1947-1949 « 2010_Христо и Александра Колувеови

1947-1949 « 2010_Христо и Александра Колувеови

Сопружниците Христо и Александра Колувеови потекнуваат од с. Бабчор, Егејска Македонија. Биле борци за демократска Грција: тој извршувал курирска задача, седум пати бил ранет во војната; а таа била одговорна за пушкомитралезот.

Родени се во с. Бабчор, Христо во 1928 г., а Александра во 1931 г. За жал, поради болест од Христо не дознавме многу, освен дека го мобилизирале во 1947 г. Прва дестинација му бил Вичо, а се борел и на Грамос и на Малимади. Во текот на војната седум пати бил ранет, а се лекувал во Албанија. Извршувал курирска задача, заробувал монархофашисти и му ги предавал на главниот штаб на ДАГ. Успеа да се сети на нападот од противничката војска на Прокопана и на битката во Лерин во 1948 г. кога изгубиле многу војска.

Сопругата Александра раскажува за нејзиното заминување во партизанските редови на 17-годишна возраст. Пред да тргне била издадена наредба во планините да заминат сите девојки. Иако требало да остане бидејќи само таа била во семејството, брат ѝ, сестра ѝ  и тројца први братучеди заминале во 1948 г. во Романија, нејзините другарки не сакале да одат без неа. Чичко ѝ  загинал во партизанство, а татко ѝ  одел по селата за да го организира населението. Кога дошол дома слушнал дека Александра заминала, а и тој ја советувал дека така треба да постапи. Кога заминувале девојките со себе го зеле и добитокот.

“Застанавме во Смрдеж. Дојде татко ми, ни донесе храна и ни рече да не се плашиме, дека ќе биде добро. Тој си замина, а нас нѐ однесоа во околината на Преспа. Тука нѐ учеа да пукаме и како да се браниме. Јас бев најдобра во пукањето и ми дадоа пушкомитралез. Оттаму, заедно со другите, ме распоредија во 18. бригада. Нѐ однесоа на Вичо каде ја поминавме зимата. Пролетта и почнаа да нѐ подготвуваат за нападот во Лерин. Како сѐ да беше мед и млеко. Одговорниот ми кажуваше како ќе удриме на Лерин, како ќе шетаме. Си мислевме дека ‘со бонбони’ ќе влеземе во Лерин. Сѐ беше в ред. Но, кога тргнавме натаму слушнав дека некои шпиони нѐ предале и дека ќе изгубиме народ, а нема да победиме. Ме фати паника. Но, тргнавме во битка”, се потсетува Александра.

Таа раскажува како се сконцентрирале на една падинка, од едната страна било с. Буф, од другата Неволени, а тие во средина. Имало снег, запалиле оган. По разденувањето ги распоредувале кој каде да оди, а таа била распоредена во групата со тешките митралези. Монархофашистите почнале да ги фрлаат ракетите и го осветлиле место. Тие биле на ритчето, а партизаните во падинката. Во моментот кога Гарефи ги распоредувал во средина паднала бомба. Гарефи преживеал, но од 30 до 40 лица останале само неколкумина.

“Само што тргнавме другарот кој беше со мене го ранија в рака и исчезна. Останав сама. Осамна денот, а авионите продолжија да бомбардираат. Го најдов секретарот, кој беше Грк, и тој ме советуваше да се качиме на ридот, а кога ќе наидат мајдите (платеници, облечени во црно, убивале сѐ што ќе сретнат), да пукам. Оној кој требаше да ми помага побегна. Пукав, не знам колку сум убила. Но, над нас, на ридот почнаа да пукаат, нѐ обиколија. Едни од едната, други од другата страна, ние во средина. Одеа кон нас. Со пушкомитралезот се симнав подолу. Го натоварив коњот и сакав да се засолнам во шумата, но само што тргнав коњот го убија, а јас се обидов да се скријам. Таму најдов непознати луѓе од другите бригади, а го убија оној кој н# снабдуваше со оружје”, раскажува Колувеова.

Потоа тргнале за Прокопана, а над Буф останале 20 дена. Се симнале во Псодери, Желево. Во околината на Оштима биле еден месец, се подготвувале да заминат на Грамос.

“Таму – дополнува Александра – од мајка ми добив пакет со облека. Ја фрлив налепницата со адресата, а другиот ден на тоа место дошла мајка ми, односно ги собрале сите жени за да прават бункери. Еден роднина ја нашол налепницата и ѝ  рекол на мајка ми дека претходно на тоа место сум била. Тогаш таа почнала да плаче. Сме се разминале”.

Следна дестинација им било с. В’мбел. Ги поставиле шаторите и се подготвувале да го нападнат Малимади. Два дена седеле во бункери над Брезница. Преку Смрдеж влегле во Албанија, бидејќи биле оневозможени да дејствуваат. Во Албанија ги разоружале и само што помислиле дека ја изгубиле војната, по извесно време, повторно им го дале оружјето.

“Се прашувавме – Боже каде одиме? Врнеше дожд, а ние пеевме, игравме, како да знаевме дека ќе се вратиме само четвртина. Во нашата бригада останаа 20 луѓе. Се качивме на Грамос. Јас повторно го имав пушкомитралезот. Влегов во бункерот заедно со оној кој ги полнеше патроните. Тој исчезна, не знам што се случи со него. Останав сама. Ме фати паника, но кога се доближија мајдерите почнав да пукам. Нашите побегнаа од другата страна, јас не знаев што да правам. Десетарот се сетил дека ме нема и од бункер на бункер ме пронајде. И двајцата успеавме да се засолниме. Таман што се собраа ‘големците’ за да одлучат што понатаму, падна проектил и никој од нив нѐ остана”, потенцира Александра.

Борците пребегнале во Албанија, а оттаму со камион заминале во Елбасан. По еден месец престој во Елбасан, со бродови тргнале во Ташкент. Во Скопје дошла во 1962 г.

Од книгата Аргументи од црниот тефтер на жртвуваните
Жаклина Митевска
Ташко Јованов