Ненадејно се приближи до масата на претседателот на Судот и посегна по десниот џеб на палтото. Врз масата истресе нешто од шамичето што го извади од џебот. Пред судот на масата се најдоа ноктите, како неумоливи сведоштва од сите десет прсти од нозете на Васил. Со презрив поглед се обрати кон претседателот:
Јас сум син на македонски селанец и македонска мајка. … Господине, во вашето обвинение што го чувме, меѓу другите клевети, рековте дека на овие клупи седат предавници и ѓубрето на бугарскиот народ. Не, господине претседателе овде на овие клупи седи цутот на македонскиот народ и другите народности што живеат во Македонија. Тоа се борци за слобода на нашиот народ што Вие му ја одзедовте. – Зборувајте бугарски, не ве разбирам! – рече енергично потполковникот. – Значи признавате дека мојот мајчин јазик не е исто што и бугарскиот. Впрочем, јас ви кажав дека сум Македонец и жалам што не ќе можам да говорам бугарски бидејќи не го познавам вашиот јазик. Затоа ви предлагам да избереме некој неутрален јазик, на пример српскиот, како најблизок до нашите јазици. – Не може! – извика претседателот. – Тогаш Ви предлагам да зборуваме на француски. – Говорете!
И Васил продолжи на француски јазик, уверувајќи ги судиите во неминовноста на победата над фашистичките завојувачи. На овој начин Дрен го претвори судскиот процес во ново бојно поле. Пресудите беа изречени на 9. косар 1942 година. Од вкупно 45 обвинети, меѓу кои имаше и некои во отсуство, 19 беа осудени на смрт. Васил Антевски е осуден на смртна казна со бесење. Следните три месеци Дрен се наоѓа во скопскиот, а потоа е пренесен во софискиот затвор каде што е егзекутиран. Писателот Димитар Солев многу силно ги опишува последните моменти од неговиот живот во биографскиот роман ,,Дрен”: ,,Стражата, под генералскиот поглед на министерот на војната, ги совладува смртниците и им навлекува не само крпи, туку и вреќи на лицата. Освен на еден, на Васила Антевски. Дрен, како за инает, иако најстар, па според тоа и најразумен, упорно сака да си ја види смртта. Цел живот го поминал со отворени очи, зошто така да не си ја дочека и смртта? Не можејќи инаку, стражарите го совладуваат Васила Антевски не со раце, крпи и вреќи, туку со клоци, кундаци и камења. Така, веќе убиен, полноќта на 18 спроти 19 житар 1942 година, во Централниот софиски затвор го бесат и Дрен. Бесилката со четирите тела останува да се смири сѐ додека зазореното небо не ја запаметува за утрешниот ден.