„Драги Костадине,
Одамна не ти бев пишал, па не знам како ти на тоа гледаш. Сега, кога се подготвувам да си дојдам дома, сметам дека нашите врски ќе позајакнат и ќе можеме нешто повеќе да дадеме на таа наша многустрадална земја што не открмила. Писмото го праќам по сигурен човек, во кого имам полна доверба, па можам да пишувам послободно за сенешто.
Кога ќе го добиеш проучи го добро и веднаш уништи го, за да не падне во рацете на османлиите или нашите “пријатели и браќа“, кои навлегоа во нашата земја како волци, облечени во попска раса или со моливи во раце, па инспекторуваат и директоруваат “за чест и слава на нивната држава“.
Нашиов несреќен македонски народ е изложен на безброј несреќи, страданија и понижувања од Турците. Тоа не е ни чудо, кога се знае нивниот степен на култура.
Далеку позагрижувачко е поведението на Европа, таа вавилонска блудница, која за сметка на своите сомнителни интереси го заборава својот долг спрема еден мал народ во срцето на светот.
Ми се чини дека нашата должност е во моментот борбата да ни биде свртена кон таа Европа, која одлучува за судбината на нашиот народ, а потоа борбата со Турците ќе биде дури беспредметна. Чинам дека треба да сториме се, за да ја заболи Европа удирајќи ја по џебот, за да се свести дека и другите поробени луѓе имаат право на живот и слобода.
Драги Костадине,
Ропството наше можеби немаше да биде толку тешко ако во нашите работи не се заплеткаа секакви пропаганди, кои под името на „браќа” и „доброжелатели” го разединуваат брат од брат и ги предизвикуваат Турците да вршат најголеми злосторства. Тие наши „браќа” прават се’ да го оневозможат единството на нашите слободољубиви сили.
И што стана од сите такви пропаганди: дури и вистинските синови на нашата земја, оние што навистина не ги жалат животите да ги приложат на олтарот на Татковината, често погрешно мислат дека ослободувањето на Македонија не може да се замисли без замешувањето на оваа или онаа држава. Тие се определуваат за овој или оној народ, а го забораваат својот.
Наместо да ги здружат силите во корист на својот народ и заеднички да се борат да го ослободат од ропство, тие не можат да се спогодат на кого треба да му служат.
Ние знаеме драги Костадине, дека нашата татковина се разликува по населението од една Бугарија, Грција или Србија, кои се еднонародни земји. Кај нас се настанети повеќе народности и вери.
Кај нас има Македонци, Грци, Власи, Турци, Евреи, Албанци, па и по некој Ерменец, а за Циганите да не зборуваме. Затоа ние ќе мораме да водиме сметка за тој факт и нашата борба да ја усогласиме со интересите на сите тие народности. Во турската држава владеат беговите и агите муслимани, заедно со македонските чорбаџии, на кои исто така им е добро во турската држава како и на беговите, па меѓусебно се почитуваат и ги гонат бедните луѓе.
Драги Костадине,
Јас сметам дека македонскиот народ во ваквата сегашна положба не може да се ослободи за едно востание, кога се знае дека против себе ќе ја има не само Турција туку и Европа, а да не зборуваме за балканските држави.
Јас, а и другарите од МТРК – (Македонски таен револуционерен комитет) не сме против востание, како што тоа го мислат луѓето од внатрешноста. Ние сме за востание, но кога ќе бидеме убедени дека тоа ќе успее, а не само да го изложуваме целиот наш народ на една кланица. Ние сакаме да ги жртвуваме своите сопствени, а не народни животи за создавање на услови за едно широко востание и ослободување на нашиот народ.
Ние сакаме повремено да предизвикуваме судир со турските башибозуци и со нашата крв да го свртуваме вниманието и симпатиите на „човекољубивата” Европа и да ја придобиеме во едно наше востание ако не помага, барем да не биде против нас.
И така, македонското прашање ќе може најдобро и најскоро да се реши само ако ние напредните Македонци се кренеме и постојано предизвикуваме безредија. Впрочем, нашиот спас е во револуцијата!
Затоа запознај ги нашите другари со ставот на нашиот МТРК- (Македонски таен револуционерен комитет) и шири ја неговата идеја. Кога јас ќе си дојдам, ќе имаме можност да зборуваме поопширно и да те запознам со напредните идеи на Европа. Ќе донесам со себе доста материјали, кои го објавуваме или сметаме да ги објавиме во интерес на нашата татковина.
А сега, до скоро видување. Примете срдечни поздрави ти и нашите другари од мене, вашиот искрен другар и пријател.“
Посочил: Портал Македонска Нација