Уништете го подобриот од вас!?

СОГЛЕДБИ - ВОВЕД

Македонска клетва, судбина, синдром или пркос.

Напредокот во секоја област се должи на исклучителните способности, знаења, идеи кои ги поседува исклучителниот поединец. Ако тие исклучителни поедници се сплотат, здружат, енергијата се мултиплицира и допринесува за општ и целосен развој на заедницата.
Дали ние ги препознаваме исклучителните поединци, личности со посебни способности, личности чии идеи и ставови се најподобни, нудат брзи решенија за постојните проблеми, брзо размислуваат, уште побрзо делуваат и постигнуваат максимални резултати?
За жал реалноста кај нас е спротивна. Принудени да се покоруваат на моќта на просечни или подпросечни поединци, поставени на врвот под сомнителни околности, кои одработуваат на подземјето заради свои претходни незаконски дејствувања, заслужни само затоа што се обезбедиле со партиска книшка, или припаѓаат на семејство со звучно презиме – династии на кои како во наследство им се пренесува владеењето и власта, успешниот поединец или се повлекува настрана или бара спас надвор од заедницата. Ние не сметаме дека ова е оправдување на исклучителниот поединец. Наместо да се бори за своето заслужено место, да пронајде други личности слични на него во заедницата и заедно да се спротивстават на просечноста, го избира најнепопуларното решение – повлекување.
Со тоа што просечните се на врвот, ние останатите не ги воздигнуваме нив, туку напротив, тие остануваат на скалата на која припаѓаат , а ние обичните смртници, пропаѓаме надолу, кон дното и испод дното. Резултат на овие процеси е деградација, уништување и хаос во целиот систем.
За да се спречи понатамошното пропаѓање, една од заложбите на Македонска Национална Академија е препознавање, презентирање, потикнување и помагање на овие исклучителни личности кои од некои необјасниви причини не се таму каде што треба да бидат.
Ние како Македонска Национална Академија ќе се залагаме уште од најмали нозе, да се препознаат склоностите на секоја личност и да се насочат на правиот пат.
На сите музикални деца да им се обезбеди музичко образование, на сите талентирани спортисти да им се обезбедат најдобите услови за постигнување на максимални резултати, талентираните математичари да учат и работат под надзор на најдобрите во својата област, талентот кон природните науки, литература, странски јазици да се препознае и искористи уште од најрана возраст. Целата заедница да се насочи кон подршка за развојот на секој исклучителен поединец. Личноста која добива подршка од пошироката заедница е мотивирана да постигне уште поголеми резултати, а во исто време и благодарна заради укажаната можност да се реализра, многукратно и враќа на заедницата.
На најдобрите да им се остави право на избор – самите да избираат каде, во која институција, во кое место и на која позиција сакаат да работат. Со тоа тие и самите ќе остварат значајни резултати и заедницата ќе има најголема полза од нивното делување. Дури и ако изборот е усовршување во странство, обврска на поединецот на биде по завршување на образованието, обуката, специјализацијата во странство да се врати во Македонија и тука да ги оствари своите професионални успеси.
Наместо најдобрите наши умови да ги сервираме , да ги подаруваме на другите , да се создадат услови тие самите да сакаат да останат во Македонија, да бидат среќни, успешни тука од каде што и потекнуваат. Во спротивно крајот ќе ни биде многу брзо, крај во секој поглед.
Ва наредниот период ќе презентираме исклучителни личности од Македонија, успешни приказни, докажани професионалци, ценети и почитувани во својата професија, признаени во Македонија и во светот, со неоспорни резултати , позитивни вредности кои треба да се негуваат и почитуваат, личности кои треба да служат како пример на идните генерации, личности кои безусловно ја сакаат Македонија.
Наместо ,,уништете го подобриот од вас” , мотото на делување да ни биде ,,препознајте го подобриот од вас и помогнете му да биде уште подобар,”.
Став на Македонска Национална Академија