Историска комисија за политички прашања или политичка комисија за историски прашања!?

Креации со МНА ознаки

Некако сѐ е јасно, а сепак заматено. Наводно, се создаде мешовита Историска комисија за решавање историски прашања во политичките односи меѓу двете држави, Бугарија и Македонија.
Всушност, јасно е како ден, дека двете држави, односно, тековните власти во двете држави, создадоа Политичка комисија од историчари за решавање на историски прашања. Зашто, колку и да се стручни членовите на комисијата, сепак, имаат политичка задача. Прво да се „истурка“ Договор за добрососедство со чиста политика, под силен притисок и однадвор, а потоа, наводно, во склад со него, Комисија за усогласување на ставовите околу историските прашања и „заедничката“ историја. Од бугарска страна, често нагласуван проблем е „омразата“ на Македонците кон Бугарите“, иако истите не признаваат Македонци и македонски идентитет, на крајно бескрупулозен начин го негираат македонскиот идентитет на буарски државјани кои се изјаснуваат како Македонци, а ваму, омраза кон Бугарите во Македонија.
Сосема е отсутна каква било омраза кон Бугарите во Македонија или таа е присутна кај странични поединци и групи кои, пак, се предизвикани од негаторскиот однос, не на Бугарите, туку на бугарската власт кон Македонците, кон македонскиот јазик и култура, како и кон македонската национална определба, воопшто. Всушност, насилно се создава состојба на проблем меѓу двата народа. Кому тоа му одговара? Ниту на Македонците, секако ниту на Бугарите. Се оди дури дотаму, да се преземеле дејства за спречување на вакви или такви пројави по друштвените мрежи кои, пак, се препукувања меѓу поединци или групи од двете страни подгреани од делувањето на политичките врвови во двете држави и нивните нелогични, односно, неприродни ставови кон определени очигледни, јасно видливи и докажани прашања. Се добива впечаток дека некои „врвни“ политички фигури и тела имаат амбиција да ги контролираат, дури и изразите кои се употребуваат во разговори и препирањата “пред порта”!!? На што спаднале денешните политички односи и политиката воопшто?

Од двете спротивставени страни (ова условно, зашто нема спротиставени страни, туку само политичка игра и амбиции на политичките врвови) првата е членка на Европската заедница, другата кандидат. Првата е повластена европска членка, втората е доведена во недоследна положба, со силен притисок од соседите, чиј грб е „џинот“, Европска заедница. Доколку се говори за некаква рамнотежа на силите, Македонија и Македонците се ставени во положба на Давид и Голијат а, притоа, Давид е, речиси, сосема голорак. Во  вакви услови решението се гледа во усогласувањето на ставовите по историските прашања кај членовите на двете страни на Комисијата, која се нарекува Мешовита. Додека помоќната страна не отстапува ниту милиметар, притисокот е врз послабата страна да прифати 30 страници барања или услови од помоќната страна.

Сето ова, воопшто не личи како постапка на зрели луѓе. Заедничка историја, заеднички историски личности, заеднички историски настани, заедничко славење – точно, ама дали се смета заедничка историја и онаа историја на стрелање Македонци од бугарска војска и полиција (Ваташа, Кавадарци, Дабнички Завој, Прилеп), ѕверско измачување, сечење делови од телата (Мирче Ацев, Страшо Пинџур), сечење глави на борци за Македонија и играње фудбал со нив (Пецо Крстески Даскалот од селото Долнени, општина Долнени)? Може ли тоа да се избрише од минатото? Може да се каже само да не се повтори. Ништо друго, толку е едноставно!!! И, може соодветниот и да се покае и, барем, да се извини, за страшните злодела направени во определени политички и историски услови!
Место, човечки, се соочуваме со политички присилувања за отфрлање на некаква непостоечка омраза, за отфрлање на определена изразност, која за жал, е сосема на место. Па, може ли да се отфрли неколкугодишната соработка со фашистичка Германија за време на Првата Светска војна и кому му е тоа од корист? Историчарите, особено врвните, треба да се занимаваат со историја, со историски докази и документи, со нивно објаснување и толкување, не со политика. На овој начин изгледа како да се изманипулирани, односно, искористени од определени политичари со амбиции за решавање на историски прашања. Историски прашања не се решаваат со политички амбиции, туку со историски документи и аргументи, никако поинаку. Особено не треба несериозно да им се пристапува на учебниците, зашто преку нив се образуваат најмладите. Зашто поинаку поимот „образование“ добива значење на поим „манипулирање“ или „индоктринација“. Од друга страна, амбициите на странска држава, односно, на странска власт и странски политичари за менување на содржини во учебниците на друга држава, во крајна линија, е некултурен однос, иако заслужува многу погруба определба.

На крај, иако ги почитуваме историчарите, особено оние кои сериозно ѝ пристапуваат на својата определба, сметаме дека како политичари „не ги личи“, односно, за нив тоа е загубено време, освен, ако не се спрегнати во политика, со политички должности. Вака, споменатата Историска комисија за решавање политички прашања и несогласувања меѓу двете држави, Македонија и Бугарија, всушност, посодветно е да се нарече Политичка комисија за решавање историски прашања. Верувам дека продолжувањето на овој начин на разговори за историски прашања со амбиции на менување на историски содржини и изрази, кои цврсто „легнале“ на своето место во текот на десетлетијата нананзад ќе им дојде преку глава и на други членови на споменатата Комисија, не само на почитуваниот д-р Ванчо Ѓорѓиев, и не само на членови од македонскиот дел на таа Комисија. Всушност, навистина е интересно прашањето дали бугарскиот дел од неа ги признава своите колеги од Македонија како Македонци или некако поинаку и дали не провејува понижувачки однос од едната кон другата страна, како што е горкото чувство од понижувачкиот однос од страна на политичкиот врв на Бугарија кон нас, Македонците, со често, крајно негаторскиот однос, кон нас како Македонци и, воопшто, кон македонските основни вредности.