1942.04_Априлски демонстрации против бугарскиот окупатор, Велес

1942.04_Априлски демонстрации против бугарскиот окупатор, Велес
„Не ги даваме синовите во бугарската војска. Рано изутрина уште не беа дојдени бугарските чиновници во своите канцеларии, пред општината почнаа да се собираат жени од сите страни. За многу кусо време се насобраа околу 100 до 300 жени. Плоштадот беше необично жив. Жените извикуваа пароли, бараа да се престане со повикување по бугарските трудови дружини. Бугарските власти беа вчудоневидени. Не знаеа прво што да преземат. Демонстрацијата беше разбранувана. Избрана делегација од жени која отиде кај кметот за да ги изнесе причините за демонстрацијата и да бара да се престане со повикувањето на граѓани по трудовите дружини. Во делегацијата беа Ката Камчева, шеесетгодишна жена, мајка на двајца првоборци, Геоpгиеви, истакната активистка од градот и уште две-три други активистки. Тие на кметот му ги изнесоа барањата и му рекоа ако продолжи повикувањето на “трудоваци” секој ден ќе има вакви демонстрации.
Кметот побара список на лица кои сакаат да бидат ослободени со цел да бидат откриени луѓето и потоа да бидат уапсени!Делегацијата му одговори дека таков список немаат, а власта има кои се повикани. Тој не само што го одби тоа, туку и повика полиција да ги избрка делегатките од општината.Така делегацијата ѝ се придружи на масата и демонстрациите продолжија. Службениците на кметството при првите извици на жените се скрија и се заклучија по канцелариите. Останаа таму додека пред кметството не дојдоа вооружени полицајци и агенти.

Бугарската полиција се обиде да ги растури демонстрантите. Со пендреци и кундаци се нафрлуваа по жените. Тие ќе се позасолнеа додека ги бркаа, но пак излегуваа и пак извикуваа пароли.

Во сеќавање ни е еден случај на демонстрациите. Кога нѐ растураа меѓу нас имаше и еден младинец од турското малцинство. Полицијата го фати и кога почна да го тепа, така бездушно што младинецот беше премален. Сакаа да го носат и во затвор. Кога го видоа тоа, жените се нафрлија на полицајците и го засолнија детето.

Се демонстрираше цел ден. Демонстрацијата заврши дури вечерта. Но по улиците и домовите не стивнуваше. Собрани по пет-шест велешани долго дискутираа за настанот. Немаше граѓани што не ги осудуваат бугарските окупатори.

Велешката партиска организација поведувајќи ги жените по градот против мобилизација што ја вршеше бугарската окупаторска власт, истовремено упати повик до сите мобилизирани да станат дел од редовите на тогаш формираниот одред во месноста Лисец. На oвој повик од Партијата се одѕваа повеќемина. Meѓу нив се и првите жени – партизанки: Нада Бутникошарева, Родна Ивчева, Нонча Камишова, Благојка Џалева и други. Повеќето од нив херојски загина во нерамната борба со окупаторот и неговите слуги.“

Посочил: Портал Антропол