Демократија или демонкратија

Несоодветните зборови ја поматуваат свеста и не ја поткренуваат на дејство. Како такви можат да бидат добри за филозофија, ама не и за придвижување. Словенските јазици, посебно македонскиот им пристапува на поимите од напред в лице. За правилен пристап на поединецот и општеството, неопходно е во говорот да се пронајдат и употребуваат зборовите кои се правилно поврзани со поимите во умот, а да се отстранат туѓизмите кои ја заведуваат и залажуваат свеста.
Еден од најважните зборови кои го промашуваат поимот и негативно влијаат на повратниот општествен одговор е зборот демократија.
Зборот демократија има широк и пресложен распон на значења, без еден основен темел и поредок, со што ја замаглува сликата за целта на поимот кој стои позади зборот „демократијата“; oдносно за целта на општеството кое се стреми за „демократија“ и „демократичност“.
Во денешно време се употребува како израз за праведно и правно поставено општествено уредување кое е стремеж на општествено-политичкиот систем.
Наједноставно се толкува како владеење на народот – „демосот“. Самиот збор демос, демократија во македонскиот говор немаат добра поврзаност со другите зборови и не повикува на позитивно значење. Напротив, најблизок им е зборот „демон“, посебно негативен збор. Поради ненасоченоста на зборот „демократија“ во својата звучност кон смислата на праведно општество, на свеста и е потребна дополнителна внатрешна операција за превод на значењата и смислите кои му се поимно дадени. Од таму во умот доаѓа до многу толкувања на зборот кои меѓусебно прилично се разликуваат. Многуте толкувања создаваат метежност во општествената свест. При користење на зборот „демократија“, свеста нема јасна и непосредна претстава за што се стреми. Тоа најдобро се согледува „апофатички“ што е „недемократија“. Кога е падната „демократијата“, поединецот и јавноста не добиваат од зборот јасна претстава што всушност е нарушено. Што е она кое треба да се воспостави за да се подигне нивото на „демократијата“. Тоа е така затоа што зборот демократија нема еден единствен темел.
Што е изворот на демократско општество!? Има многу значења, но нема поредок на значењата. Нема едно темелно значење, од кое другите извираат. Така користејќи го зборот „демократија“ општеството не може да забележи кога започнува да се нарушува правното општество. Не знае против што да се буни и за што да се залага.
Вистинскиот збор кој треба да се употребува на местото од зборот „демократија“ е зборот „СОБОРНОСТ“. Иако навидум не се блиски и ако навидум „соборноста“ не опфаќа се она на кое упатува изразот демократија, поимот „соборност“ насочува кон основата и изворот на правилното општествено уредување. Соборноста во одлучувањето е темелот на владеење на народот. Така кога поединецот или народот бараат соборност – се стремат за соборност, се залагаат за народно управување. Соборното управување е управување каде донесените одлуки се донесени соборно, заеднички. Во такво соборно одлучување одлуките не ги носат поединци или групи своеволно, без да се советуваат со заедницата односно јавноста односно соборот. Затоа што тоа се одлуки кои влијаат на животот на сите и треба да зависат од мислењето на сите.
Лицата на управните места, не се владетели за да бидат Влада. Тие се само извршители на управните задачи кои сите заеднички (соборно) сме ги договориле и ним сме им го довериле за да ги извршат. Кога се употребува зборот соборност, поединецот/јавноста знае зошто негодува – негодува поради нарушување на соборниот начин на одлучување. Има јасна причина за незадоволството: зошто не се одлучува соборно? Односо зошто некој го превзел правото да одлучува своеволно за заеднички прашања – прашања за кои не му е дадено право за самостојно одлучување? Правиот говор и е јасен на свеста така што свеста има поттик за дејство за да се спречи нарушувањето на соборноста односно наметнувањето на поединците над народот. Противнародните сили ги измислуваат и масивно ги употребуваат замаглените украсени (фенси) туѓизми. Сето со цел да ги затскријат од свеста сопствените сокриени намери и да ја закочат (пасивизираат) свеста во делувањето против нив.
Тоа може опитно да се докаже со обична бројчана (статистичка) проверка на густината од нивна употреба кај дадена политичка единка. Колку е попротивнародна толку повеќе ги употребува туѓизмите.

ДЕМОКРАТИЈА или ДЕМО(Н)КРАТИЈА, прашање е сега!

Став на Македонска Национална Академија