Во изворите уште од 1901 година кои говорат за висока стапка на миграција од Македонија во Бугарија, Сер Франсис Планкет, британски амбасадор во Виена, во писмото испратено до маркизот од Ленсдаун, државен секретар за надворешни работи на Велика Британија, од 9 март 1901 година, доставува краток извадок од еден извештај за бројната состојба на Македонците во Бугарија.
Како што пишува британскиот амбасадор во своето писмо, во извештајот кој бил објавен во весникот „Information“, бил изнесен бројот на офицерите, службениците итн., кои се родени Македонци, и какво влијание има тоа директно врз владата и администрацијата во Кнежеството.
Во извадок од статијата објавена во „Information“ од 8 март 1901 година, која сер Планкет ја доставува се вели дека:
Статистичките податоци во врска со бројот на Македонците што живеат во Бугарија фрлаат јасна светлина врз македонското прашање. Според последниот попис на населението во Кнежеството, тој изнесува 3 500 000 и од последниот попис во 1890 година има пораст од 600 000. Порастот претежно се должи на емиграцијата од Македонија и од Одринскиот вилает. Емигрантите не носеле со себе ништо освен своето знаење за разни видови трговија, во која се натпреварувале со Бугарите. Дваесет илјади Македонци се населиле во Софија, 8 000 во Пловдив, а во другите градови бројот на македонските населеници е во пропорционален пораст. Статистичките податоци покажуваат дека една третина од офицерите во бугарската армија се Македонци. Меѓу 86 000 бугарски учители има 2 600 Македонци, а меѓу 38 000 службеници 15 000 се Македонци. Четворица од осумте митрополити се Македонци по раѓање, а од вкупниот број 3 112 попови, 1 262 се Македонци.
На тој начин, јасно е дека македонското прашање многу одамна за Бугарија престана да биде само политичко прашање. Тоа повеќе наликува на прашање со внатрешно-економски карактер. Затоа, Бугарите апелираат до Европа да им даде на Македонците реформи – автономија, кралство или република, без разлика што било, само тие да можат да се вратат во својата сопствена земја – тие дојдоа да бараат слобода, а им го зедоа лебот од устите на Бугарите. Европа мора, порано или подоцна, да ги послуша овие апели, бидејќи нема сила на земјата што може да го запре македонскиот офицер, војник или учител да не ја преминува границата, бегајќи од таму каде што востанието само што не избувнало. Ова е општ повик до сите бугарски партии чии гласноговорници, разни издавачи, се Македонци
Извадок од статијата објавена во „Information“ од 8 цутар 1901 година