Nikola Pushkarov (1919)

You, Macedonian, do not listen to them because their words are
deceptions. The Balkan monarchies know very well the price of
your land. They are not fighting for your wellbeing or for your
freedom; instead, they are fighting for the wealth of your land
and your enslavement.

Stand under the flag of autonomy because only under this flag
will you fully develop as a nation, and only under that flag will
they not beat you because you don’t want to be a Greek, Serbian
or Bulgarian, but rather you want to remain simply Macedonian.

 

„СТОПАНСКОТО БОГАТСТВО НА МАКЕДОНИЈА И НЕЈЗИНИТЕ СОСЕДИ“

„Сите соседи на Македрнија се нејзини доброжелници. Секој oделно со сите средства настојува да им го внуши на Македонците своето значење на спасител. Дури до колку населението на Македонија се  посомнева во искреноста на несаканите ослободители, последниве со меч му го докажуваат спротивното.

И секој од соседите го оспорува правото на другиот да биде ослободител.

И во овој спор поведоа војни, со години војуваа соседите помеѓу себе за да го изборат правото на ослободители на Македонија. Ги заморија трите соседни народи, а македонскиот народ скоро го истребија. Војните се свршија, бидејќи народите сфатија дека ослободувањето на Македонија се претвори во огромно зголемување на капиталите на патриотарите за сметка на народната крв и пот.

Денес уморните народи, наежени од страшните патриотски дела на патриотарите бараат наплатување на лагата, за страшната лага што ги фрли во крвави расправии. Но, патриотарите на соседите не се очајуваат, тие создадоа бироа од платени луѓе кои ги задолжија со простени и  непростени средства да ја докажуваат најтесната припадност на Македонија кон „татковината” на нивните патрони. Тие го нарекоа населението на оваа несреќна земја ту „бугарогласни Грци”, ту „Македонски Словено-Срби”, ту „браќа од зад Рила”.

Но, која е таа несовладлива сила што не им дава мир на овие луѓе. дури и тогаш кога самиот македонски народ им изјавува дека не ја сака нивната слобода? Ако вистината се побара без предубедување, ќе се види дека тие луѓе се еден грст капиталисти и платени нивни агенти или дворски камарили, кои ја крепеле својата власт и ги оправдувале ограбувањата со ослободувањето на Македонија. Тие не се никакви претставници на своите народи. Во своите земји тие се најголемите мракобесници,  ги поддржувале најцрните режими за да ги држат народите во ропска потчинетост. Со сите свои дела тие најкатегорички докажаа дека нивната цел не е слободата на Македонија. Неодамна погребаниот Балкански сојуз јавно беше склучен за распарчувањето на Македонија, за трајното заробување на Македонецот. Денес Срби и Грци (Бугарите ја немаат таа можност) поткупуваат, лажат, просат, заплашуваат само за да можат да земат поголемо парче од телото на Македонија. Дали такви треба да бидат вистинските доброжелници? Не, сетете се на вистинската мајка пред судот на Соломон – кој од нив ќе рече: „Се откажувам од Македонија, само оставете го нејзиниот народ целосен, нераспарчен на делови, да живее свој самостоен живот”? Напротив, откако патриотарите на соседните држави направија да испоумрат стотици илјади храбри и за живот способни луѓе заради проширување на печалбите на интернационалниот капитал; откако на најжесток начин го истребија повеќе од половината македонското население, за да и ја подвлечат на останатата половина својата „ослободителна” улога, продолжуваат да не уверуваат дека Македонија е сиромашна земја, дека нејзината земја се состои само од варовити ридишта и дека никаква лична полза не наоѓаат освен доброто на Македонија.

Ти не слушај ги Македонче, бидејќи нивните зборови се лага. Тие многу добро ја знаат цената на твојата земја. Тие војуваа не за твое добро, не за твојата слобода, туку за богатствата на твојата земја и за твоето поробување.

Каменита е Македонија, голи се нејзините варовити ридишта, но таа има долини и котлини, кои по својата плодородност и по разнообразноста на културите им нема рамни. Долините на котлините раѓаат пченица, афион, сусам, ориз, лен, коноп, памук, а ридиштата даваат грозје, тутун, маслини и овошја. Благодатната клима на Македонија ги чини дури високите падини на планините погодни да раѓаат жито и гројзе чиешто вино уште од времето на Марко Крале толку скапо се цени. А тутунот на тие голи варовити ридишта се цени по целиот свет поради неговиот пријатен аромат. Планините се голи, но тие некогаш биле шумовити, а неразумниот владетел на Македонија ги уништил за да се зачува од комитите. Одново шуми како зелени венци ќе ги украсат белите врвови на планините и ладно ветре ќе дувне оттаму и уште поголема плодност ќе ги украси долините, кога вистинскиот домаќин на таа измачена земја ќе стане нејзин стопан.

Тогаш неисцрпните земни богатства на Македонија ќе бидат разработени, за кратко време ќе исчезне мизеријата на од сите ограбуваниот македонски работник. Зашто македонските планини во себе кријат многу рудни минерали, но тие досега останале скриени или пак биле експлоатирани на несовесен начин. Големи базени од јаглен се уште нечепнати го чекаат својот домаќин со негова помош да развијат една голема и многустрана индустрија. Силата на македонските реки, која може да ги движи сите машини на најразвиена индустрија исто така не е искористена. Македонските пристаништа откриваат широк излез за скапите производи на македонската земја.

Богатствата на Македонија се тие што прават патриотарите на нејзините соседи да лудуваат од „патриотизам”, да горат од желба колку што може поголем дел од живото тело на Македонија да откинат за себе, да го „ослободат”, т.е. да му ја одземат можноста на Македонецот сам себе да се управува.

Но ти чувај ја земјата своја, Македонче, од лажните добри желби на тие луѓе. Тие ти носат ново ропство, потешко од старото. Твојата земја е наполно способна за самостојно постоење. Таа има се, и тоа во најголем размер, за да образува одделна држава. Сплоти се околу знамето на автономијата на твојата татковина, зашто само под тоа знаме нема да те тепаат оти не си бил Грк, Србин или Бугарин, туку просто Македонец.“

Бюлетин бр. 8 (19. VII 1919), стр. 7-8.