1888 « 1922_Спомените на Исаија Радев Мажовски, Софија

“… Многупочитувани господа, Македонскиот старословенски народ уште пред 2.500 години е доведен во Македонија од цар Каран, кој како цар Филип и цар Александар бил чист словен. Не повеќе од 500 години поминаа откако Македонија и македонскиот стар словенски народ се потиснати и се наоѓаат под тешкиот турски јарем. Ние, клетите Македонци, офкаме и плачеме, но никој не сака да не чуе, дури самите наши браќа ни пречат. Браќа Словени, Македонскиот словенски народ е окружен од најлути и отровни змии …”

 

Говор на Исаија Мажевски на парабродот „Рицар“

„Многупочитувани господа и словенски браќа,
Дознавме во нашиот крај во Македонија, во Дебар и Кичево, за големиот радосен настан – 900-годишнината од покрстувањето на братскиот руски народ од големиот руски кнез св. Владимир и се подготвивме неколкумина од нас да дојдеме во словенската голема Русија за да присуствуваме на овој свечен голем руски празник, но за голема жал не можеме да добиеме паспорти за Русија. Но јас се осмелив и решив да дојдам сам и народот ќе ме испрати со солзи на очи, сожалувајќи дека повеќе луѓе не можат да дојдат во Русија. Јас решив, повторувам, и тргнав ноќно време и цели 30 дена одев, криејќи се од прогонувањето на Турците, и најсетне успеав да дојдам во славна словенска голема Русија. И многу повидни од мене лица од словенска Македонија имаа желба да дојдат во голема братска Русија и да присуствуваат на свечениот празник на 900-годишнина од покрстувањето на рускиот голем братски народ, кој е надежта на сите поробени словенски народи, но не смееја и се плашеа да дојдат, зашто добро знаеја дека ќе бидат фатени и испратени во азиските пустињи.
Многупочитувани господа,
Македонскиот старословенски народ уште пред 2.500 години е доведен во Македонија од цар Каран, кој како цар Фили и цар Александар бил чист Словен, не повеќе од 500 години поминаа откако Македонија и македонскиот стар словенски народ се потиснати и се наоѓаат под тешкиот турски јарем. Ние, клетите Македонци, офкаме и плачеме, но никој не сака да не чуе, дури и самите наши браќа ни пречат.
Браќа Словени,
Македонскиот словенски народ е окружен од најлути и отровни змии, тој се дави и се измачува од најлути и неумоливи ѕверови. Доволно е некој маж, некоја жена или пак некое дете само да спомене за велика Русија, па веднаш да биде тепан, понижуван во верата и е наречуван Москов ѓаур. Од друга страна, кај нас во Македонија се намножија протестантите и католиците, кои се обидуваат на секој начин да не направат протестанти или да не покатоличат. Во вашиот Дебар имаме егзархиски намесник-архимандрит, но и тука ни завидоа непријателите. Така, на пример грчкиот владика ги поткупи турските ѕверови и ги натера да го убијат. Не, колку да ни е тешко, ние го поднесуваме, плашејќи се да не паднеме под австриски јарем.
Браќа, руски Словени
Цели петстотини години станаа веќе откако целиот македонски народ и целата негова земја се опфатени од црни и мрачни облаци кои не ни даваат можност да ја видиме сончевата светлина и да го користиме нејзиното благотворно дејство. Само слушаме дека некаде има и грее големо и светло сонце, но очите на македонските Словени него не го гледаат. Нашата најголема надеж е велика Русија, од неа чекаме спас и да не избави. Русија, која ги спаси Грција и Србија, која ја избави Романија и словенска Бугарија, еден ден ќе ја претегне раката и кон несреќниот македонски роб и ќе го спаси, подарувајќи му слобода.

Браќа руски Словени,
Ние кутрите турски робови, македонските Словени, деноноќно го молиме севишниот Господ и нашиот спасител Исус Христос да му даде здравје и долг живот на Негово величество рускиот император – единствениот силен заштитник на сите словенски народи, ние го молиме Бога да му даде здравје и долговечност на целото руско возвишено царско семејство, ние го молиме Бога да му даде живот и здравје на целиот руски православен народ, ние несреќните сакаме да задува рускиот силен ветар и да ги распрсне темните и мрачните облаци со кои е обвиена поробена Македонија. Ние го молиме Бога да им подари сила и крепкост на руските храбри орли, да летнат во воздух и ја покријат цела Македонија, да ги претераат лутите змии и беспоштедните ѕверови, за да ги скршат вековните тешки железни пранги, да ја ослободат вековната турска робинка Македонија.
Да живее велика и силна Русија! Нека сјае руската златна круна како сонцето на небото во веки веков амин!“