Крсте Петков Мисирков

• 1923 списание ‘Пирин’, статија ‘Македонска Култура’, Софија •

 

• Македонска култура, “Миръ”, XXX, 7155, 19.IV.1924, 1. •

Еден цитат од Крсте Петков Мисирков за македонската национална култура и свест и за посебноста на македонската земја.

“Велам, за среќа, има македонска национална култура и историја, зашто тој факт го вооружува македонскиот народ со непобедливо оружје во неговата борба за човечки права и за слободен национален живот како рамноправен член во бројот на културните народи.

К. Мисирковъ – македонецъ”

 

•  •  •

•  •  •

 

•  1925.03.25_Крсте П. Мисирков – ‘Мир – Самоопределувањето на Македонците’ •

Свеста и чувството дека сум Македонец треба да стојат повисоко од сè друго на светов. Македонецот не треба да се слева и да се обезличува живеејќи меѓу Бугари и Срби. Ние можеме да ја констатираме близоста на српските, бугарските и македонските интереси, но сè треба да биде оценувано од македонско гледиште.”
– Крсте Мисирков, ‘Самоопределението на македонците’, „Мир“ 7427, 25.3.1925

Други извадоци од написот:

 

..национално обединување на Македонците (прикриено) под бугарска маска..
1903_К. П. Мисирков – ‘За Македонцките работи’, с71

 

• 1925 •

„… Македонското национално чувство и национално сознание е толку старо, колку и „бугарското“ и српското, и бидејќи не е создадено од Егзархијата за 40-50 години, исто така не може да биде ни уништено со 40-50 годишен српски асимилаторски режим …“

 

Ние не сакаме туѓо, а си го браниме своето

Со народниот јазик ние ја освојуваме психологијата на нашите татковци и предедовци и стануваме нивни духовни наследници, како што сме со снагата нивни телесни продолжувачи. Ако се однесуваме со презир кон народниот наш јазик, ние само им враќаме со неблагодарност на нашите родители за сето нивно духовно гледање и воспитание.

Ние имаме и право, освен долгот, да го браниме нашиот јазик и тоа право ни е свето. Секој што го напаѓа нашиот јазик ни е исто таков наш непријател како и напаѓачот на нашата вера. Верата и јазик – тоа се душата на еден народ, со изменувањето на кои еден народ прави коренен душевен преврат: тој се откажува од сe поранешно и зема сe ново. Тој коренен преврат, ако станува постепено во текот на цели векови не е опасен, зашто едни делови од него се однесуваат за едни поколенија, други за други поколенија, така што едни делови преминуваат по наследство, како народно наследство, и само некои се нови. Тој коренен преврат не е опасен само ако е резултат од самостојното развивање на народот.

Но ако еден народ ги изменува својот јазик и својата вера во едно кусо време и под силно туѓи влијание, самиот без свест однесувајќи се кон таа измена, тогаш тој се откажува од самиот себеси и од неговите интереси и се предава и себеси и нив на еден посилен народ, којшто ќе постапи со него и со нив како што ќе му биде потребно; Значи, да се откаже еден народ од својот јазик значи да се откаже тој и од самиот себеси и од своите интереси; значи да престане да гледа на себе со свои очи, да суди за себе и за другите со својот ум и разум, а да чека укажување за сe отстрана. Еден народ што си го загубил својот јазик личи на еден човек што си го загубил патот и не знае од каде иде и на каде оди и којшто не знае зошто оди ваму, а не онаму или таму. Колку во поскоро време еден народ го изменува својот јазик, толку поопасна и очајна е неговата положба.

Опасноста што го загрозува нашиот народ и неговите интереси од страна на пропагандите, коишто ги употребуваат сите и дозволени и недозволени средства за да го исчистат од Македонија нашиот јазик и со него нашите духовни интереси и да ги насадат на нивно место нивните јазици со нивните духовни интереси не само што нe задолжува нас, но и ни дава полно право да ги употребиме сите и дозволени и недозволени средства за да го зачуваме нашиот народен јазик и со него нашите народни интереси. Притоа ние не сакаме туѓо, а си го браниме своето.