Бугарската влада и секретаријатот на СЕ треба заеднички да најдат решение за регистрација на партијата на Македонците, е заклучено на последната седница на Комитетот
Случајот со ОМО „Илинден“-ПИРИН, партијата на Македонците во Бугарија, се движи во позитивна насока, оценија вчера дипломати во Стразбур. Нивната оценка доаѓа по последниот специјален состанок на Комитетот на министрите кој на 5 и 6 јуни вршеше супервизија на спроведувањето на одлуките на Судот за човекови права. Еден од случаите е и тој со нерегистрирањето на партијата ОМО „Илинден“-ПИРИН.
Никој вчера не сакаше официјално да ја коментира дводневната специјална сесија на која се разгледуваа многу случаи, но сепак, дознаваме дека Советот на Европа е со став и натаму да ја следи ситуацијата со процесот на регистрација на таа партија во Бугарија.
– Секретаријатот на СЕ и бугарската влада заеднички ќе бараат решение за проблемите – истакнува за „Дневник“ неименуван извор.
Партијата ОМО „Илинден“-ПИРИН беше регистрирана во 1999 година, но потоа бугарските власти ја укинаа. Пропаднаа неколку обиди за повторна регистрација, а Стразбур од 2001 година во неколку пресуди истакна дека на членовите на ОМО и на Македонците им се прекршени правата на слобода на здружување. Откако на 14 сечко годинава Касациониот суд донесе конечна пресуда партијата ОМО да не ја регистрира, Стразбур реши да го следи случајот. Пораката е дека со паричната казна одредена од Судот за човекови права целиот случај не е завршен.
„Ние со право бараме нашата политичка партија да се пререгистира до почетокот на локалните избори. Затоа го повикуваме Комитетот на министрите истото ова да го побара и од бугарските власти. Ова треба да се направи со внатрешни административни мерки“, се вели во писмото што ОМО „Илинден“-ПИРИН на 28 мај годинава го испрати до Одделот за спроведување на пресудите на Европскиот суд за човекови права.
Политичките посматрачи оценуваат дека барањето на „омовци“ е легитимно, зашто таа не е нова партија. Таа веќе еднаш поминала низ административните филтри и се очекува во овој случај да се постапи како во случајот со пререгистрација на една партија во Молдавија или со пререгистрацијата на црквата на сциентолозите во Русија.
– Со процесот на повторна регистрација Советот на Европа ќе ги легитимира сите мерки што бугарските власти ги презедоа против членовите и симпатизерите на ОМО. Тоа ќе значи дека Стразбур оправдува тоа што бугарската полиција повикала 6.000 граѓани на информативни разговори. Тоа ли го сака Стразбур? Не верувам! – вели еден експерт по меѓународно право, кој поради чувствителноста на прашањето сакаше да остане анонимен.