„Внатрешната Македонска Револуционерна Организација којашто ги претставува Македонците што се борат за национално самоопределување, политичка слобода, самоуправување и најголема возможна социјална правда, има за цел:
Обединувањето на Македонија, распарчена меѓу Бугарија, Србија и Грција во 1913 г. по Букурешкиот мировен договор и по Нејскиот – во 1919 г., во една политичка единица, којашто подоцна ќе биде рамноправен член на една Балканска Федерација или барем во својата прва етапа – на една Југословенска Федерација.
За постигнување на оваа своја цел В.М.Р.О. се потпира:
а) На своите борбени сили;
б) На една држава, какво и да биде нејзиното уредување, чиишто интереси се совпаѓаат со идеалите на В.М.Р.О. и
в) На сите општествени организации, коишто војуваат за национално самоопределување, човечки права и слободи и траен мир во светот.
Тргнувајќи од овие свои начела, В.М.Р.О., потпирајќи се на официјалните изјави на Руската Советска Република дека таа ќе содејствува за ослободување на угнетените народи, го прифаќа следниот споразум со Руската Советска Република:
1) В.М.Р.О. се задолжува да работи заедно со другите револуционерни организации на Балканот за федерирањето на балканските држави во нивните етнички граници, чиишто добро сфатени политички и економски интереси се совпаѓаат со тие на Р.С.Р.
2) Руската Советска Република ја признава В.М.Р.О. како единствен изразувач на суверената волја на Македонија.
3) В.М.Р.О. и Р.С.Р. контактираат преку свои редовни полномошници што ги имаат својствата на дипломатски и воени претставници.
4) Двете страни, запазувајќи ја својата самостојност во внатрешната и надворешната политика, можат да преземаат, со заедничка согласност и во зависност од политичките прилики, конкретни заеднички акции.
5) В.М.Р.О. со благодарност би ја примила материјалната, дипломатската и моралната поткрепа на Р.С.Р.
Чл[ен] на ЦК на ВМРО
(потпис) Т. Александров“
Оваа спогодба е предвесник на фамозниот т.н. „Мајски Манифест“ од следната 1924 г. зад кој се обединиле сите македонски револуционери и дејци од т.н. „левица и десница“, по чиешто објавување набрзо беше запечатена судбината на Тодор Александров.
Посочил: Macedonia: a True Endless Story …
Извор: Ленина И. Жила и Владо Поповски „Македонский вопрос в документах Коминтерна“, Том 1, Часть 1: 1923-1925, Ѓурѓа, Скопје, 1999, стр. 135-136.