НОВА ПОМОШ ОД ВЛАСТА ЗА “НАЈЗАСЛУЖНИТЕ”

Категорија: распустување на народниот имот

Повод за нашиов напис е oдлуката на вршителите на должноста “ВЛАСТ” за дополнителен пакет на мерки од 8 милиони ЕУР, од кои повеќе од половината завршуваат кај три јавни претпријатија – загубари. Конкретно 110 милиони денари (1,8 милиони ЕУР) ќе добие ЈП МЖ Транспорт, 180 милиони денари (3 милиони ЕУР) ЈП за Државни патишта и околи 600 илјади ЕУР ЈП Водостопанство.
Одлуката е донесена на 28-та Седницата на Владата, на која седница е донесена и контроверзната одлука за одобрување на 30 милиони денари средства од буџетот како еднократна неповратна помош за справување со потешкотии во тековното работење настанати поради КОВИД-19 кризата во Општина Арачиново.
Во врска со потешкотиите поради КОВИД-19 кризата – сите ги живееме и споделуваме истите потешкотии, несреќи и неволји. Без оглед на место на живеење, образование, пол, вероисповед, национална припрадност и сл.. Тоа што “Владата” одлучи треба да ѝ се помогне само на Општина Арачиново со ни помалку ни повеќе туку 500 илјади ЕУР неповратни средства е крајно нелогично и недолично за сериозна власт.
Од сите општини само на Арачиново!? Иако според службените податоци, КОВИД-19 кризата имаше значително полоши последици во многу други општини. Да не ги набројуваме. Со критериумите “разликуваме” наши и ваши, важни и неважни, добри и лоши, гласни и тивки. Кој ни е крив што не ги исполнуваме измислените критериуми за привилегии од страна на вршителите на управната должност.


ЈП Македонски Железници – Транспорт

Освен наведеново, би сакале накратко да ги разложиме (анализираме) јавните податоци за работењето на ЈП Македонски Железници. Според односот “галениче” на власта долги години.
Македонски Железници – транспорт, 100% сопственост на Владата, загубар откако работи, откако знае за себе, на назад со години овластениот ревизор се воздржува од давање на мислење за објективноста на финансиските извештаи. Политички менаџерски тим, обезвреднето до немајкаде итн.
Од каде да се започне со образложенијата по оваа состојба.

Секоја година со катастрофални загуби. Вкупно насобрана загуба од 4,7 милијарди денари (над 77 милиони ЕУР) е без објаснување од одговорните. Освен прибележаната загуба од 77 милиони ЕУР, според извештајот на независниот ревизор, Друштвото има искажано преценети средства во износ од 7,73 милијарди денари или над 125 милиони ЕУР. Кои доколку биле соодветно прибележани (евидентирани), Друштвото би искажало зголемена загуба за истиот износ.

Како такви со сите забелешки, нелогичности и неправилности, финансиските извештаи се одобрени од Претседателот на Управниот одбор и Финансискиот директор. Зошто и да не, кога никој не бара одговорност. Никој не бара превземање на мерки за надминување на состојбите, план за реструктуирање и сл.
Членовите на Надзорниот одбор (без да омаловажуваме било која образовна установа) се лица со сомнителни дипломи од приватните факултети во Македонија. По звање пожарникари, социјални работници, сметководители во казино, кои со работно искуство повеќе во невладини организации и сомнителни проекти, треба да водат сметка за надглед (контрола) на работењето на ЈП Македонски Железници. Можеби тие и би сакале да ја вршат таа одговорна задача, но сигурно нивниот избор не бил извршен врз основа на докажани резултати или потенцијал достоен за одговорната обврска која треба да ја извршуваат.

Квалификациониот и стручниот животопис (биографија) на членовите на Управниот одбор е далеку посоодветна, но достигањата не го покажуваат тоа на дело.

Покрај субвенциите од страна на Министерството за транспорт и врски во износ од околу 7 милиони ЕУР секоја година, Друштвото со оваа Одлука на Влада добива дополнителни 110 милиони денари и пак без никакви поместувања. Се покриваат трошоци, загубите се зголемуваат до недоглед.
Секоја година ревизорот е со воздржано мислење. Исти наоди секоја година, без да се пристапи кон решавање на наодите и постапување по препораките. Посебно ревизорското мислење – “воздржување” треба да биде показател до надлежните институции дека нешто сериозно не работи во овој деловен субјект. Тоа што не е успешно работењето за одредено време и да разбереме некако. Се случува. Но тоа што толку долго време не се превземаат мерки за надминување на потешкотиите, што не се расправа (дискутира) јавно за одговорноста, плановите и решавање на состојбите според нас е недозволиво.

Тоа што ЈП Македонски Железници е едно од друштвата во државна сопственост наменето за продажба во наредниот период, дополнително “фрла сенка” на сите минати и сегашни случувања за желбата на “власта” да најде ускладено (оптимално) решение за решавање на состојбата на оваа друштво.
“Чесните кадри” од владеачката гарнитура, веруваме дека неуморно бараат сериозен купувач и ќе се решат од уште еден загубар. Mожеби купувачот веќе и е пронајден, само се прецизираат подробностите.

Што е наредно за евтина (рас)продажба на стекнато со потта од сите граѓани. Можеби, доделување неповратни средства на заслужни поединци и институции!?
Ќе следиме понатаму…

ЕКОНОМСКА АНАЛИЗА НА МАКЕДОНСКА НАЦИОНАЛНА АКАДЕМИЈА

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *