ПО ПОВОД ЗАКАНИТЕ ЗА УПОТРЕБА НА НУКЛЕАРНО ОРУЖЈЕ

Вероучение - Поука 01

Сметаме дека употребата на нуклеарно оружје е со толку ужасни последици што не треба никој никогаш да го спомене. Тоа треба да биде табу тема. За тоа не само што не треба да се зборува, не треба ни да се помислува.
За ова прашање воопшто не ни се допаѓаат предупредувањата од руска страна дека имаат намера да го употребат. Бори се со сите свои сили, дури и да изгубиш и да бидеш поробен со стотици години пред да се ослободиш, подобро е отколку употреба на нуклеарно оружје.
Нуклеарно оружје треба да се споменува само како аргумент за одвраќање од непријателски нуклеарен напад.
Затоа што штом се споменува можноста од негова употреба, дури и како блеф закана, тоа значи дека се помислува. Штом се помислува, тоа ќе премине во размислување. А штом размислува едната за истото ќе размислува и другата страна. Така што меѓу нив ќе дојде циклус на раст на заканите, што ќе доведе до исилување кога ќе треба или да се употреби, или барем едната страна да потклекне и да не ги оствари своите закани.

Ние Македонците како народ бевме поробени со векови. Но издржавме, еве нѐ имаме своја политичка заедница, македонска држава. Таа каква таква опстојува 30 години и ќе опстои и покрај сите напади. Така што и Русија ако има квалитетна национална суштина, дури и кога би била во дефанзива извесен период на време (како на пример за време на т.н. ‘руски матни времиња’) никој не може да ја уништи. Заканите со нуклеарно оружје се непотребна лудост и показател на слабост.

Господ нѐ учи победувајте го злото со добро. Првата Црква од првите векови имала најголем успех поради тоа што најмногу биле спремни за саможртва. Колку повеќе гинеле толку повеќе Црквата – заедницата на верници – христијани, се ширела.
Христијаните, Римското Царство го измениле од внатре со својата добрина, без физичко спротивставување.
Овие неодговорни закани дека ќе се употреби нуклеарно оружје, носат огромен ризик дека ќе доведат до негова стварна употреба. Но едно е кога од далеку се зборува и заканува со можност, друго е кога со тие закани ќе се доведе до безизлезна ситуација и не дај Боже кога ќе треба да се доживее таа апокалипса.

Заканите со нуклеарно оружје од страна на руското политичко раководство значат слабост и како такви не влијаат позитивно на самодовербата кај сопствените воени сили. Треба да се вели – ние сме силни и без нуклеарно оружје да се соочиме со сите предизвици. А ако некој друг мисли да го употреби тогаш и ние би го употребиле во самоодбрана -.

Ако било која држава употреби нуклеарно оружје макар и со најмала сила и просторен обем, тогаш со сигурност, истото ќе биде употребено и од другите поседувачи на нуклеарно оружје. Прилагодувајќи се на такви политички услови по логичен редослед на нештата, силата и обемот на ударите само ќе расте. Преседанот во колективната свест на човештвото, нема да може да се врати.

Сигурно и мора да постои друг начин за соочување со западниот повеќе не национален. туку корпоративен империјализам. Ако вака се продолжи со исилување ќе се заврши со стотици милиони погинати. Потоа и да се отрезни човештвото, малку фајде од тоа. Планетата никогаш нема да биде иста. Она кое е најнормално престојување во природа, ќе стане опасно за здравјето. Идните поколенија, никогаш повеќе нема да имаат нормални природни услови за живот.
Доколку човештвото не се научи како да се соочи со сопствените моќи, последиците ќе бидат незамисливо катастрофални. За да не го доживееме тоа незамисливо време, од секој човек на сите страни треба да се повикува и апелира за отрезнување.

Македонска Национална Академија (авторски напис)

«==== ⁕МНА⁕ =====»
Оддел: Национален
Предмет: Политика
Тема: Геостратешки проценки
-----------------
Датум: 30 Листопад 2022
објава: ВБТМФБ-СМ2,СЗ_104-461
«==== ⁕МНА⁕ =====»