1903.08.12_Daily News, поп Тома Николов – Целите на Македонците

1903.08.12_Daily News, поп Тома Николов - Целите на Македонците

За англиски новинар свештеникот Тома Николов зборува за погрешните ставови кои ги имале Турците и добар дел од европската јавност дека Македонците се бореле за припојување кон Бугарија. Целите на борбата биле Македонија на Македонците, а не за Велика Бугарија. Секој Бугарин или банда која доаѓала од Бугарија ако сакале да земат учество во борбите со Турците морале да се подредат на внатрешната организација. Наведува дека македонскиот народ нема да ја запре борбата сѐ додека не се ослободи од турскиот јарем.

„Значи, не сте за Голема Бугарија?“, го подбуцнува репортерот на Дејли њус.

„Никогаш!“, вели протојерејот со својот силен и ѕвонлив глас. „И сакам тоа да го пренесеш на својата публика во Англија. Не дека ние Македонците не сме ѝ благодарни на Бугарија. Напротив, благодарни сме за сета помош која доаѓа од Бугарија и нека ја има и повеќе. Но, Бугарија не треба да ни помага од себични мотиви. Ако постојат Бугари кои сонуваат дека Македонија ќе биде анектирана како награда за нивната помош, таквите ќе доживеат сурово будење!

Ние нема да дозволиме некој друг да ја контролира нашата борба во Македонија. Единствените вистински и ефикасни борци се Македонци. Поради тоа што се организирани локално, тие имаат познавање на земјата и теренот какво што регрути од Бугарија не можат да имаат. Ако Софија праќа луѓе, тие овде ќе бидат добредојдени само ако се вклопат во нашата домашна организација, или „внатрешната организација“, како што ја викаат во Бугарија. Да не помислуваат дека ќе имаат некоја своја власт, како што претходно некои од нив помислувале“., вели поп Николов за читателите на Дејли њус, на 12-ри август 1903 година.