ДЕМОКРАТИЈАТА ВО БРАКОТ

ДЕМОКРАТИЈАТА ВО БРАКОТ

ДЕМОКРАТИЈАТА ВО БРАКОТ

На морално пропаднатите и пореметени луѓе, Црквата им е крива за тоа што немаат слобода за правење на зло.
Црквата само дава правила на живот кои ги смета за универзални и во својата суштина со сила никому не му ги наметнува.
Но државата ако ги избере тие правила во целост или дел од нив, може да ги наметне сметајќи ги како избор на мнозинството – поради практичната неможност, на ист простор во исто време да се исполнуваат сечии светогледи. Ако не сакаме лицемерно да се лажеме, различните светогледи повеќе или помалку се исклучуваат едни со други. Доколку на определен простор сакаме одржливо да живееме, најдобро би било да се почитува волјата на мнозинството.

Правилата на Црквата во однос на бракот и улогата на жената во него, не е повреда на лични права, туку распоред на улогите според природата која ја имаме.

Од личните искуства не било проблем да ѝ се даде рамноправност на жената, проблемот бил во тоа што, „штом не сум ја командувал, веднаш посегнала таа да командува со мене“.
Кога тоа се наметнува како неизбежно, мислам дека на маж тоа повеќе му приличи, а обратното е поопасно за семејството и општеството. Не е така во сите случаи, но во мнозинството е. Бидејќи кога како неразбран, некој сака да влегува во туѓа сфера, штом му се отвори вратата за исполнување на барањата, ќе бара повеќе од она кое му следува.
Самиот темел на она кое денес се нарекува демократија е погрешен. Не постои демократија, туку постои поредок. Ние не можеме да се договараме со подредените, можеме да ги ислушаме и да ги процениме нивните предлози. Ниту пак како подредени, треба да имаме право да ги уценуваме надредените со нашата преданост во исполнувањето на нивните барања. А сите сме во нешто надредени, а во нешто подредени. Меѓу мажот и жената, мажот владее во појавната сфера, додека жената владее во внатрешната интимна сфера. Не е паметен маж кој не ѝ дозволува на жената да го уредува домот, таа како што сака. Понепосредно да ги воспитува децата и ред други такви внатрешни машко-женски работи, каде што жената е господарка и тоа според црковните обичаи на меѓуполовите односи.
Овие работи по својата природа не се и не смеат да бидат дел од цврстите правни уредувања. За нив треба да се одлучува како постоечки обичајни правила кои ја имаат својата флексибилност и слоевита прилагодливост, а правниот систем како такви треба да ги почитува. Смешни се, но и штетни денешните правни системи, кои со своите закони сѐ повеќе им се мешаат во интимните прашања на сопружниците и општо во семејствата. Им навлегуваат во личните брачно-семејни односи, а колку повеќе ги уредуваат, исходот е – толку повеќе ги матат.

Најправилно е секој нека си остане со надреденоста во својата сфера и да ја почитува сферата на надреденост на другиот.
Ако на подредените им се даде “демократското” право да гласаат, наспроти правото за одлучување на надредениот, ќе се наруши нашиот осет добиен со овластувањето на добиената улога. Одлуките ќе бидат недоволно решителни за да се соочат со проблемот.
Ако постои еднаквост во иста сфера, што во случајот кога двајца еднакви не можат да се сложат!? Добро кога успеваат да се договорат, но што ако за некое прашање и двете страни остануваат убедени во своите мислења и не можат да се договорат. Што во таков случај!? А можно ли е потполно исто да се мисли за сѐ!? Во таков случај за да не дојде до разидување, еден ќе мора да се подреди на мислењето на другиот. Па така ако мажот и жената се убедени дека се рамноправни во СЀ во бракот, скоро неизбежно ќе дојде до нивно разидување и развод на бракот.
Ако пак мажот е тој што ќе ѝ се подреди на жената за да опстане бракот, тогаш се нарушува природноста на поредокот, според природите на личностите и соодветните улоги. Таквото семејство и таквото општество нема да напредуваат, бидејќи мажот повеќе нема да биде маж, жената нема да биде жена – промашени се нивните улоги и природи. Затоа немаме многу примери за семејства кои напредуваат каде жената ја презела главната улога во појавната сфера. И дали воопшто ги има!? Можеби само некаде каде жената е изродена од својата женственост и не личи повеќе на жена.

Ако во умствената изграденост кај луѓето не постои согласност да се биде подреден, туку секаде во сѐ се бара рамноправност, општеството ќе отиде кон распад и токму тогаш ќе се наруши поредокот на општеството. Тогаш ќе се живее во услови на сѐопшто уценување. Наместо свест и разбирање, сите ќе мора да бараат основи за некого уценувачки да го принудуваат за нештото да се заврши. Тоа ја докажува промашеноста на современата теорија на демократијата, како темел на кој не само што е поставено уредувањето на политичкиот систем на денешното “демократско” општество, туку одамна веќе е пробиено како општа мисловна поставеност. Концептот на живеењето станува крајно изместен и појавата на сѐ поголеми и поголеми светски лудости е само последица.

 

Македонска Национална Академија – МНА
(авторски напис)