2007.08_ОМО „Илинден“ – Пирин повторно бара регистрација

Партијата на Македонците од Бугарија ОМО „Илинден“ – ПИРИН повторно побарала да биде регистрирана, дознава „Дневник“.

Документите биле поднесени во минатиот петок до софискиот суд што ја врши регистрацијата на политичките партии. Претходно било одржано основачко собрание на партијата на кое 685 делегати избрале петчлено претседателство.

Иван Сингартиски, член на раководството, вчера потврди дека регистрацијата се бара и врз основа на заклучоците од Комитетот на министрите при Советот на Европа.

– Таму беше препорачано одново да доставиме документи за регистрацијата. Се надеваме дека бугарските органи сега ќе ја спроведат и одлуката на Меѓународниот суд за човекови права, кој ни дава право да основаме политичка партија – рече Сингартиски.

Тој додаде дека до Судот се доставени над пет илјади пристапници на нивни членови, што е услов за регистрација. Софискиот суд треба да се изјасни до 10 септември.