1928.04.28_Весник ‘Хрватски лист’ – Хрватите и Македонија! (пренесено)

„… Што сакаат Македонците… тие тврдат дека се одделен народ со сите етнолошки посебности и особености, и тие тоа постојано го истакнуваат во својот печат којшто излегува во туѓина, како и своите политички и национални стремежи, коишто сите ние треба да ги прифатиме како оправдани. …“

Написот за состојбите во Македонија во 1928 г., е напишан по повод инспекциско патување на Словенецот Антон Корошец, Претседател на Владата на Кралството СХС. Написот е објавен во весникот „Хрватски лист“ на 28 април 1928 г., а подоцна е преземен од други весници низ Балканот.

Хрватскиот авторот на овој напис, уште во самиот вовед заклучува:

„… Македонското прашање може да биде разрешено само преку задоволување на националното право на Македонците — кога и ќе исчезне политичкиот Гордиев јазол во Македонија …“

Авторот понатаму сепак напоменува дека методот на дејствување на Македонците е радикален и подрастичен од другите сепаратистички пројави во Кралството, со сестрана пропаганда и политичка организација од најшироки размери, но дека сето тоа е „реакција на акцијата да се сопре националното воскресение на Македонија и македонскиот народ“, бидејќи:

„… Проблемот околу политичката и националната предодреденост во Македонија не ќе се разреши ниту со најстрашни полициски мерки, ниту со затворање на новинари, ниту со прогонување на месното население и паралелна внатрешна колонизација, ниту со менување на презимињата со наставката -иќ, ниту со политичката борба меѓу партиите за што повеќе приврзаници и злоупотребите потоа.

Се знае дека Македонците прецизно го поставуваат своето политичко барање во однос на Македонија, а тоа, на прво место, е да се признае нивната национална посебност.

Ете затоа прашањето за Македонија е еден голем национален проблем, кој е во спрега со административното уредување на државата. Само ако разумно го поставиме државниот интерес над извесни национал-шовинистички кругови нема да ни треба нов Александар Македонски, бидејќи во Македонија повеќе нема да постои овој Гордиев јазол. “