„… – Срби вас ве викаат – одвраќа детето. – И учителот така нам ни кажува.
– Не знае твојот учител ништо… Ништо тој не знае!
– Што не знае?! Кој не знае?! – гракнаа повеќемина од нив од околните маси, а некои му тргнаа на Кузман на физичко пресметување.
Тој се подигна, ја извлече својата тесла под блузата и со подигната рака ја насочи острицата кон овие:
– Дојдете, дојдете… Приближете се… Не сум јас Бугарин, јас сум Македонец… Пријдете да ве исколам како јариња! – се жести со запенавување старчето со подигната тесла. И колку беше слаб, стар, жегољав, уште повеќе се наби во себе покрај ѕидот, накострешен како еж, а од очите му светкаа искри. Испостанаа неговите од масата, посредуваа, го повлекуваа, стишуваа. …“
„… – А, зарем… вие сте уште Бугари? – се присети Агапие.
– Ние сме Македонци – одвраќа старчето Кузман и лупка со чоканчето на масата за уште една ракија.
– Македонци!… Добро Македонци, но што, која народност? – се замеша Агапиевиот сосед, од блиската маса.
– Па од Македонија, Македонци, ете тоа.
– Ама и мојата земја каде што сум се родил се вика Ердељ, но јас сум Романец, а вие Срби не?
– Ние Македонци…
– Не, не, мој мошуле (школка ???), вие сте Срби, од Македонија – го потврдува тоа и другиот Романец од подалечната маса. – Ти не знаеш. Ако пак знаеш па мислиш поинаку, сега ќе ве научиме, и вас овде и оние преку Дунав… Ние и Србите вас ќе ве научиме!…. Туку ти само онака, а знаеш дека си Србин!
– Ние сме Македонци! – одбива повторно Кузман заобиколно и бара уште ракија.
Овие неговите за масата го заќутуваат, го стишуваат за да не се истакнува.
– Што море, да ќутам!
– На Власите да им ќутам? – се жести подјазично на неговите.
– Нејќам да им ќутам.
Доаѓа момченце, ученик, со шише да купи вино. Еден од Власите му прискокна, го фати за рака и го доведе до пиперкарската маса.
– Што се овие? – го прашува детето покажувајќи на нив.
Тоа ги загледа, со облека испрскана од малтер; опашани со црвени појаси под летните блузи и вели:
– Ѕидари.
– Добро ѕидари, но што, која народност? Романци?
– Не, Срби.
– Браво… браво! – го тапка овој задоволен.
Трајан со неговите за маса ги посматра.
– Македонци, Македонци! – отфрла Кузман со движење на рацете. …“
Посочил: Пољакот од Македонија