Димо Хаџи Димов

Македонија не ќе се ослободи со дипломатски средства, преку надворешна интервенција, ами преку револуција и по пат на самоослободување. Тајната дипломатија на империјалистичка Европа, искористувајќи ги великодржавните територијални аспирации на малите балкански држави, ги вовлекува нив во своите игри и ги држи во потчинетост и заостанатост. По националното ослободување, ќе дојде борбата за класно и социјално ослободување

 

• • •

Бугарија е најстрасниот претендент за Македонија. За Македонците стана сè појасна и појасна мислата, дека сите мешања на официјална Бугарија во македонските работи, не се ништо друго, освен факти насочени кон цели совршено туѓи, и крајно опасни за македонското ослободително дело.

Затоа ние не мислиме на Бугарија. Но ќе си ја чуваме Македонија.

И вие не мислете на Македонија, туку чувајте си ја Бугарија.

Освен тоа, потребно е кај бугарскиот граѓанин, да го всадиме истото сознание, за да може еден ден да ја впери својата тупаница кон своите гробокопачи, и да им каже дека треба да се занимаваат само со Бугарија како со своја куќа, а не и со Македонија како со туѓа куќа.

 

• 1902 – ‘Македонското прашање и учителот’, Ќустендил •

Во моите очи Бугарија е најголемиот и првиот виновник за нетрпеливоста меѓу балканските народи, и следствено, најголемата и прва пречка на балканската солидарност. По нејзината жед за Македонија сите интриги на нашите соседи, сета нивна злоба, сите вештачки пропаганди во Македонија се најприродни и неотстранливи. Еден Фирмилијан (српскиот владика во Скопје) е можен само по докажаната заинтересираност на Бугарија кон Македонија. А европскиот дипломатски свет секогаш може да им даде еднаква поткрепа на две спротиставени балкански држави штом се работи за тоа да ги имаш нивните штикови на идно располагање… Првиот и најголемиот виновник за ова, повторувам, е самата Бугарија.

Каков став можеме да заземеме ние кон волчешкиот македонски апетит на денешната бугарска држава? Можеме ли ние да сочувствуваме на нејзините завојувачки замисли кои ги фрлија широките народни слоеви во најголема мизерија и очај? Можеме ли ние да гледаме ладнокрвно кон нашите државници со нивната бесна жед да ги рашируваат пределите на Бугарија, да обединуваат некаков бугарски народ, фрлајќи ја во пропаст целата земја? Можеме ли ние да гледаме спокојно како безумни и алчни пакосници безмилосно разоруваат цел еден народ заради некаков си веќе никому непотребен историски идеал? Можеме ли ние да се радуваме кога гледаме дека заради некакви историски и етнографски права на Бугарија, таа е подложена на едно нечовечно исцедување, на едно жестоко измачување и разорување? Можеме ли ние спокојно да гледаме како високоучените професори од Вишото училиште, здружени со главатарите на бугарските политички банди и сите високопросперитетни духовници, доволно дебело плаќани „дејци“ и доволно дебело плаќани „писатели“, „апостоли“ и „борци“; можеме ли да ги гледаме спокојно како тие платени бугарски „патриоти“, најбесрамно ги лажат бугарските граѓани, на јавни мегдани, дека некакво „црковно единство“ , дека некакво „нацонално обединување“ ќе го усреќи бугарскиот народ? Може ли да не ни се грчи душата од негодување и лутина кога ги слушаме дваесет и пет годишните официјални разбојници во Бугарија, истите тие кои ја разорија и урнисаа земјата за да го потикнуваат бугарскиот народ со оружје в рака да заштите некакви црковни и национлни права? Можеме ли да бидеме ладнокрвни кога гледаме дека заради личните грижи на нашиот чорбаџилак и неговиот врховен господар се готват крвави раздори со нашите блиски соседи? Можеме ли, прашувам јас, да го гледаме спокојно сето ова? НЕ!