Уште една компанија Акционерско друштво во државна сопственост оди на распродажба, продажба од втора рака, како стока со грешка, фелер, рекламација по багателна цена.
АД ПОШТА, години по ред остварува значителни загуби од работење како и дополнителни наоди констатирани од Државниот завод за ревизија и независниот ревизор, кои доколку би биле евидентирани загубата би била уште поголема. Вкупната загуба во билансот со 31.12.2019 година изнесува 659 милиони денари (10,7 милиони ЕУР) и од период во период се зголемува и кумулира. Освен искажаната загуба, според извештајот на независниот ревизор, АД ПОШТА искажува преценети средства во износ 260 милиони денари (над 4,2 милиони ЕУР), не евидентирани резервации за неизвесни судски спорови, нерешен сопственички статус на недвижности кои се водат во билансите како средства, побарувања во однос на кражби и проневери, кои наоди дополнително ја обезвреднуваат компанијата .
Дополнително, АД ПОШТИ на „голем корисник“ почнувајќи од 2010 година, одобрува попуст од 50% од регуларната цена и според извештајот на Државниот завод за ревизија, само по овој основ АД ПОШТА остварува помали приходи до 1,4 милиони ЕУР годишно. Износот на ,„попустот“ некако случајно кореспондира со износите на годишните загуби. Конкретно доколку ,,големиот корисник“ би плаќал за услугите по редовната цена, Друштвото би било во добивка и вредноста на истото би била поблиска до пазарната објективна вредност.
Никаква економска логика, никаков деловен кодекс и етика, пред очите на сопственикот и одговорните институции, намерно се доведува до обезвреднување на компанијата и најверојатно по таа енормно ниска цена веќе е обезбеден и „ познат купувач“.
За да ситуацијата биде уште поконфузна, во 2014 година бевме сведоци на пожар во АД ПОШТА во кој пожар беа уништени вредни уметнички дела, опрема, како и сметки за оправдување на трошоци кои изнесувале над 500 илјади ЕУР.
Како „награда“ за овој криминал одговорните лица добиваат уште поатрактивни работни места и можност да ги докажат своите „способности“ на дело и кај други субјекти.
Согласно Законот за поштенски услуги, АД ПОШТА, е единствен субјект во Македонија, кој поседува индивидуална дозвола за обезбедување на Универзална поштенска услуга. Значи ,„познатиот купувач“, обезвреднетата компанија ќе ја купи со оваа посебно право-привилегија, како единствен субјект кој може да врши Универзална поштенска услуга.
Додека одговорните институции „спијат“, „стручните и чесни кадри“ неуморно работат и го расипуваат државниот имот. Приказаната веќе позната, сведоци бевме на ужасната приватизација од која сеуште ги чувствуваме последиции. Но лекцијата за некого веќе е научена и се користат проверените методи за да се допродаде и ова малку што остана.
Веќе 16 години по ред АД ПОШТА е под раководство на стручните и „чесни кадри“ на ДУИ, проверени експерти. И не е проблем партиската, националната припадност, дури ни стручноста. Проблем е менталниот склоп на лица кои се способни сѐ да уништат, кои се способни да најдат проблем за секое решение.
Дали случајот со АД ПОШТА има поврзаност со ЕУРОСТАНДАРД Банка, која од АД ПОШТА побарува значителна сума кои се предмет на судски спор? Дали стечајот над ЕУРОСТАНДАРД Банка е уште еден обид да се прикријат вистинските состојби во АД ПОШТА … или и ова е само „случајност“.
Со Одлука на Влада бр.44-8528/1 од 13 октомври 2020 година, податоците од Годишната сметка и финансиските извештаи се одобрени и одлуката е потпишана од Претседателот на Владата ЗЗ. Владата на Македонија со Одлуката за одобрување на финансиските извештаи, значи се согласува со искажаната состојба во АД ПОШТА, не бара лична одговорност од одговорните лица и ако не го спречува, значи го поддржува очигледниот криминал и распродажбата на државниот имот.
Што ќе биде следно за распродажба и кој начин ќе го изберат „експертите“ за обезвреднување на имотот и продажба по „багателни“ цени, ќе објавиме во наредниот период.
Користени податоци: Извештаи на Државниот ревизор, Извештаи на независниот ревизор, јавно достапни финансиски податоци за деловните субјекти во Македонија