1903.06.13_Obzor, 133, Zagreb

1903.06.13_Obzor, 133, Zagreb

„…  Енергичниот водач на Внатрешната македонска организација… Делчев падна пред три недели во Македонија, со трагична смрт. Делчев не беше активен војвода, но организатор на востаничкото дело. Не припаѓаше на ниедна востаничка чета, не учествуваше во борбените походи, а постојано патуваше од место до место преоблечен и маскиран за да не го препознаат Турците, одржувајќи постојани врски меѓу месните организации и востаничките чети, снабдувајќи ги со оружје и средства, давајќи им потребни упатства, храбрејќи ги на истрајност и издржливост во службата на народното дело. Загина во селото Баница во Банскиот округ, каде што Делчев беше свикал состанок на месните востанички водачи за да расправаат за понатамошниот тек на движењето. Такви состаноци се свикуваат одвреме навреме и обично добро поминуваат, иако некои стануваат често и под носот на самата турска полиција. Но овој пат, за несреќа на Делчев… стана поинаку и некој предател…помамувајќи се за 500 турски лири (околу 12.000 круни) што султанот ги распишал за главата на Делчев, им рекол на Турците дека во скоро време во тоа место ќе дојде Делчев.

Турците добро се спремиле за да не им побегне драгоцената уцена. Од сите страни се свикала војска што имала задача во одредено време да ја опкружи Баница и во неа собраните на советување востанички водачи. Со таа експедиција управувал самиот помошник на солунскиот паша, кој некогаш служел во редовите на бугарската војска. Тој учел во софиското воено училиште и го познавал лично Делчева. Турската војска на одреденото време ја опколи Баница. Турците почнале редум да ги пребаруваат куќите извршувајќи насилби и мачејќи го голоракото население. Скоро дојде ред на куќата во која се одржувал состанок. Кога Турците се приближиле до таа куќа, ја отвориле вратата и на прагот се покажал човек со револвер в рака. Тоа бил Делчев. Едвај што пречекорил неколку чекори, го составила со земјата цела салва од турските пушки. Делчев паднал застрелан од безбројни зрна. Вратата бргу се затворила, а од прозорецот востаниците отвориле жесток оган. Неколку турски војници паднале, а други побегнале и се скриле. Почнале да пукаат пушките во востаничката куќа, но зрната се забивале таму во камењата не погодувајќи ги востаниците. Штом Турците ќе се обиделе да се приближат до таа куќа, да провалат на вратата или да ја запалат, ќе ги дочекал страшен оган од востаничките пушки. Така борбата продолжила до ноќта, а кога се стемнило, опкружените востаници се извлекле од својата тврдина и под заштита на ноќната темнина се пробиле низ густите редови на турските стражи скоро без загуби.

Така сите ја изнеле жива својата глава. Но Делчев падна и тој успех ги плати во очите на Турците сите нивни неуспеси. Утринта му ја отсекле главата и со веселба ја однеле во Солун, а селото Баница, во знак на победа, со огин и меч го уништиле. Сега на тоа место се виѓаваат само пусти урнатини. Со Делчев падна човек што беше душа на сегашното револуционерно движење во Македонија. Со неговата смрт ѝ беше зададен тежок удар на Внатрешната македонска организација и на нејзините цели, особено во источниот дел на Македонија, каде што сè беше раководено од Делчев. Тој ги имаше сите востаници и сите луѓе на кои можеше да смета како на помошници во решавачкиот час. Уживаше голем углед меѓу востаниците кои верно го слушаа и на неговите упатства им се потчинуваа. Тој со својот углед одржуваше врски меѓу одделни востанички одреди што се држеа за општата основа и заедничките пароли што доаѓаа од Делчев за спогодбена и успешна постапка против непријателот. Делчев особено се одликуваше… со силно херојство, кое не познаваше никаков страв, со верност да се зафати за најопасен потфат, со необична прибраност во часот на гибелта и со сестрани врски и познанства по цела Македонија. Неговата смрт осетно делуваше на македонското движење, на кое тој му беше душа и срце. Приближно тоа е и причина за она извесно смирување на движењето во последните три недели. …“