Туѓизмите во македонскиот говор

ТУЃИЗМИТЕ ВО МАКЕДОНСКИОТ ГОВОР И ЈАЗИК

Повод за написов е отворањето на уште еден предметен оддел „Туѓизми во македонскиот јазик“, е нападот на опслужувачите на „Дигиталниот речник на македонскиот јазик“, објавено во весникот „Вечер“ на 11.11.2020 година.
Во време на сѐ позачестени негирања на македонскиот корен , јазик, правопис од страна на „добрите“ соседи и нивните помагачи, должност на секој Македонец е на секаков можен начин да застане во одбрана на светите национални вредности. Во таа насока многу е важно добивањето на битката за јазикот со зачувавање на правоговорот на македонскиот јазик, кој е нападнат или поточно затруен со туѓизми и други измени под влијание на немакедонски јазични помодарства.
Неспорно е дека во последните години не водиме доволно сметка за унапредување на мајчиниот јазик и многу порадо се истакнува познавањето на туѓ странски јазик отколку правилното користење на сопствениот. Како првенственост на целиот народ, е уште од најмали нозе нашите поколенија да ги учиме и воспитуваме за зборување, пишување и творење на својот мајчин јазик со што помало влијание на „туѓизмите“.
Во време на значаен техничко-технолошки, информатички и сѐвкупен развој во сите области на делување, сѐ повеќе се сретнуваме со нови зборови – изрази кои не сме ги употребувале претходно. Притоа повеќе по залет, ненамерно го присвојуваме туѓизмот, го употребуваме без да размислиме дали изразот предметно го одразува соодветниот поим .
Така многу често употребуваме изрази како ‘софтвер’, ‘принцип’, ‘баланс’, ‘фејк’, ‘класифицирано’, и слично, без да размислиме за постоење на соодветен збор од македонски јазик, кој најблиску ќе го одрази самото значење.
Во врска со оваа тешкотија, најподобно е да се вклучи Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, кој ќе даде свој придонес кон изнаоѓање на најсоодветни македонски изрази за непокриените туѓизирани поими. Освен тоа предлогот за примена на соодветен македонски збор да се пласира во јавноста преку јавните гласила, званично да се известат образовните, културните институции и сите да имаме сериозен пристап кон употребата и развивањето на македонскиот книжевен јазик.
Во недостаток на постручна работа, а како право на секој Македонец и заљубеник во македонскиот јазик, во иднина, ќе објавуваме туѓизми, поврзувајќи ги со според нас најсоодветни македонски зборови.
Воедно ги повикуваме читателите на нашите објави, да даваат свои предлози и видувања, со цел сите како заедница да се вклучиме и да ја подржиме изведбата за унапредена и масовна правоговорна примена на македонскиот јазик во званичниот и секојдневниот говор.
Можеби на почетокот некои решенија ќе Ви звучат необично. Некои брзо ќе отпаднат, но некои, оние кои ќе ѝ легнат на здружената македонска национална свест ќе останат, ослободувајќи ја од туѓа мисловна подреденост.

Од Македонска Национална Академија

ТУЃИЗАМ=МАКЕДОНСКИ
принцип=начело
принципиелно=начелно,доследно
принципиелен=доследен
баланс=рамнотежа
балансирано=урамнотежено
бизнисмен=стопанственик
фејк=лажирано
идентификуван=утврден
акција=дејство
медиуми=гласила
антика=древност
антикварница=старинарница
антиквитет=старина