1470_Македонците во патеписот на Џио Марио Анџиолело

1470_Македонците во патеписот на Џио Марио Анџиолело

За постоењето на Македонците како посебен народ различен од соседните народи зборува еден патопис на италијанецот Марио Дељи Анџиолело. Тој по потекло бил од Виченца, а неговиот дневник во вид на патопис е пронајден во библиотеката во неговиот роден град под реден број 382. Поголем дел од неговиот дневник се однесува на Грција, но дел има и во Македонија. Бил турски заробеник каде и го научил турскиот јазик. Напишал историја на турскиот Султан Мехмед II Освојувачот поради што од него лично бил помилуван. Џио Марио прави јасна дистинкција помеѓу Македонците, Грците, Власите, Турците. Во продолжение следи делот од патописот посветен на Македонија:

„… 8 август 1470 година. Султанот запре и конакуваше во другата страна на клисурата во едно поле, што ја претставува границата на Македонија

На 9 август преноќеваше во близината на една крепост наречена Платамон од каде што човек може да го види Солунскиот залив и градот Солун.

На 10 август, поаѓајќи од Платамон, застана и конакуваше на едно место наречено Китрос во споменатиот залив. Тука има многу солани и во близина се наоѓа голема река наречена Вардар која поминува низ Македонија и се влева во Солунскиот Залив. Во овие места има во изобилство одлични и расни коњи. Некои се донесени тука од Азија бидејќи овие места се погодни за одгледување на коњи.

На 11 август, минувајќи ја реката преку мостот, султанот логоруваше во Солунското Поле. Солун е град кој се наоѓа на многу убаво место и добро е укрепен. Има своја тврдина. Тука има изобилство храна и други видови стока, а особено кожи и волна. Исто така, тука се наоѓа и телото на Свети Димитрија и од неговиот гроб излегува масловидна течност која се препорачува за многу болести.

Тргнувајќи од Солун на 12 во месецот, султанот логоруваше на една планина, наречена Богданос и преноќеваше на нејзиниот врв.

На 13 во месецот султанот логоруваше во близина на еден град, наречен Серес, кој така се нарекувал и во древноста. Тука била погребана онаа убава физиономија на благородникот Франциско Брандолино, кој беше генерал на Свети Марко во Мореа. На 14, поаѓајќи од ова место, конакуваше во близина на Света Гора, кој се простира во должина од 30 милји внатре во морето. Оваа планина е многу високи тука се наоѓаат многу манастири на христијански калуѓери, од кои некои се Грци, други Македонци, Власи па дури и Италијанци како и од други нации, кои живеат живот на светци. Никогаш не јадат месо, а во разни годишни времиња дури и пресна риба што би имала крв. Мнозина од нив не јадат во текот на постот ништо печено и никогаш не спијат в кревет. Местото за молитви им е далеку од манастирите, таму одат сами и остануваат по 8-10 дена. А прават и многу добрини. Во сите овие манастири има чешми со прекрасна вода и посадено многу овошни дрвја.

На Света Гора и по манастирите забрането е влегување на секаков женски род, дури и на кокошка, дури и на кучка итн. А во нивните братства не примаат ниедно момче без брада. Воопшто, таму живеат свети луѓе. Но, покрај тоа Турците се многу предани на овие калуѓери и живеат со нив во мир.

На 15 август султанот замина и логоруваше на едно место, кое некогаш бил голем град наречен Филибегош (што значи земја на Филип), изграден од царот на Македонија, Филип. Тука има многу старини и на планинката се зачувани неколку пусти кули. Дури и на билото од планинката има еден подиум издлабен врз една голема карпа. На долната страна од градот е еден столб многу поголем и висок, а околу него е зачуван натпис со грчко писмо што покажува дека на ова место била шталата на Александар Велики каде што имало многу коњи, мошне поголеми од денешниве бидејќи на столбот се издлабени во природна големина потковиците на овие коњи, кои споредени со сегашните наши коњи се многу поголеми. Овде-онде се наоѓаат доста стари паметници ширум рамнината. Дури и тие се многу поголеми од денешните во нашите градови.

На 16 август замина султанот. Поминавме по една планинска долина која се вика Кавала, вртена кон морето. Тука се наоѓа теснина во која се наоѓаат две убави тврдини, едната врз планината, а другата покрај морето, а и двете се запуштени. Меѓу овие две тврдини изгледа дека имало многу убави градини со многу овошни дрвја, што сега остареле и веќе не дават плодови. На овие места се јавуваат и многу пирати кои ги напаѓаат патниците и ги ограбуваат.

Тој ден султанот застана на една рамнина во близината на една река, наречена Аква Бруна (Црна Река).На 17 август замина од ова место и залогорува во близината на една убава и раскошна крепост, наречена Бари, која се наоѓа покрај морскиот залив. Тука живеат Грци и Македонци.

На 18 август 1470 година замина, а потоа логоруваше во близина на една друга крепост наречена Мерканово. Тука еднаш во неделата, значи во неделен ден, ма голем пазар на добиток од секаков вид, како и на секаква стока т.е. на теписи и килими, на големи количества волна, железарија, а има и изобилство на жито. Тука доаѓаат и Турци и Евреи од далечни места за да купат и да продадат.

На 19 август, султанот замина од Мерканово и конакуваше во Ѓумилѓина, која е населена со Турци и Грци, Тука има храна во изобилие …“