2014.05.19_2014.05.19_Димитриј Јоану – грчките власти ги крадат нашите гласови

Имаме докази дека грчките власти на секои евроизбори ги крадат нашите гласови. Според Јоану, станува збор за човек кој на сите изминати избори бил сведок на крадењето гласови. Истиот тој сега е подготвен да ја каже вистината пред надлежните институции

– На секои ЕУ-избори, буквално, грчките власти го активираат својот механизам за бришење, односно крадење на нашите гласови, за да прикажат дека сме малку и незначајни – вели за „Дневник“, Димитриј Јоану, член на претседателството на партијата на Македонците во Грција, Виножито, и главен уредник на списанието „Нова зора“. Тој тврди дека партијата веќе има и обезбедено докази за тоа. Станува збор за човек што на сите изминати избори бил сведок на крадењето гласови. Истиот тој сега е подготвен да ја каже вистината пред надлежните институции. Јоану не сака да го открива неговиот идентитет, ниту функција, оти како што вели, институциите, а не медиумите се вистинското место за да се истера правдата, особено кога станува збор за вакви деликатни и сериозни прашања.

Инаку, според официјалната статистика на Министерството за внатрешни работи, за регионот во Северна Грција, каде што најмногу се сконцентрирани жителите со македонско потекло, од 1994 година наваму, бројот на гласови опаѓа на секои наредни евроизбори. Во 1994 година за Виножито, односно за Партијата за мир, единство и пријателство, чиј дел е таа, гласале вкупно 5.488 луѓе. На следните избори, во 1999 година, тој број паднал на 3.264 гласачи. Во 2004 година гласале 2.945, а во 2009 – 2.594 жители. Според Јоану, на оваа статистика не смее да ~ се верува, оти како што вели, со текот на времето и свеста кај Македонците се менува, и повеќе се охрабруваат.

– Според нашите податоци, на ниво на цела Грција, на сите досегашни избори имавме пораст, понекогаш дури и изненадувачки резултати во делови од Грција каде што нема многу Македонци. За жал, нашите гласови беа украдени или едноставно избришани – вели Јоану. Тој објаснува дека станува збор за цел систем на грчките власти како да се натераат тие со македонско потекло едноставно да не гласаат за својата опција.

– Прво се активира механизам за да се убедат да не гласаат, има и закани, но последниве години најактуелни се софистицираните обиди. Значи се ветуваат работни места, со цел не само гласачот туку и неговото семејство да не ја заокружи опцијата каде што е Виножито. И тоа успева, но за целосна реализација крадењето гласови е најсигурна варијанта – вели тој. На 25 мај не очекуваат премногу, едноставно се надеваат на барем еден глас повеќе.

– Состојбата е толку чудна овде во Грција, што ќе бидеме задоволни и со еден глас повеќе – порачува Јоану. И турското малцинство во Грција се надева барем на глас повеќе. Во интервју за „Дневник“ порачаа дека за нив е најважно ЕУ да слушне „што навистина прави Грција“.

Искра Kоровешовска