А. ден Долард во седумдесеттите години на минатиот век.
Photo: De Gelderlander
30 ГОДИНИ ОД СМРТТА НА ХОЛАНДСКИОТ ПИСАТЕЛ А. ДЕН ДОЛАРД
Хундерло – Охрид, 23 жетвар 2024
Во неделата на 23 жетвар (Духовден) во холандското село Хундерло ‘Македонската заедница во Холандија’ го отвори одбележувањето „Недела посветена на А. ден Долард“, која ќе трае до недела 30 жетвар, а средишниот настан се одржува денеска пред спомен-обележјето посветено на овој познат холандски писател кој пред еден век во своите репортажи и книги ги овековечи Македонија и Охрид.
На гробот на А. ден Долард во Хундерло со едноминутно молчење беше оддадена почит кон писателот, а пригоден говор за ликот и делото на холандскиот писател одржа почесната Претседателка на ‘Македонската заедница во Холандија’ и најстар македонски деец во Холандија 80-годишната Светлана Мишева, која имала лична средба со А. ден Долард и одржувала повеќе-десетлетна поврзаност со него.
Македонско-холандски почитувачи на ликот и делото на холандскиот писател во дворот на музејот ‘А. ден Долард’ во Хундерло. Од лево кон десно стојат: Џон Тодоровски, Светлана Мишева, Карен Брукема, Георги Гоце Дуртаноски и Роб Свененхоис.
Положувајќи го венецот на гробот од писателот, Светлана Мишева од име на ‘Заедницата’, од име на град Охрид и македонскиот народ му се заблагодари на А. ден Долард – за неговиот удел во борбата за извојување на независна држава Македонија:
„…секогаш кога се наоѓаме во услови на политичка, духовна или културна криза го бараме и го повикуваме твојот силен оптимистички дух кој беше секогаш со нас во нашата борба за независност“ – рече Мишева и истури капсула со вода од Охридското Езеро, како и земја од охридските ниви и положи камчиња од Галичица, на која тој милуваше да се искачува и црпи вдахновеност за творење/пишување.
Светлана Мишева, почесен Претседател на ‘Македонската заедница во Холандија’ со беседа пред гробот на А. ден Долард во Хундерло.
Светлана Мишева е единствен граѓанин со македонско потекло во Холандија која во 2009 година е одликувана за заслуги за холандското општество и со тоа единствен член на Редот „Оранје-Насау“. Во цутар оваа година по повод нејзиниот 80. роденден Светлана Мишева ја доби наградата „Златен Птоломеј“ за животно дело од ‘Македонската заедница во Холандија’, чиј придружен елемент е „наметката на македонското достоинство“, која се носи при претставување на ‘Заедницата’ на значајни настани.
Светлана Мишева говорот го заврши со цитат од А. ден Долард: „Луѓето доаѓаат и си одат, но нивните мисли продолжуваат да дуваат низ светот како невидлив ветер“. – „Тој невидлив ветер“, рече Мишева, „е ехото на големиот А. ден Долард“.
Холандско-македонските пријатели при посетата на гробот од А. ден Долард во Хундерло.
Од лево кон десно: Франо Бебселер, Карин Брукема, Роб Свененхоис, Светлана Мишева, Џон Тодоровски и Георги Гоце Дуртаноски.
Патоказ на единствената патека/патче именувана по писателот која денес го поврзува музејот А. ден Долард во Хундерло, Холандија.
Но исто така, покрената е иницијатива од холандска и од македонска страна, пред се од двата музеи до град Охрид, за именување на улица во Охрид, со името на холандскиот пријател на Македонците.
Светлана Мишева во музејот на А. ден Долард во Хундерло ги допре чевлите со кои холандскиот писател ја препешачил цела Македонија.
Почнувајќи од денеска, недела 23 жетвар до следната недела 30 жетвар, ‘Македонската заедница во Холандија’ заедно со општината на град Охрид и музејот А. ден Долард од Охрид и од Хундерло ја прогласуваат за „Недела на А. ден Долард“. Воглавно во Охрид, секојдневно ќе се организираат изложби, предавања и дебати за животот на холандскиот писател и неговиот творечки опус.
Во рамките на одбележувањето „Недела посветена на А. ден Долард“, општината Охрид го организира средишниот настан, денеска на денот на неговата смрт (26 жетвар 1994) пред спомен-обележјето подигнато во чест на А. ден Долард на кејот на Охридското Езеро.
Напоредно со дејствата во Хундерло во Холандија, градот Охрид кој исто така е домаќин на (втор) музеј кој го носи името на А. ден Долард. Денеска пред спомен-обележјето за А. ден Долард, на кејот на Охридското Езеро, делегација од општина Охрид положи свежо цвеќе и беа искажани пригодни говори од Ана Крстеска – заменик-градоначалник на општина Охрид и Крсте Пурцов – директор на музејот А. ден Долард во Охрид.
Крстеска рече дека А. ден Долард пишувал за холандскиот и европскиот печат за Охрид, за Македонија и за Внатрешната Македонска Револуционерна Организација, за симболот на нашиот непокор Илинден и попустите пропаганди на тогашните кралства од нашето соседство и нивните посегнувања да ја присвојат Македонија, секој за себе – во целост.
„Според неговата оставнина, А. ден Долард ја сметаше Македонија за своја втора татковина, а Охрид за свој роден град. Бидејќи само Охрид и езерото му даваше непресушна енергија и инспирација, а врвовите на Галичица духовна храна и напој“. – рече Крстеска.
Заменик-градоначалничката на општина Охрид, Ана Крстеска и Крсте Пурцов, директор на културно-информативниот центар „Култура 365“ и музејот А. ден Долард во Охрид.
Заменик-градоначалничката Крстеска, потсети исто така дека оваа година одбележуваме и 85 години од излегувањето на неговиот најпознат роман „Свадбата на седумте Цигани“, чие дејствие се случува токму овде, каде е подигнато ова спомен-обележје. Во неа, Долард за нашиот град вели: „Вреди од Париз да се дојде на Балканот, само за да се види Охрид. Каква прекрасна местоположба на град распослан врз стрмниот рид!“ – Оваа реченица од неговиот роман подоцна стана и главното мото и туристички слоган за бројните туристи кои сакаа да го видат и доживеат Охрид. Посебно неговите сонародници Холанѓани, кои до денес сѐ уште важат за наши најбројни посетители – подвлече Крстеска.
“Одбележувањето на 30-годишнината од смртта на е во координација со нашите холандски пријатели во Хундерло и ‘Македонската заедница во Холандија’“ – рече Крсте Пурцов, директор на културно-информативниот центар „Култура 365“ и музејот „А. ден Долард“ во Охрид.
На барање на ‘Македонската заедница во Холандија’, благовремено по наш човек беа испратени капсули со вода и земја од Охридското Езеро и охридските ниви каде А. ден Долард аргатувал и неколку камчиња од планината Галичица – за да бидат истурени/ставени на неговиот гроб, како симболика за поврзаноста која тој ја имаше со нашиот град и подрачје.
Културно-информативниот центар и музејот „А. ден Долард“, до крајот на месецот ќе бидат домаќини на повеќе дејствија, поврзани со ликот и делото на холандскиот писател, а предвидено е да се оддаде почит и на прерано починатиот Мишо Јузмески – основач на центарот. Главен поттикнувач за спомен-собата и еден од најдобрите познавачи на книжевниот опус на А. ден Долард, вујко на сегашниот директор на центарот, Крсте Пуцков.
Мишо Јузмески, основач на културно-информативен центар „Култура 365“ и спомен-собата (денес музеј) „А. ден Долард“, кој се наоѓа на улица „Цар Самоил“ 34 во Охрид.
Сите дела на А. ден Долард се наоѓаат во библиотеката на музејот во Охрид кој го носи неговото име.
Културно-информативен центар „Култура 365“ и музеј „А.ден Долард “- улица „Цар Самоил“ 34, Охрид.
БИОГРАФИЈА НА БОБ СПУЛСТРА – А. ДЕН ДОЛАРД
А. ден Долард (хол. A. den Doolaard) е псевдоним за холандскиот писател Корнелис Јоханес Георг (Боб) Спулстра Помладиот (холандски: Cornelis Johannes George (Bob) Spoelstra jr.) роден во градот Зволе на 7. сечко 1901.
Неговиот писателски жанр варира во различни насоки: романи, патеписи, раскази и поезија, но сепак А. ден Долард, се смета за важен претставник на витализмот, кој тој го опишува во една од неговите рани песни како „слепо го сака животот“.
Во 1926 со една стихозбирка го прави своето деби на полето на книжевноста. Во 1928 година ја прекинува работата во едно нафтено претпријатие, каде работи како сметководител и започнува со долги и чести патувања низ Балканот и Франција, – каде што работел како ѕидар, гроздоберач, земјоделски и пристанишен работник.
Во 1937 година објавувал во холандскиот весник Хет Фолк (хол. Het Volk) критички написи против нацистичка Германија, Австрија и Италија, под мотото „Кукаст крст над Европа“, за што германските гласила го обвинуваат за „клеветнички известувања“. А. ден Долард бил и останал до крајот на својот живот доследен антифашист.
Кога германската војска ја окупира Холандија во 1940 година, А. ден Долард заедно со сопругата бегаат на југ во Франција и од таму, по една година, пристигнуваат во Англија. Во Лондон останува до крајот на Втората Светска војна и работи како спикер на холандското Радио Оранје (хол. Radio Oranje) кое е званичен емитувач на вести на холандската Влада во егзил, на кралицата Вилхелмина. По војната се враќа во Холандија и од 1954 година со семејството се населил во селото Хундерло, каде останал до крајот на својот живот.
А. ден Долард ја „открил“ Македонија во 1931 година. Воодушевен од нејзината убавина, тука останал да живее извесно време, претежно во Охрид и во Маврови Анови. Поттикнат од Охрид и убавините на Охридското Езеро, го напишал романот „Свадбата на седумте Цигани“ (хол. “De bruiloft der zeven zigeuners”), кој за прв пат бил објавен во 1939 година. Потоа романот доживеал многу изданија на англиски, француски и чешки јазик. Главното дејство во романот се одвива во градот Охрид и затоа оваа книга се смета за пресуден и клучен чинител во претставувањето на Охрид и Македонија кај пошироката читателска јавност во Холандија.
А. ден Долард во Македонија нашол вдахновеност и за македонската борба за независност и имал редовни средби со македонските комити и војводи. Следните наслови произлегуваат од неговото перо во различни периоди: патопис „Дивјаците на Европа“ (хол. “De wilden van Europa”, 1932), патопис „За слобода и смрт“ (хол. “Van vrijheid en dood”, 1933), репортажа „Четири месеци кај комитите, повластени убијци“ (фр. “Quatre mois chez les comitadjis, meurtriers patentés”, 1934), роман „Ориент Експрес“ (хол. “Oriënt-Express”, 1934), роман „Заедно е двапати сам“ (хол. “Samen is twee keer alleen”, 1976).
Во 1963 година во коавторство со Кас Ортхоис го издаваат туристичкиот водич „Југославија – дестинација за одмор“ (хол. “Vakantieland Joegoslavië”), со што дополнително ги приопштуваат убавините на Југославија на холандските туристи.
Лондон 1942. А. ден Долард како спикер на холандското ‘Радио Оранје’ (хол. ‘Radio Oranje’) кое е званичен емитувач на вести на холандската Влада во егзил на кралицата Вилхелмина.
85 ГОДИНИ ОД РОМАНОТ „СВАДБАТА НА СЕДУМТЕ ЦИГАНИ“
Романот „Свадбата на седумте Цигани“, обајвен од издавачката куќа ‘Querido’ од Амстердам.
Романот „Свадбата на седумте Цигани“ е единствената книга од А. ден Долард, која е преведена на македонски јазик, но творецот и книгата, биле познати во Македонија и пред книгата да биде преведена. Во суштина, оваа книга претставува љубовна приказна меѓу младата охриѓанка Душка и белосветскиот скитник и женкар, фотографот Бранко, кој по многу години успева да ја најде вистинската жена на својот живот.
А. ден Долард во Амстердам 1946.
А. ден Долард често доаѓал во Македонија во седумдесеттите години на минатиот век по разни поводи. Некогаш на покана на градот Охрид. Некогаш на покана на македонскиот и меѓународниот ПЕН центар, некогаш во приватна режија. Охрид и Македонија останале до крајот на неговиот живот, длабоко врежани во неговото срце, изразувајќи се за Македонија, како за негова втора татковина.
Во гроздобер 1972 година вели: „Кога Господ го создаваше светот потроши вкупно шест дена на него: пет дена го создаваше целиот свет и еден ден посвети само на Македонија – затоа е таа толку убава“.
А. ден Долард починал на 26. жетвар 1994 година на 93 годишна возраст и погребан е на селските гробишта во Хундерло.
Епитафот на неговиот гроб во Хундерло „Живеевме во свет на чуда и не го разбравме тоа“, претставува заклучната реченица од романот „Боговите си одат дома“ (хол. De goden gaan naar huis), издадена во 1966 година. Холандски: “We hebben tussen wonderen geleefd maar we hebben het niet begrepen“.
Три личности по потекло од Македонија, гаеле тесни професионални и пријателски врски со А. ден Долард: Александар Батковски, Шерафедин Мустафа и Светлана Мишева. Додека пак за најголем познавач на животот и книжевниот опус на А. ден Долард, се смета македонскиот писател Мишо Јузмески (1966-2021). Тој книгата „Свадбата на седумте Цигани“ ја смета за „повеќе од книга“ и дека таа книга со право може да се нарече „камен темелник на холандско-македонското пријателство“.
По повод 105 години од раѓањето на А. ден Долард во 2006 година во Охрид е откриен споменик во чест на писателот на чие откривање присуствуваат и потомците на А. ден Долард од Холандија. Споменикот е креиран од македонскиот архитект Владимир Таиќ, според замислата на шефот на ‘Холандско-Македонската стопанска комора’ во Македонија, Петер Џон Босе.
По повод 110 години од раѓањето на писателот, во 2011 година во културниот центар „Култура 365“ во Охрид е отворена спомен-соба на А. ден Долард, со изложба на книги и документи за животот и делото на писателот. Следната, 2012 година Мишо Јузмески ја објави книгата „Нашиот холандски пријател А. ден Долард“ која покрај македонското издание, доживеа превод и на англиски и холандски јазик.
Културно-информативниот центар „Култура 365“ и Музеј „А.ден Долард“ на улица „Цар Самоил“ 34 во Охрид.
Англискиот превод од книгата „Нашиот холандски пријател А. ден Долард“ од Мишо Јузмески.
Во 1935 година британскиот весник „Тајмс“ пишува:
„Авторот на книгата „Ориент Експрес„ кој го користи псевдонимот „скитник“, најверојатно за да ги сокрие трагите за неговиот вистински идентитет е толку мистериозен, колку и организацијата за која пишува (ВМРО, м.з.) и која го изврши атентатот врз српскиот крал Александар во Марсеј“.
Цитати на А. ден Долард за Македонија:
„Кога Господ го создаваше светот потроши вкупно шест дена на него: пет дена го создаваше целиот свет и еден ден посвети само на Македонија – затоа е таа толку убава.„
Маврово, гроздобер 1972 година
„Целта на основачите на ВМРО беше ослободување на Македонија од турското ропство од самите Македонци (оттука и додатокот „внатрешно“). Соседните кралства Грција, Србија и Бугарија, секое за себе ја посакуваа Македонија. Бугарите, народ со азиско, а не словенско потекло, можат да се издвојат со вршење на најжестока пропаганда во Македонија“.
„Смртта на српскиот крал Александар ми донесе леб цела зима“.
(искажано по повод ексклузивните репортажи кои ги објавувал за атентатот во Марсеј во 1934 година, која одговорност за убиството ја презеде ВМРО)
А. ден Долард е писател кој во распонот, меѓу двете светски војни наголемо ги разгласуваше изразите „Македонци“, „македонски наречја/јазик“, „македонска земја“, „македонска војска“, „македонски воздух“ и т.н..
Изрази кои ги нервираа соседните земји на Македонија и во кои Долард доби забрана за влез на нивна територија.
Сепак, летописците и ние кои сме засегнати за ликот и делото на А. ден Долард, доаѓаме до заклучок дека тој никогаш не се застапувал да заземе страна за Македонија. Tуку се трудел да биде неутрален, бидејќи патувал низ сите балканските земји и пишувал подеднакво за сите. Од тука неговиот стремеж бил (порано или подоцна м.з.) да се дојде до зближување и соработка меѓу балканските народи, како природна состојба на соживот.
Дури во чести наврати Македонци не биле задоволни со неговите пишувања за нив, но тоа било исход на состојбата на теренот или од податоците до кои стигнувал А. ден Долард и не секогаш претставени во духот и потребите на македонскиот стремеж за независност или начинот за предодредување на нивната самоопределба.
Псевдонимот А. ден Долард произлегува од неговиот немирен дух, да талка по светот и во превод означува: „скитник“ или „талкач“. Тој себе си, секогаш се претставувал, најпрво како скитник, а потоа како писател и новинар.
Длабок поклон кон А. ден Долард и неговото творештво каде свое место нашла Македонија и нашиот Охрид.
Приготвил: Георги Гоце ДУРТАНОСКИ