1892+ « 1952.08.11_Илинденски сведоштва – Милан Гагов, Струга

Сведоштва на Илинденците за делувањето за Македонската Револуционерна Организација во борбата за самостојна и независна македонска држава.

„… Биографија

за работата и дејноста на Милан Гагов од гр. Струга пред и за време на Илинденското востание.

Како пушкар (ораженик) во Струга во 1897 год. бев покрстен во организацијата на централна Македонско-одрински револуционерен комитет (Ц.М.О.Р.К.) од Профир Пајн учител од гр. Струга. И како пушкар бев задолжен да купувам оражие, пушки и др. патрони, празни чаури, капсели, барут, фабрикување куршуми и оснивавне работилница се со наш алат за полнење патрони (фишеџи) и отворивне канали за снабдевање на горните материјали од Корча преку Лабуништа турци кој работја како бозаџии и контрабандисти за носење на патрони, разни чаури и капсели, во Елбасан со браќа Илче и Горше Кочеви за носење пушки и патрони со шпатарци и власи фршали кој ги носеа до с. Вишни – Струшко, а ние ги носехме до Струга. Со мајстори Албанци кои одеја да работат во Албанија – Гаково носеја разни зривни материјали и истите јас тие материјали ги предавав на Лука Групче од Охрид. Со овија материјали ги снабдевавме струшката околија и Охрид. Од 1900 год. навамо бев како терорист на раздавање облигации и снабдување на организацијата со пари. Бев соучесник во 1900 год. на егзекутирање од 6740 гроша значи околу 70 наполеони златни а по нареждање на Организацијата. Во 1901 год. бев во формирањето на првата дримколска чета во Струга од 5 души на чело со војводата Тале Горанов и како курир ги спроведував во с. Вишни. Во 1901 год. при купувањето на 25 ока барут од Арнаути, бев предаден на турските власти а барутот за пет минути не се фати и успеав да го прикријам каде Јакимица Санџакова во Стуга и од тука организацијата го прими и го укри на др. место. Со ваквата своја работа бев затворен и осуден на 10 години затвор од битолскиот суд но след 22 месеци одлежани во битолскиот затвор дадоа општа политичка амнестија во месец Март 1903 година и бев ослободен од затворот. За цело ова време ме издржваше организацијата. И пред да бидам ослободен од затворот познати турци затвореници ме саветуваја да се вардам зашто ќе ме убијат. След ослободувањето од затворот почнавме пак да работиме за организацијата по-спремно и по-силно. На 19.VII.1903 год. стар стил излегов како востаник со лична своја четничка спрема на која ми беше поверено од организацијата Струшкото востаничко знаме и за прв пат после долго ропство беше развиено во горите и планините на Караорман које денес се навоѓа во Софискиот музеј занесено од струшките емигранти през 1918 год. Во 1904 год. бех назначен од организацијата за градски војвода, но това трај неколку месеци после заминав во странство во Романија. Во 1906 год. бех тешко ранет од турските власти и по случај одвај куртулих. Значи на кусо до 1912 год. четири пати влегов во затвор како политички затвореник и то: 1) од 1901 до1903 год. во битолскиот затвор, 2) 6 дена не иследван во 1905 год. во Охрид, 3) 50 дена пак во затвор не иследван од турските власти во Охрид и после ослободен, 4) во 1912 год. во Балканската војна, при носење во Битола, башибозуците направија 4 убиства од нашата група и ги убија Крсте Калајџи, Ламбуша Нестор, Ираклија Филипче и еден бербер од Охрид на кому името не му го знам. Три пати бех обстрелван од турските власти, неколку пати паднат на турски заседи и три пати имам затворано дуќанот на основа горните наводи и т.н. Турците, тогашните органи на власта ми велеја по турски: „бис билерас сис снс, гундус курали геџес силалли ама јок нејапалам!” значи: дење со кулавката покорна раја, а ноќе со оражието во рака. И досега што сум останал жив до овје години то е една случајност. Тија се куси наводи од мојата работа во организацијата и Илинденското востание. …“

Извор: Вечер Печат