1920+_Кочо Рацин – ‘Кратка расправа од историата македонска’

1920+_Кочо Рацин - 'Кратка расправа од историата македонска'

„… И ете зошто богомилството е нешто најинтересно и најсветло во нашата народна историа. Да се гордеат нашите Македонци со тиа свои славни лугје! …“

БОГОМИЛИТЕ

Ке се зачуди ли некој кога ке чуе како кај нас у X век живеале и држале пламени проповеди таквиа лугје, кои со своите идеи биле како претечи на општествените просветители от XVII в.? Заре во класичната земја на царските манастири и лаври, земјата на чииот јазик Славјаните за прв пат чуле за христианство и толку време на тој јазик ја слушале кротката христианска проповед за помирение со сичко — заре таја земја, уште у никое време на европејскиот Среден век, да даде претечи на ониа бунтовници од XVII век, што зборуале за некое „природно право“ на човека, за равноправие на сичките лугје, и сакале, „бездржавно“ уредение на светов?
Арно ама, ако далечното минало ги скри во темно тиа наши славни лугје, ако огинот и ножот, па пакозот и бесот на православните калугери и славјанските феодали ргна да го сотре споменот за ним — останала пак, во историата на човечката борба, светлата истина за богомилите. Чунки пак се навогја по некоа трага нимна! Останале клеветите и лагите на црковните отци, кои со това го бранеле мракот и власта на своите господари. Останале анатемите, повелите и законите, и индексите на забранените богомилски книги. Останала па и по некоа от тиа книги, зафрлена негде по манастирите, па и по некоа хроника от старите летописци. И останале, уште се живи некои спомени во самата Македонија. За што ни споменуе планината и реката Бабуна, за кого ни говори со векови селото Богомила? И откаде ни се оние наши чудесни стари сказни, што скажуат за борбата на доброто и злото, и за онаја врасната вера, оној силен надеж, што не крепеше и крепи — до победата крајна? Живи се, живи, нашите чудесни богомилски легенди и басни, нашиот вечен културен имот, татковнина от нашите богомили!
Чунки богомилите биле први наши вистински народни учители и книжовници. Тиа се соживеле со народната душа, убаво ги разбрале нимните потреби, и со своата „нова“ наука силно го исплашиле стариот свет, „уреден така от бога“. Такво учење, да е светов вака уреден от бога, се сметала тогај една света религиозна догма. На това се крепи стариот феодален свет, на това живееле јадачите. Но богомилите убаво разбрале што значи таја догма, како и сите друзи верски догми, и во критиката на таквиа догми, а со народниот отпор против феодалите, во мистична форма, направиле чудесно смели заклучениа за своето време. Чунки у нивно време религијата беше и наука и философија и најголемо знаење. И така, кога ја виделе другата страна на тиа религиозни догми, нимната наука добила „смртно опасен вид” за феодалниот строј: богомилското учење сакало рамноправие за сичките лугје, било против заробуењето на човека од човек, против господарите, бољарите, поповите и сите земни јадачи, и сакале, уште во историјски недозреани условиа, да уредат едно братско и равноправно општество, на основата на старославјанскиот аграрен демократизам. Ете, со таквиа свои идеи богомилите станале вистински претечи на ониа европејски мислители, што после, тргнати по трагата на богомилските мисли, се ослободиа от верската догматика и ги удриа темелите на европејскиот Ренесанс. А што значение имаше това за народите, се знае.
И ете зошто богомилството е нешто најинтересно и најсветло во нашата народна историа. Да се гордеат нашите Македонци со тиа свои славни лугје! Оти противно от науката па државното христианство, внесено во народот одозгора, от самите државни главатари и пренесено от Византиа, идејно да го закрепи славјанскиот феодализам — противно от се това, богомилството никна во самиот народ, ги повлече широките народни маси и во верско опозициона форма го организира народниот отпор против феодалите. И така, от чисто верска секта, богомилството стана широко народно-реформаторско течение, со отворени тенденции да го промени социалниот живот. А по тиа свои особености това многу си личи на денешниот социализам, иако тој денеска стои на научна, а богомилството си стоеше на религиозна основа.

— Кратка расправиа от историата македонска —
Кочо Рацин