1975_Лика Чопова Јурукова (внука на Гоце Делчев) – Гоце Делчев ѝ припаѓа единствено на Македонија

1975_Лика Чопова Јурукова (внука на Гоце Делчев) - Гоце Делчев ѝ припаѓа единствено на Македонија

„’Македонија на Македонците’ беше рекол вујко ми Гоце. Макар што е малечка таа цути… Имам само една желба: вистината за Гоце и за моето семејство да му ја кажам на светот. Таму (во Бугарија м.з.) тоа го кажував, но сè не можев да кажам – некои работи ми бришеа, а некои, воопшто, не ги објавуваа.“

„Гоце Делчев ѝ припаѓа единствено на Македонија“ – ќе каже неговата внука Лика Чопова Јурукова. Во 1976 година засекогаш револтирана ќе ја напушти Бугарија и ќе си дојде дома, меѓу своите, онаму каде што е „столицата на независна Македонија“, следејќи го Гоцевиот аманет:

„Дојдов во родната Македонија зашто националното чувство сè ме влечеше кон родниот крај. Особено по пребројувањето (иако се запишав Македонка), јас не можев да се смирам зашто Народна Република Бугарија не ја призна националноста на Македонците што живеаат во Бугарија. Сега овде меѓу добродушните слободни Македонци душата ми се смири. Јас произлегувам од револуционерно семејство. Мајка ми Руша е сестра на македонскиот револуционер Гоце Делчев и првата жена што Гоце ја организира во ВМРО… На 9. IX. 1944 година, таа возбудено ја дочека слободата. Нејзината намачена душа се смири, зашто повеќе нема фашизам, зашто Македонија во која ќе се пресели е слободна, но беспоштедната смрт ја грабна пребрзо – на 9 јуни 1945 година…“

Сиот свој гнев, желба, страст и завет, внуката на Гоце, Лика Чопова ќе му ги раскаже на светот во Скопје, СР Македонија, збогатувајќи ја македонската публицистичка ризница со своите денес подзаборавени спомени насловени „Огненото семејство“, запишани и објавени од новинарот и писател Јован Павловски:

„Мојата храбра мајка не доживеа да го види слободниот дел од Македонија, но јас го исполнив нејзиниот завет и дојдов во милата ми татковина – Социјалистичка Република Македонија. Сега тука, меѓу добродушните и гостољубиви Македонци, самочувството ми се зголеми и срцето ми се успокои. Се чувствувам среќна зашто гробот ќе ми се наоѓа таму каде што лежат коските на вујко ми Гоце.“

***

Портретната фотографија на Лика Чопова Јурукова – внуката на Гоце Делчев е дел од богатата архива на Радио – телевизија Скопје. Фотографирана е во Воената болница во Скопје, каде што Лика Чопова престојува на лечење во 1982 година. Документарната програма на РТ Скопје по повод изработката на документарниот филм – „Посмртното патување на Гоце Делчев“, изработува сет фотографии со Гоцевата внука.

 

Посочил: Диме Ратајковски