1802_Даниил Москополец – ‘Речникот од четири јазика’, Венеција

1802_Даниил Москополец - 'Речникот од четири јазика', Венеција

Во текот на 1802 година, во Венеција се појавува од печат необична книга на грчки јазик, потпишана од свештеникот и учител Даниил Москополец, погрчен Влав од Албанија, во рамките на која првпат во Европа се претставува македонскиот јазик (охридското наречје) во облик на печатена книга – под туѓо име и со туѓа графија. Тоа е книгата (со грчки наслов – Исагогики дидаскалија, н.з.) Почетница или Началное обучение, како што се нарекувале ваквите книги во текот на XIX век. Составен дел од книгава е „Четиријазичниот речник“ (Лексикон тетраглосон, н.з.), или подобро речено „Речникот од четири јазика“ (затоа што подоцна низ течењето на векот, Синаитски и Пулевски така ќе насловуваат некои од своите книги). Овој „Речник од четири јазика“ е значаен за нашата културна историја како првообјава на македонската реч, за непристорениот јазик на македонската народна низина, за говорниот јазик на народното мноштво, на она што се подразбира под поимот „општ јазик“, или „коине дијалектос“.

Во научниот опис на содржината на речникот на Даниил Москополец е наведено дека освен грчкиот текст, содржи уште три негрчки текстови: албански, влашки и македонски. Постојат претпоставки дека изданието на „Речникот од четири јазика“ на Москополец, од 1802 година, е всушност второ издание, а се претпоставува дека првото е објавено уште во 1794 година, но денес нема зачувани примероци. Всушност, овој речник е повеќе разговорник, односно грчки текст преведен на три јазика, а намерата на Даниил Москополец (што ја изнесува и во самиот текст) била да ги „освести“ Македонците, Албанците и Власите да го учат грчкиот јазик. Македонскиот текст во речникот е всушност превод на извесен поп Стефан од Охрид, за што сведочи неговата преписка со Даниил Москополец. Текстовите на сите јазици во речникот се пренесени со грчко писмо.

Посочил: Портал Македонска Нација