2007.04_Бугарската полиција сама го чествуваше Сандански

2007.04_Бугарската полиција сама го чествуваше Сандански

На Македонците им беше забрането да ја прослават 92-годишнината од смртта на пиринскиот цар – Јане Сандански.

Силни полициски единици испрати вчера бугарската влада на гробот на Јане Сандански во Рожен за да спречи секаков обид на Македонците да му оддадат почит на македонскиот херој, на пиринскиот цар. Стотина полицајци беа распоредени во Роженскиот манастир и во Мелник, каде што Македонците од Бугарија, сепак, направија народна веселба.

– Овде во Бугарија нема слобода. Ние не сме слободни граѓани, нам ни се забранува правото достоинствено, како Македонци, да му оддадеме почит на Јане Сандански – вели гневно Божидар, кој седеше пред споменикот на Сандански во Мелник.

Не сака да оди до манастирот, оддалечен околу четири километри од Мелник, зашто не сака на недостоинствен начин да се поклони пред македонската легенда.

Само што го напуштивме Петрич можевме да ја почувствуваме напнатата атмосфера што ја создаваа полициските патроли.

Пропагандата е збор што изминатите 15 дена во Пиринско бил секојдневје. Членови на ОМО „Илинден“ – ПИРИН и на ОМО „Илинден“ биле повикувани на информативни разговори во полицијата при што им било кажано дека не смеат да чествуваат организирано на гробот на Сандански. Локалните власти дозволија Македонците организирано да му оддадат почит на Сандански, но регионалниот владин претставник ја укина дозволата објаснивајќи дека со тоа ќе се загрозат јавниот ред и мир.

– Гледате сами што се случува во земја-членка на Европската Унија. Нам ни се забранува основното право на одржување собир. Ние за ова ќе ја известиме Европската слободна алијанса, чија рамноправна членка е нашата партија – вели Иван Сингартиски, еден од лидерите на ОМО „Илинден“ – ПИРИН.

На гробот на Јане Сандански, во дворот на Роженскиот манастир, кој деновиве се реновира, имаше неколку запалени свеќи и два венца, кои ги положила општината. Од претставниците на Македонците во Бугарија – ништо.

– Сакаат да се соблечеме по гаќи и да му запалиме свеќичка на Јане како некои бабички и да си отидеме. Големо понижување, кое ние не го прифаќаме – вели Јордан Костадинов, лидерот на ОМО „Илинден“.

Пред гробот на Јане нема луѓе, само полицајци во групи, кои нешто си разговараат. До гробот пред десет дена била подигната плоча, на која е издлабено името на партијата на Красимир Каракачанов ВМРО-БНД, на која се запишани зборови дека Јане се борел за „бугарска Македонија“. Нема никој ни од неговата партија. Новопоставената плоча повеќе прилега на свеж гроб, кому не му е местото во тој свет простор.

Во Мелник пред споменикот на Сандански грмна тапан придружен од две зурли. Орото повлече нога на песната „Македонско девојче“.

– Не ни дозволија организирано, како Македонци, да славиме. Не ни дадоа струја, тие од партијата на Каракачанов ни го украдоа агрегатот, но, сепак, го славиме денот – ни вели Сингартиски.

Македонското Министерство за надворешни работи не сака да ја коментира завчерашната реакција на бугарските власти што со жив штит од полицајци го обезбедуваа Роженскиот манастир за да го спречат обидот на Македонците да му оддадат почит на македонскиот револуционер Јане Сандански по повод 92-годишнината од неговата смрт. Иако беше најавено завчера на собирот да присуствува и заменик министерот за надворешни работи Зоран Петров, македонското МНР во последен момент се премисли и Петров заминува за Бугарија два дена подоцна. Тој денес ќе се сретне со неговиот бугарски колега, Љубомир Ќучуков, со кој ќе положат цвеќе на гробот на Јане Сандански кај Роженскиот манастир во близина на Мелник, а ќе ги посетат и гробовите на преродбеникот Крсте Петков Мисирков и на револуционерот Ѓорче Петров на софиските гробишта. За време на посетата делегацијата ќе оствари средби и во бугарскиот парламент на кои ќе се разговара за соработката меѓу двете земји. Од МНР не сакаа да коментираат дали на средбите ќе стане збор и за последните случувања на Роженскиот манастир кога припадници на ОМО–Илинден сакаа да оддадат почит на гробот на Сандански.
По најавата дека членовите на „ОМО-Илинден” ќе положат цвеќе на гробот на Сандански минатата недела, регионалниот управник на Благоевград Владимир Димитров им забрани на претставници на нерегистрираната партија на Македонците во Бугарија, да дојдат кај Роженскиот манастир. Тој ја поништил одлуката на градоначалникот на Сандански, Андон Тотев за дозвола за чествување на еден од најголемите македонски револуционери.
– Фактите се дека таа организација не е регистрирана согласно со Уставот и законите на Бугарија и согласно со законот за митинзи и манифестации, нема право да бара такво нешто – соопшти тогаш регионалниот управник Димитров. Тој вели дека собирот на Македонците од „ОМО Илинден-Пирин претставува „опасност за јавниот ред во следните неколку дена, кога многу туристи го посетуваат Роженскиот манастир”.
Директорот на локалната дирекција „Полиција „ во Благоевград комесарот Кирил Георгиев завчера во Мелник изјави дека наредбата на Димитров е почитувана и дека не се дозволени неуставни појави на гробот на Јане Сандански и на неговиот споменик во Мелник од страна на нелегитимни организации. Тој соопшти дека имало само еден венец кој бил отстранет. Според бугарската новинска агенција БТА, пак, немало „антиуставни изјави” во кусиот говор кој на гробот на Сандански го одржал претставник на како што ја нарекува БТА „малата грипа на таканаречената ОМО-Илинден”, која положи цвеќе и запали свеќи.
Членовите на ОМО–Илинден незадоволна од односот на бугарските власти најавуваат дека за ова грубо прекршување на човековите права ќе ги известат сите релевантни асоцијации за заштита на човековите права, како и сите странски амбасади во Бугарија.

БУГАРСКИОТ АМБАСАДОР МИХОВ ВО ПРИЛЕП

Чествувањето на Сандански е внатрешно прашање за Бугарија

На новинарското прашање дали Бугарија како членка на ЕУ треба да го спречува чествувањето на Јане Сандански во Рожен на македонското малцинство, бугарскиот амбасадор Михо Михов рече дека тоа е внатрешно прашање на Бугарија.
– Јас сум амбасадор на Бугарија кој е должен да работи за добрите мостови и односи и да ја пренесува надворешната политика на Бугарија во Македонија, а тоа е добрососедството и желбата Република Македонија да застане до Бугарија како членка на НАТО и ЕУ – рече Михов.
Тој вчера присуствуваше на предавањето „Учиме за Европа” што е проект на Владата на Македонија и Секретаријатот за европски прашања.
Бугарија на Македонија можела да и помогне со искуството, а граѓаните од 14 погранични општини ќе можат да добиваат многукратни годишни визи, изјави Михов.