна држава која има убедливо најголема моќ и со тоа најсигурна за да организира вистински православен Вселенски собор и слични чинови кои бараат поголема државна заштита!

И втората попустливост

На прашањето: „Што доколку Цариградската Патријаршија побара од Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија да добие некој манастир или црква под своја управа, како што е случајот во Украина?“

Митрополит Григориј не се согласува ама остава таква можност со реченицата:

„Сепак, ако подворјето е услов за почеток на сослужување со Цариградската Патријаршија, тогаш никој не треба да размислува дека, и преку внатрешен консензус, на Цариградската Патријаршија, на трајно користење, треба да ѝ се отстапи некаков црковен објект.“

Штом велите дека нема таква канонска должност, зошто им попуштате. После сите штети кои ни се направени зарем пак им отворате врата на грчките фанариоти да раководат макар и со најмал дел од македонскиот црковен простор!? Со оглед на историското искуство од Фанариотите (Фанар – Цариградска Патријаршија) без никаков сомнеж ако им дадеш прст тие ќе ти ја земат целата рака. Синодите и сега и порано биле приклонети кон државната политичка моќ која стоела над нивната глава. Црквите се свети и не грешат, но Синодите можат да грешат. Соборноста е она кое е безгрешно, а деловите можат да грешат и грешат. Имало разни синодски отпаѓања од Православието. Најголемо отпадништво е со Римската Патријаршија, денешниот Римокатолички Ватикан.

Заклучок: Ретко кој ќе спори дека сегашните Синоди на помесните Православни Цркви се со највисока доза на клерикализираност од нивното основање. Односно даваат предност во служење на световните политички интереси пред црковно-духовното служење на народот, Црквата и Бог. Така ако им давате простор на Фанар или било кој одделен црковен Синод тие нема да го искористат за православна полза на МАКЕДОНСКИОТ НАРОД тие ќе го искористат за политички цели на државите каде тие Синоди се сместени или се под влијание.

Самиот Митрополит е противречен. Дава можност за посредување од Фанар, а на едно место од интервјуто ја критикува правната поставеност на двата Синода Цариградскиот и Московскиот кон решавањето на меѓуцрковните прашања како однос кој во извесна доза одзема од самостојноста на помесните Православни Цркви.

Така сега преку интервју во десничарко гласило од Митрополит кој важи за најрезервиран во однос на Фанариотското “посредување” сепак имаме подотоворена врата за “посредувањето” да се оствари како нешто што е можно да биде корисно. А ниту било ниту ќе биде.

Ние како православни верници го почитуваме Митрополит Григориј. Но со оглед на тоа што се работи за Црквата, за нашето битие мораме да бидеме строги кон сечија млакост. Дали оваа попустливост е градење на отстапница на Митрополит Григориј за на она кое другите имаат намера да го направат. Дали е ова Пилатовско перење на рацете или не, набрзо ќе видиме. Ако е, нема да помине незабележано.

ОСВРТ НА МАКЕДОНСКАТА НАЦИОНАЛНА АКАДЕМИЈА

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *