2021.11.04_Бугарски Хелсиншки Комитет – Во Бугарија е опасно да се изјасниш дека си Македонец

2021.11.04_Бугарски Хелсиншки Комитет - Во Бугарија е опасно да се изјасниш дека си Македонец

Претседателот на бугарскиот Хелсиншки комитет, Красимир К’нев, вели во неговата земја е опасно човек да се изјасни дека е етнички Македонец.

„Бугарија упорно одбива да ги спроведе одлуките на Судот во Стразбур и тоа е сериозен проблем. Бугарските судови не ги регистрираат македонските здруженија бидејќи не го признаваат македонскиот идентитет. Најсериозниот проблем за Македонците во Бугарија е нивното признавање“.

Хелсиншкиот комитет на Бугарија во неколку наврати регистрирал забрани за мирно собирање на Македонците во близина на Петрич и тоа од страна на самиот градоначалник на овој град.

„Знам луѓе, Македонци, кои се плашат таму каде што работат, особено тие кои работат, дека можат да бидат предмет на малтретирање од своите работодавачи и од своите колеги. Да не ни зборувам за тие кои евентуално би работеле во полиција, државна администрација. Мене ми е тешко да си замислам човек Македонец, во Бугарија, кој јавно се изјаснува како Македонец, да може да работи за бугарската држава. Мислам дека таков човек би имал многу сериозен проблем. Од таа причина, тие луѓе кои јавно се изјаснуваат како Македонци се пред сѐ луѓе кои се со самостојни извори на приход – бизнисмени, пензионери, таков тип на луѓе. Јас до сега не сум видел Македонец кој работи за државна администрација да се изјасни како Македонец“.

К’нев вели дека поради тие причини тешко е и да се открие точниот број на Македонци кои живеат во Бугарија. Поради заплашувањата и притисокот од бугарските власти многумина ниту на попис не се изјаснуваат за Македонци, иако потоа помеѓу нив тоа не го кријат.

„Има луѓе кои не сакаат да се изјаснат како Македонци дури ни во пописот на населението бидејќи се плашат дека доколку го направат тоа би можело да има некакви негативни последици. На првиот демократски попис (во декември 1992, заб. на прев.) имаше околу 10.800 луѓе кои се самоопределија како Македонци. На последниот во 2011 останаа сосема малку, малку повеќе од 1.000. Дури и да се 1.000, и тоа е факт, има такви луѓе кои се изјасниле како Македонци и тоа е еден доказ дека такви луѓе во Бугарија има“.

На пописот од 1992 година во Бугарија точно 10.803 жители се изјасниле дека се етнички Македонци. Десет години подоцна, во 2001 таа бројка се преполовила – 5.071 жител се изјасниле како Македонци. Падот драстично продолжи и во 2011 кога само 1.654 граѓани на соседна Бугарија се изјасниле како Македонци.

 

Извор: Портал Кајгана