2007.04-05_ОМО Илинден во лавиринтот на Советот на Европа

2007.04-05_ОМО Илинден во лавиринтот на Советот на Европа

Бугарија ако ги исплатила парите за отштета не направила ништо за регистрација на партијата.

СТРАЗБУР
– Членовите на Работната група за човекови права на Комитетот на министрите на Советот на Европа, задолжена да го следи извршувањето на пресудите на Европскиот суд за правата на човекот, при разгледувањето на четирите предмети поврзани со регистрацијата, поточно нерегистрацијата на ОМО „Илинден“ и ОМО „Илинден“-ПИРИН, многу повеќе инсистирале на спроведувањето на општите мерки кои Бугарија е должна да ги исполни, отколку на индивидуалните. Слично како во двата постари случаја, кои се затворени во Комитетот на министрите, но по кои следуваа две нови пресуди во полза на ОМО „Илинден“ – ПИРИН, се бара запознавање на надлежните власти (судовите) и нивна сензибилизација со проблемите иницирани со овие пресуди: правото на слободно здружување и состанување. Право, кое Бугарија во четирите случаи го прекрши со одбивањето на регистрацијата на ОМО „Илинден“-ПИРИН или спречувањето на нивните прослави. Комитетот на министрите ги зеде предвид ангажирањата на бугарските власти за спроведување на пресудите. Исто како и одлуката на Врховниот суд на Бугарија со кој беше повторно одбиено барањето за регистрација на ОМО „Илинден“-ПИРИН, поради пропусти во процедурата за основање политички партии. Од бугарските власти е побарано и понатаму да го информираат Комитетот на министрите за актуелната ситуација на жалителите, во случајов членовите на ОМО „Илинден“-ПИРИН.

На состанокот е донесена одлука, која може да се претвори и во резолуција со што дефинитивно ќе бидат затворени и двата последни случаја, со што дефинитивно ќе биде заклучено дека Бугарија ги извршила пресудите…

Проблемот е во следново. Бугарија ако ги исплатила парите за отштета на жалителите и ги запознала своите судски власти со пресудите со нивно објавување или одржување семинари, таа не направила ништо за регистрација на партијата. Таа смета дека ОМО „Илинден“-ПИРИН треба да почне нова процедура за регистрација пред бугарските судови. Оваа бугарска позиција изгледа дека е поддржана од Комитетот на министрите во Стразбур.

Комитетот во својата одлука од 4 април не бара повторна регистрација на партијата, туку само зема предвид дека бугарските власти се ангажирале и ќе го гарантирале правото на слободно здружување на организацијата при нивните евентуални идни барања за регистрација како политичка партија или здружение, што е во согласност со Конвенцијата за правата на човекот.

За двата последни случаја ќе се расправа повторно во јуни пред Комитетот на министрите, кога е можно и нивно евентуално целосно затворање. Нешто што може да се спореди со пресудата на Сидиропулос против Грција, за регистрацијата на Домот на македонската култура во Лерин. Комитетот на министрите смета дека пресудата е извршена од Грција, додека Домот десет години по пресудата се’ уште не е регистриран.

Надежта за ОМО „Илинден“-ПИРИН е во мобилизацијата на организациите за заштита на човековите права, но и во расправата која е предвидена да се води идната недела во Стразбур пред Парламентарното собрание на Советот на Европа, по извештајот за ситуацијата со човековите права во Европа. Во извештаите Бугарија е покажана како една од ретките европски земји во кои не е дозволено претставниците на малцинствата да се организираат или да формираат политички партии. На трибината во Стразбур, во одбрана на правата на македонското малцинство во соседните земји можат да застанат и членовите на македонската собраниска делегација.

Стразбур – Делегација на ОМО „Илинден“- ПИРИН, засилена од Европската слободна алијанса (ЕФА), чии членови се од пред еден месец, престојуваше во Стразбур. Целта на посетата беше да ги запознаат различните органи на Советот на Европа со нивната положба во Бугарија по повеќекратните одбивања на бугарските судови да ја регистрираат нивната политичка партија. Делегацијата на ОМО „Илинден“ – ПИРИН беше примена во Дирекцијата за правни прашања и човекови права, задолжена за следење на извршувањето на пресудите на Европскиот суд за правата на човекот и со претставници на Европската комисија за борба против расизмот и нетрпеливоста, Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства и Бирото на комесарот за човекови права на Советот на Европа.

Своите соговорници од организацијата, која е гарант на човековите права во Европа, ги информираа за проблемите со кои се соочуваат и посебно за притисоците на кои се изложени од страна на бугарските власти, повикувања на разговори во полицијата, забрани за слободно собирање (како прославата на гробот на Јане Сандански). Покрај информациите, тие на претставниците на Советот на Европа им предадоа документи од кои јасно се гледа дека се изложени на притисоци од страна на бугарските власти, кои тврдат во Стразбур дека проблемите со регистрацијата на ОМО „Илинден“ –ПИРИН се од бирократски и административни причини.

Документите кои ги приложи делегацијата на ОМО „Илинден“ -ПИРИН го тврдат спротивното. Нивното право на слободно собирање и понатаму не се почитува, а aдминистративните пречки од бугарските судови со регистрацијата на партијата не им дозволија да учествуваат на неодамнешните европски избори и најверојатно поради нерегистрацијата на партијата не ќе можат да истакнат свои кандидати на локалните избори во Бугарија закажани за наесен. Нивната најнова жалба пред Европскиот суд во Стразбур сигурно дека нема да биде разгледана во период од три месеци поради затрупаноста на Судот од предмети.

Иван Сингартиски од ОМО „Илинден“ – ПИРИН ни објасни дека тие се одлучиле да допатуваат во Стразбур откако виделе дека Бугарија нема намера да ја регистрира нивната партија по последната одлука на судот. Сингартиски изразува надеж дека работите ќе тргнат на добро, но дека треба постојано да се залагаат за нивните права, бидејќи само ако ние чекаме да се спроведе одлуката на судот од Стразбур, тоа значи дека нема ништо нема да се случи.

ОМО „Илинден“- ПИРИН најавува дека и понатаму ќе се бори за да им се врати незаконски одземената регистрација, откако увиделе дека бугарската држава не им дозволува да се регистрираат ниту по новиот закон за политички партии.

Членовите на ОМО „Илинден“ – ПИРИН добиваат широка поддршка од ЕФА и посебно од сестринската партија „Виножито“ на македонското малцинство во Грција. Во Стразбур делегацијата на ОМО „Илинден“ – ПИРИН беше придружувана од Павле Воскопулос, член на Претседателството на ЕФА од редовите на „Виножито“, кој како претставник на оваа европска партија во која членуваат над триесет регионални политички партии или партии на национални малцинства, на соговорниците од Советот на Европа им рече дека правото на слободно да бидеш избран и да избираш е едно од фундаменталните политички права во Европа и е суштинско за продлабочувањето на демократијата во Бугарија и во која било друга земја. ЕФА го постави прашањето со правото на слободно здружување на македонското малцинство во Бугарија и пред Европскиот парламент и редовно се обраќа до сите европски институции, барајќи решавање на нивната ситуација.

Наскоро, Комитетот на министрите повторно ќе расправа за случите на ОМО „Илинден“ – ПИРИН и извршувањето на пресудата од страна на Бугарија. Отворено се стравува дека е можно затворање на случите како извршени, нешто што би било не без преседан, туку во спротивност со принципите на организацијата која вели дека е гарант на правата на човекот. Имено, првите пресуди на Европскиот суд за правата на човекот во врска со нерегистрацијата на ОМО „Илинден“, беа затворени со резолуција во која се констатира дека тие биле извршени од страна на Бугарија. Сличен е и случајот со Домот на македонската култура во Лерин, кој речиси десет години по пресудата на Судот од Стразбур се’ уште не е регистриран. Освен Република Македонија, нема друга земја-членка на Советот на Европа која би покажала поголемо интересирање за случаите што се однесуваат на македонското малцинство. Во минатите случаи таа потфрли, во последниов таа има право не како матична земја на македонското малцинство, туку како членка на Советот на Европа да побара принципиелно спроведување на одлуките и стандардите на Советот на Европа од други земји-членки, во случајот Бугарија. Како што тоа се бара и од Македонија во многу наврати, па и во случаи кога таа е неправедно покажана со прст.

Случајот со ОМО „Илинден“ – ПИРИН, иако тоа не сака да се признае во Стразбур, е вистински тест за Советот на Европа во моментот кога сака да ја има водечката улога во заштитата на човековите права во Европа, во кои се подразбираат и правата на малцинствата.