Книгата “Македонци …” од д-р Бранислав Светозаревиќ промовирана низ 10тина градови низ Европа

Македонците во Германија го прославуваат „Листопад – светскиот месец на книгата“.

ГОЛЕМ ИНТЕРЕС ЗА
„МИЛЕНИУМСКИТЕ СВЕДОШТВА ЗА МАКЕДОНСКОТО ИМЕ“
ВО ГЕРМАНИЈА

По повод светскиот месец на книгата (листопад/октомври), во организација на македонските културни здруженија „11 Октомври“ од Солинген и „Македонско сонце“ од Дизелдорф денес се одржа истакнување на книгата од д-р Бранислав Светозаревиќ-Покорни „Македонци – милениумски сведоштва за македонското име“, во македонскиот културен центар „Македонско сонце“ во Дизелдорф.
Оваа година здружението „11 Октомври“ од Солинген прославува 35-годишен јубилеј. Одбележувањето е покриено со богата културно-уметничка програма. Настап на македонските музички уметници Татијана Стефановска и Миле Кузмановски, дополнето со сплет на македонски ора, во изведба на фолклорните друштва „Македонија“ од Уна и „Македонско сонце“ од Дизелдорф.
Целовечерниот концерт на македонските уметници има добротворен карактер. Собраните средства ѝ се предадат на добротворната организација „Св.Спас“ од Драчево, во помош на нивните изведби и на лицата на кои таа им е најпотребна.

Честитајќи го јубилејот на домаќините, творецот на делото Светозаревиќ-Покорни, одржа одлично предавање пред присутните, изнесувајќи бројни факти за македонското милениумско постоење. Цитираше огромен број на светски имиња кои пишувале за Македонија, македонскиот народ и македонските обичаи.

Книгата на д-р Светозаревиќ-Покорни „Македонци – милениумски сведоштва за македонското име“ и понатаму доживува невидена општа популарност во Македонија и во иселеништвото. Тоа се случува во време кога македонската самоопределба и македонскиот јазичен простор, доживуваат врвна точка во негирањето од соседите на Македонија. Сето во обид да се избрише трагата за постоење на Македонците.

Носечки цитат на неговото дело е извадокот од италијанскиот историчар и писател Џорџо Нуриџани кој во својата книга за Македонија, издадена во 1933 година во Рим, вели: „Сите завојувачи на Македонија, од Хелените и Римјаните, до варварите во текот на нивните преселби и Турците – сите се обиделе да ја избришат македонската свест, наметнувајќи ѝ на земјата административни имиња, и тоа вештачки. Но залудно. Кој е роден во Македонија, знае и се изјаснува дека е Македонец.“

Д-р Бранислав Светозаревиќ-Покорни е историчар, архивист и еден од основачите на „Музејот на македонската борба“ и негов прв директор во времето од 2010 до 2018 година.
Исклучително плоден истражувач на македонското минато и творец на капиталното дело „Македонци – милениумски сведоштва за македонското име“, кое набрзина доживеа неколку изданија на македонски и англиски јазик. Исто така е и творец на бројни стручни трудови, рецензии и телевизиски емисии. На македонската јавност Бранислав Светозаревиќ-Покорни ѝ е исто така познат по бројните награди, кои ги добива во промоција на македонската филателистика во светот. Поседува богати збирки на ретки поштенски марки и поштенски картички, кои подеднакво се претставени на изложби во Македонија и во странство.
По повод листопад – месецот на книгата, творецот Бранислав Светозаревиќ-Покорни својата книга ќе ја претстави во десеттина градови низ Германија каде се организирани предавања и културно-уметнички програми. Воедно прославувајќи ги големите национални празници 11 Октомври – Денот на востанието на македонскиот народ против фашизмот (1941) и 23 октомври – Денот на создавањето на Внатрешната Македонска Револуционерна Организација (ТМОРО/ВМРО) во Солун (1893).