Ние ќе бидеме упорни, ќе чекаме и ќе ја водиме битката за регистрација на партијата со сите демократски средства бидејќи е очигледно дека незаконски не’ попречуваат во нашата акција, вели Сингартиски.
Чествувањата на годишнината од загинувањето на македонскиот херој Јане Сандански одамна станаа репер за положбата на Македонците во Бугарија. Забрани, насилство од полицијата, повремени дозволи, судири со ултранационалистите на Красимир Каракачанов, провокации, кои наизменично се менуваат секоја година, покажуваат константа во севкупната негација на Македонците во таа држава.
Забраната за чествувањето се повтори и сега со образложението дека најсилната организација на Македонците ОМО „Илинден“-ПИРИН не е регистриран субјект затоа што постои закана за јавниот ред и мир. Раководството на ОМО „Илинден“-ПИРИН, чија регистрација во политичка партија неодамна беше дефинитивно одбиена од бугарските судови, најави дека сепак ќе оди на гробот на Сандански кај Роженскиот манастир, по што ќе одржи народен собир во градот Мелник. Ситуацијата пред утрешното чествување повторно е тензична и постои опасност од нови инциденти.
Иван Сингартиски, лидер на Македонците во Бугарија, вели дека во никој случај нема да дозволат да бидат испровоцирани за да се случи инцидент.
– Не е прв пат да бидеме спречувани да чествуваме годишнина за Јане Сандански во Роженски манастир. Ние ќе одиме таму за да ја оддадеме почитта на начин на кој и планиравме да го организираме чествувањето. Ако полицијата не ни дозволи, ние ќе се вратиме. Подготвени сме дури и да не’ уапсат. Тогаш, нека види целата европска јавност каква земја и со каква демократија примила во своето семејство – вели тој.
Сингартиски, 54-годишниот инженер по радиска техника, и професор по технички предмети во гимназијата „Димитар Талев“ во градот Гоце Делчев последниве години е во првите редови на луѓето што ја водат битката за признавањето на Македонците во Бугарија. Вели дека сакаат таа борба да ја добијат исклучиво по демократски и правен пат иако наидуваат на отпори од сите страни во бугарското општество. Од Мосомиште, селото со околу три илјади жители во близина на градот Гоце Делчев, и кое е најголемо упориште на Македонците, сега одново тргнуваат во борба за легализацијата на партијата ОМО „Илинден“-ПИРИН и за признавањето на Македонците во Бугарија.
* Како ја доживеавте забраната од регионалниот повереник од Благоевград Владимир Димитров за чествувањето во Роженскиот манастир?
– Искрено кажано, никој од нас не очекуваше да добиеме забрана, од две причини. Како организација поднесовме барање во надлежниот Совет на градот Сандански уште пред повеќе од еден месец и не добивме одговор. Во такви услови, според бугарските закони, чествувањето може да се одржи. Сега, регионалниот управител соопшти дека ја забранува манифестацијата. Ни таа забрана ние не сме ја добиле официјално, за неа знаеме само од неговите изјави во медиумите. А, залудно е да се жалите пред некои судски инстанци бидејќи чествувањето е закажано за утре и нема суд во Бугарија што би можел да се изјасни толку итно, а особено не за нашиот случај.
Второ, во пресудата на Меѓународниот суд за човекови права во Стразбур една од потенцираните одредби е бугарската држава да не ги спречува активностите на ОМО „Илинден“-ПИРИН. Таква порака им е упатена и од последниот состанок на Комитетот на министрите на Советот на Европа одржан во почетокот на април. Познато е дека Бугарија досега е осудена пет пати од оваа најзначајна судска инстанца за човекови права по жалбите на македонски организации. Но, ете, пак се враќаме на почетокот во 1992 година, а многу од нас се сведоци на тоа што се случуваше во однос на Македонците во Бугарија. Така е во Бугарија, велможите ги прекршуваат законите, а народот ги плаќа казните.
Ако сакаат, нека апсат
* Извесно е дека утре, пред споменикот на Сандански, ќе има бугарски полициски сили. Повереникот Димитров изјави дека вие можете да чествувате само како граѓани, но не и како организација. Дали по секоја цена, па и да ризикувате физички инциденти, ќе го одржите чествувањето?
– Не ни е прв пат да бидеме спречувани да чествуваме годишнини. Ние ќе одиме организирано до гробот на Јане Сандански пред манастирот во Рожен за да положиме цвеќе и да се одржи панихида. Потоа, како што планиравме, ќе поставиме сцена пред неговиот споменик во Мелник за да одржиме народен собир. Ние нема да правиме никакви проблеми, нив може да ги направат само екстремистите на Красимир Каракачанов, како што и досега беше случај. Ние сакаме на најцивилизиран начин да се одржи тоа чествување. Ако имало инциденти, тие никогаш не сме ги предизвикале ние.
* Што се случуваше последниве месеци во односот на бугарските власти кон Македонците во Бугарија?
– Од поднесување на документите за регистрација на партијата, пред септември минатата година, почнаа маките на нашите членови. Речиси 6.000 члена беа викани на распит од полицијата. Сметам дека луѓето знаат како се чувствува човек кога прв пат го викаат во полиција. Го плашат дека детето може да не студира, дека може да го избркаат од работа ако продолжи со своите активности во ОМО „Илинден“-ПИРИН. Од изјави на полицијата може да се заклучи дека многу од нашите членови се уплашиле од тоа што им се заканувале.
Ова е главното оружје на шовинистите во Бугарија против нас последниве десетина години. Страв и пак страв. Да не смеат Македонците да кренат глава. Тие видоа дека многу луѓе поверуваа во демократијата во Бугарија и затоа решија на тој начин да се справуваат со нас. Затоа и ја спроведоа таа акција за плашење. Околу 160 полицајци постојано биле ангажирани да ги приведуваат Македонците на заплашување.
* Дали ќе се обидете партијата одново да ја регистрирате преку повторно собирање потписи или ќе се борите и понатаму со правни средства?
– Ќе продолжиме да ја бараме нашата регистрација преку Комитетот на министрите на Европа и преку сите други надлежни правни инстанци, исклучиво со правни средства. Комитетот на министрите на СЕ има обврска да следи како се одвива спроведувањето на одлуките на Судот во Стразбур. Нам ни е незаконски ускратена регистрацијата и ние постојано ќе го докажуваме тоа се’ додека бугарската држава не биде присилена да ни ја врати според решението на судиите од Стразбур.
Немаме намера да почнеме со некаква нова постапка за регистрирање на некоја нова партија, со друго име, преку нова акција за собирање потписи. Ќе чекаме и ако по шест месеци нема резултати од нашите жалби, ние ќе поднесеме нов предмет пред Судот во Стразбур.
* Значи ли ова дека на претстојните локални избори Македонците во Бугарија нема да имаат шанса да гласаат за свои сонародници на кандидатски листи?
– Локалните избори во Бугарија се закажани за ноември годинава и, покрај другото, и тоа е една од причините зошто намерно не не’ регистрираат. Знаат дека ќе бидеме влијателна партија во овој регион. Се сеќавате дека на локалните избори во 1999 година нашата партија, која тогаш беше регистрирана, освои неколку кметски и советнички места. По тој успех, како што е познато, следуваше и нашата забрана од Уставниот суд на Бугарија. Сега, ситуацијата е таква каква што е. На изборите не можеме да излеземе ако не сме регистрирани, но ние, сепак, ќе бараме начини за нашите кандидати да се појават на избори. Тоа значи дека ќе бараме начини за коалирање со некои партии, зашто потешко ќе биде настап преку независни кандидати бидејќи условите за тоа се понеповолни. Имаме планови, кои не сакаме да ги кажуваме. Ќе направиме се’ што може за да учествуваме на изборите, иако во оваа ситуација тоа е тешко.
* Власта и медиумите во Бугарија тврдат дека сте мала група луѓе, кои се сепаратисти и сакаат да ја отцепат Пиринска Македонија од Бугарија.
– Тоа дали сме сепаратисти или не, многу точно и прецизно го кажа Судот во Стразбур во својата пресуда. Ако ние бевме сепаратисти, ако сакавме да ја отцепиме Пиринска Македонија од Бугарија, ако ги имавме тоа во нашите програмски определби, во никој случај немаше да се случи преку нашиот предмет да се осуди државата Бугарија. Тие што кажуваат дека сме сепаратисти нека го прочитаат решението на Судот во Стразбур. Апсурдно е од нас да бараат да ги почитуваме бугарските закони, а ваму да не се спроведува одлуката од Судот за човекови права. Ако бевме мала група луѓе немаше за помалку од три месеци да собереме пристапници на 6.000 членови. Со толкав број членови може да се состават најмалку 10-ина партии во Бугарија. Нам ни е голем проблем што немаме речиси никаков пристап до бугарските медиуми. Нашите ставови јавноста ги слушна преку една нова телевизија и толку. За нас се збори само лошо или ништо.
* Како го оценувате тоа што Република Македонија го прави на дипломатски план во однос на проблемите што ги имате. Сметате ли дека се преземаат доволни активности. Од средбите на државниците постојано се изјавува дека Бугарија и Македонија имаат добри меѓусоседски односи?
– Директно речено од Македонија како држава немаме никаква поддршка. Тоа и не е потребно, бидејќи ние не сакаме да дозволиме да се тврди дека Република Македонија се меша во внатрешните работи на друга држава. Ние ги бараме нашите демократски права, кои ни припаѓаат како граѓани на Република Бугарија, која е членка на Европската Унија. Тоа е проблем што мора да се решава со правни инструменти и со примената на меѓународните стандарди за човековите права.
Одлуката да се спроведе
* До кога ќе траат внатрешните конфликти меѓу Македонците во Бугарија? Постојат две организации, кои не се единствени, туку и спротивставени. Нели е можно да се настапува единствено?
– Во Бугарија има една партија на Македонците и една организација на Македонците. Иако се правени многу обиди за обединување, од причини што не зависат од ОМО „Илинден“-ПИРИН такво обединување не може да се постигне. Ние ќе работиме самостојно и мислиме дека на тој начин најдобро ќе работиме за каузата на Македонците во Бугарија. Веќе сме исцрпени од преговарање. Се’ додека Јордан Костадинов е на чело на ОМО „Илинден“ обединување не може да има. Досега имаше десет или дваесет средби за обединување, но тие секогаш завршуваа на ист начин. Костадинов не сака обединување.
* Што е причината?
– Пред еден месец имавме последна средба во Струмица, на која повторно зборувавме за обединување. Му кажавме дека сме веќе во поодмината фаза за формирање партија, а тој дотогаш не направи ништо, иако најави дека и тие ќе собираат потписи. Му понудивме да се вклучи во нашата партија, во која му наменивме допретседателско место. Веќе на следната конференција, кога ќе бидеме една партија, ќе се избира нов Управен одбор, што значи дека тој може да биде избран и на други позиции. Сега го чекаме неговиот одговор, но однапред сме сигурни дека ќе биде негативен. Претпоставувам дека тој сака да биде лидер на Македонците во Бугарија. Ние немаме ништо против ако ја добие поддршката од делегатите.
* Дали чувствувате негативни последици од сето тоа?
– Уште кога тргнавме со идејата за партија посакавме да го направиме тоа заедно со него. На тој начин, многу полесно ќе ги соберевме потребните шест илјади потписи. Но, тој ни одговори дека и тој ќе прави партија. Сега се виде колку реално може да направи, колкав му е авторитетот меѓу Македонците.
* Каква соработка имате сега со Доста Димовска, новата директорка на Македонскиот културно-информативен центар во Софија? Беше ли потребна смена на директорот?
– Македонскиот културен центар што се отвори во Софија со доаѓањето на Димовска стана втор бугарски центар. Таму нема место за нас Македонците. Веќе немаме никаква врска со неа. Таа ниту не’ побарала и сега комуникацијата е практично прекината. Тој центар нема никакви активности. Само поединци одат во Центарот. Се покажува дека беше погрешен потег на Владата.
* Што ќе правите на меѓународен план?
– Ако не се спроведе пресудата во Стразбур, тоа ќе биде прв случај да не се исполни една пресуда на тој суд. Тоа ќе биде голем преседан. Се надевам дека Комитетот на министрите на СЕ нема да дозволи да не се спроведе тоа решение. Ние ќе бидеме упорни и ќе чекаме и ќе ја водиме битката со демократски средства. За забраната за нашето чествување веќе сме го известиле Комитетот на министрите. Нашиот претставник ќе ја исвести и Европската слободна алијанса на малите партии во Европскиот парламент, чија членка сме. Апсурд е Бугарија да е членка на ЕУ, а ние, иако сме дел на алијансата во Европскиот парламент, да не сме признаени како партија.
Го урнаа, па сега пак му прават споменик на Јане
* Бугарскиот ултранационалист Красимир Каракачанов и бугарското ВМРО-БНД поставија плоча на гробот на Јане Сандански, на која тој се бугаризира. Тој упати и заканувачко предупредување ако таа биде урната. Што ќе направите?
– Тоа што се случи е поигрување со историјата. Истите тие луѓе што подигнаа бунт за тоа што се случи со плочата на Мара Бунева во 1996 година во Скопје, го урнаа споменикот на Јане Сандански на местото каде што бил убиен. Ако некој не верува, нека оди таму и ќе види како еден огромен мермерен блок на кој стоеше плочата посветена на Јане е урнат. Истите тие сега прават нов споменик на гробот во Роженскиот манастир. Нели е апсурдно тие што го урнаа стариот споменик сега да поставуваат нов. Но, ние нема да го урнеме тој споменик бидејќи уништувањето на спомениците е нивно дело. Што и да пишува на споменикот целиот народ во Пирин знае дека Јане Сандански никогаш не се борел за Бугарија.