Комитет за Византологија и Медиевистика на Република Македонија
Едиција
MACEDONIA BYZANTINA
Кн. 1.
МНОГУИМЕНИТЕ ДРУГИ
МАКЕДОНИЈА – ПРЕСЕЧНА ТОЧКА НА ДРУГОСТА НА СРЕДНОВЕКОВНИОТ БАЛКАН (Идентитетски Јазли)
Стојко Стојков
Скопје 2024
Наслов: Многуимените Други. Македонија – пресечна точка на Другоста на средновековниот Балкан (Идентитетски Јазли)
Автор: проф. д-р Стојко Стојков
Рецензенти: проф. д-р Коста Аџиевски, проф. д-р Александар Атанасовски, проф. д-р Тони Филипоски
Лектор: Марија Иванова
Претпечат: Серчанин
Издавач: Комитет за византологија и медиевистика на Р Македонија
Печати: Печатница Европа 92 – Кочани
© Стојко Стојков, 2024 Сите права се задржани.
Ниту еден дел од оваа книга не смее да биде препечатуван, умножуван или објавуван во која било форма или на кој било начин во печатените и во електронските медиуми без посебна дозвола од авторот.
СОДРЖИНА
ПРЕДГОВОР
ВОВЕД
ПЛАНИРАЊЕ НА МИНАТОТО – СОНУВАЊЕ НА ИДНИНАТА
Uteres veteres – vinom novum.
Како се создава национален расказ: паралела меѓу бугарската и македонската историографија
Формулирањето на етногенетските формули и нивната лабилност
Вечните национални граници
Магијата на имињата
Сликање на небитието
ПРВ ДЕЛ
ПОИМОТ СЛОВЕНИ ВО МАКЕДОНИЈА – ПОЈАВА, УПОТРЕБА ЗНАЧЕЊЕ
Прва глава: ДИЛЕМИТЕ ВО НАУКАТА ОКОЛУ ПОИМОТ СЛОВЕНИ
Поимот Словени – форми, потекло, значење
Поимот Словени во Македонија
Соодносот на Словени – староседелци
Бројност на староседелската популација
Бројноста на Словените
Втора глава: СЛОВЕНСКИТЕ ЕТНОСИ
Различноста во Македонија на крајот од VII в.
Лојалноста – темелот на различноста
Ерата на словенските етноси – Словенските етноси како органзиирачка структура и модел
Ширење на словенскиот јазик – Lingua franca
Паралели на случувањата во Македонија
Трета Глава: ПОИМОТ СЛОВЕНИ – ОД ДОМИНАНТЕН КОН ИЗЛЕГУВАЊЕ ОД УПОТРЕБА ВО ВИЗАНТИСКИТЕ ИЗВОРИ (VII – XII В.)
“Крајот” на словенските етноси во Македонија
Склавинии и склаво-архонтии
Промени во начините на употреба на поимот Словени во византиските извори во IX – X в.
Излегување на употреба на поимот Словени во византиските извори.
Четврта глава: „СЛОВЕНСКИОТ НАРОД“ И „СЛОВЕНСКИОТ ЈАЗИК“ ВО СТАРОСЛОВЕНСКИТЕ ТЕКСТОВИ (IX – XIV В.)
Словенскиот народ – јазик во ΙΧ и во Χ в.
Словенскиот народ – јазик од крајот на X до крајот на XII в.
Словенскиот народ – јазик во XIII и во XIV в.
ВТОРИ ДЕЛ: ЕНИГМАТА „БУГАРИ“
Прва глава: ПОИМОТ БУГАРИ – ЕТНОС ВО ЕВОЛУЦИЈА, МУЛТИЕТНИЧКА КАТЕГОРИЈА, ИЛИ ИМПЕРИЈАЛНА НАД-ЕТНИЧКА ПРИПАДНОСТ?
Фактичка рамка
Бугарите во Х в. како турански народ
Бугарија како мултиетничка земја: не-Бугарите во Бугарија
Втора глава: ХИПОТЕЗАТА ЗА СОЗДАВАЊЕ НА СЛОВЕНО-БУГАРСКИ НАРОД ВО IX – X В.
Аргументи од општ карактер
Бугарите после нивното исчезнување
Аргументи за бугарска самосвест кај Словените во X – XIV в.
Словените како не-Бугари и Бугарите како Други во словенските текстови после 1000 г.
Заклучок
Трета глава: МУЛТИЕТНИЧКАТА ХИПОТЕЗА ЗА БУГАРСКИ НАРОД ВО СРЕДНИОТ ВЕК
Мултиетничка константна заедница?
Општо име – “a collective proper name”: поимот Бугари
Бугарска земја “association with a specific ‘homeland’“
Споделени историски спомени и мит за потеклото?
Традиции што меѓусебно се негираат
“Чувство на солидарност кај значајни делови од населението”
„Еден или повеќе разграничувачки елементи на општа култура“
Четврта глава: ИКОНАТА НА БОЖЈОТО ЦАРСТВО И НЕЈЗИНИТЕ СЕНКИ
Вистинската промена во Бугарија во IX – X в.
Алтернативно царство со непостоечки народ
Елитни идентитети
„Бугари“ – хомоним за различни феномени
Невозможноста да се дефинира неприродното царство
Опасноста од создавање Франкештајн во науката
ТРЕТИ ДЕЛ
МАКЕДОНИЈА ВО СЕНКАТА НА ДВЕ ИМПЕРИСКИ ТРАДИЦИИ
Прва глава: САМУИЛОВОТО ЦАРСТВО МЕЃУ НАЦИОНАЛНИТЕ МИТОВИ И НАУЧНИТЕ КОНТРОВЕРЗИИ
Модерни интерпретации на Царството
Прашањето за самосвеста
Прашањето за самосвеста
Проблемот со терминологијата. „Минатото е туѓа земја“
Втора глава: НОВА РЕАЛНОСТ И НОВИ ПЕРЦЕПЦИИ НА ВИЗАНТИСКИОТ БАЛКАН ПО 1018 Г.
Промените во византиската политика одразени во сигилиите на Василиј II (1018 – 1025)
”Бугарија“, ”Цела Бугарија“ и “Бугарите”
Нови реалности – нови перцепции и терминологија
Трета глава: ТРАНСФОРМАЦИЈА ВО РАЗБИРАЊЕТО НА КАТЕГОРИИТЕ СЛОВЕНИ И БУГАРИ ВО ВИЗАНТИСКИТЕ ИЗВОРИ X – XIII в.
Свети Климент: од епископа словýнска – до επισκοπου βουλγαριας
„Бугарски“ како византиски превод на „словенски“
Претворање на св. Климент во епископ-патрон на „архиепископијата на цела Бугарија“
Свети Климент во словенските извори во XI – XIV в.
Четврта глава: РАЗГРАНИЧЕНИ ВО ЛОЈАЛНОСТА: МАКЕДОНИЈА КАКО ПРЕСЕЧНА ТОЧКА НА (НЕ)ЛОЈАЛНОСТА НА БАЛКАНОТ
„ќе ги препознаете по нивните плодови“.
„од преполнето на срцето зборува устата.“
ЗАКЛУЧОК
МНОГУИМЕНИТЕ ДРУГИ:
МАКЕДОНИЈА КАКО ПРЕСЕЧНА ТОЧКА НА ДРУГОСТА НА СРЕДНОВЕКОВНИОТ БАЛКАН
Пред покрстувањето и појавата на словенската писменост
Македонија под византиска и бугарска власт
Другоста во времето на Комитопулите
Периодот на византиска власт (XI – XII век)
Другоста во XIII – XIV век
БИБЛИОГРАФИЈА
ТАБЛИЦИ
Таблица 1 Македонија и Бугарија: хронологија на институциите
Таблица 2. Намалување на населението 540 – 610 г.
Таблица 3. Варијанти на број население според градовите во Македонија
Таблица 4. Хипотетички сооднос меѓу Словени – староседелци во Македонија надвор од Солун.
Таблица 5. Терминологија во втората верзија на делото на Црноризец Храбар од крајот од XIII или почетокот на XIV в.
Таблица 6. Народи со кои се идентификува поимот Бугари во средниот век
Таблица 7. Потекла на Бугарите
Таблица 8. Две бугарски традиции
Таблица 9. Споредба на имињата во династијата и елитата на Бугарското царство (893 – 972) и Самуиловото царство (976 – 1018)
Таблица 10: Споредба на описите на востанија на Балканот во XI в.
МАПИ
- Диецезата на Охрид и цела Бугарија во XIв.
- Различни сфаќања за тоа која е „Земјата на Бугарите“
- „Другоста“ во XI– XIV в.
- „Нашкоста“ во XIII– XIV в.
ИЛУСТРАЦИИ
- Бугарите убиваат христијани во Месецословот на Василиј II.
- Омуртаг во Мадридскиот ракопис на Јоан Скилица
- Бугарите убиваат христијани (Мадридски ракопис)
- Георги Маниакис (Мадридски ракопис)
- Дељан (Мадридски ракопис)
- Смртта на Тихомир (Мадридски ракопис)
ПРЕДГОВОР
„Душице моја грешна,
што ми сакаш навистина да го видиш крајот на книшката,
како и морепловецот – крајот на морето,
како и болниот – здравје,
како и сиромавиот – храна и облека за себе.
Поменувајте ме, а вас – Бог!“
(Битолски триод, XIII в.)
Во зависност како ќе погледнете територијата на Македонија се јавува центар, пресечна точка или раскрсница на Балканот не само во географска смисла, но исто и во културна, јазична, демографска, идентитетска и историска. Таа е место каде се сретнуваат, комуницираат, разменуваат идеи и вредности повеќе култури, религии и дури цивилизации. Ова книга нема амбицијата да го расплете овој срцев јазол во неговата длабочина и сеопфатност. Таа се насочува кон еден од неговите сегменти – макотрпно се мачи да расплете повеќе идентитетски јазли во Средниот век во Македонија и пошироко, применувајќи ги достигнувањата во науката во идентитетските и етнички студии. Плод е на повеќе од четврт век истражувања и може да се каже – на една животна посветеност.
Под слично име дел од материјалот во оваа книга излезе во 2023 г. како посебна книга во издание на НУБ – Штип. Со својот скромен тираж од 60 примероци тоа брзо беше исцрпено. Во меѓувреме големиот интерес пројавен кон темата и позитивните одѕиви за првата книга, доведоа до мисла за второ издание. Дополнувањата на истото, кои на почетокот беа планирани да го зголемат за 10 % толку се проширија што на крајот се претвори во нова книга. Нов труд – и според новите теми што ги обработува и според размерот. Се зголеми скоро двапати, вклучи осум нови таблици, четири мапи и шест илустрации. Структурата беше целосно променета. На местото на старите Вовед, 5 глави и Заклучок, сега има три дела со вкупно 12 глави, Предговор, Вовед и Заклучок. Новите глави се во најголем дел нови текстови. Беше вклучен и обработен и проблемот со доаѓањето и населувањето на Словените, соодносот и односот со староседелското население, етничките процеси во така наречениот „темен век“ (VII – IX в.), како и прашањето за лојалноста како клучен маркер за надворешно дефинирање на „етнос“. Но, во суштина и оваа книга ја следи истата линија на истражување како и претходната и го содржи во себе преработен и материјалот од старата книга.
Временски книгата го покрива периодот познат како среден век во Македонија, кој започнува со колапсот на византиската власт по 614 г., а завршува со доаѓањето на Османлиите во крајот на XIV в. и наметнувањето на нивната власт. Периодот е обележан со големи јазични, културни и религиски промени. Големи промени има и во терминологијата користена за населението на Македонија во изворите. На местото на старите административни имиња и етноними наоѓаме нови такви. Некои стари имиња ќе се зачуваат, но ќе го сменат или значењето или местото за кое се однесуваат. Други ќе се користат поретко или за одреден период и воопшто нема да се користат, за потоа да се вратат во живот.
Периодот се карактеризира со рурално-аграрна економија и општество, градовите срушени и напуштени на почетокот постепено се обновуваат по IX в., но никогаш нема да го стигнат нивото и значењето од антиката; селото останува основна единица – обединето од колективната даночна одговорност и третирано како единствена и базична социјална единица. Периодот се карактеризира и со намалено ниво на образование. Слабоста на градовите, доминацијата на селото, слабата образованост секако значеле и дека политичките елити не биле во позиција силно да влијаат врз идентитетите и разбирањата на луѓето. Државите во периодов се од космополитски карактер, изградени по империјален модел и поддржувани од Црквата која исто поддржувала космополитски христијански поглед на светот и универзален приод во организирањето на луѓето.
Тоа не соочува со еден од големите проблеми при истражување на идентитетот во минатото, а имено, што имаме малку извори и тие се пред сѐ од надворешни автори или од припадници на (почесто странски) елити. Случаите кога луѓе зборуваат сами за себе во етнички категории се ретки и не се секогаш јасни и не ни дозволуваат да изградиме слика за постоечките идентитети во која да можеме да имаме некоја поголема степен на сигурност. Тие исто така обично доаѓаат од елитата и не остават во мрак по прашањето што мислеле за себе и за другите обичните луѓе. Надворешните извори – основниот вид извори со кои располагаме, ни кажуваат повеќе за образованоста во класичните дела на нивните автори, отколку за идентитетот на луѓето за кои тие пишуваат. Авторите биле повеќе загрижени за тоа да ја сместат одредената популација, во доминантната во нивната средина и време претстава за потеклото и класификациите на народите, отколку за тоа што луѓето мислеле за самите себе.
Затоа она што го наоѓаме во изворите како поими со кои различни популации се именувани – првенствено се надворешни имиња (екзоними), а ретко се имиња со кои луѓето сами се именувале (ендоними).
Поради тоа надворешните извори треба да се користат претпазливо во однос на именувањето и потеклото на одредена група луѓе, а повеќе во насока за констатирање на постоењето надворешни претстави за одредена популација, или пак кога конкретно зборуваат за можни елементи на идентитетот како јазик, обичаи и сл.
Следен и немаловажен проблем е што изворите, потекнуваат од и ги визираат, и зборуваат основно за елитите, за нивното потекло и идентитет. Што се однесува до потеклото и припадноста и самосвеста на „обичниот народ“, тука изворите се особено скржави – тој се појавува во изворите пасивно, во улога на нем актер. Обично ги идентификуваат „обичните луѓе“ според елитите кои владеат со нив без разлика дали тие делеле исто потекло или припадност.
Доминацијата на екзоними над ендоними нѐ води до следниот проблем. Не само што многу од користените во изворите поими биле архаични или класични дури и во времето кога се напишани, и без врска со самото население, туку често е тешко да се разбере што авторот мислел конкретно под еден или друг поим – на која популација мисли и каква смисла вложува во него. Наша модерна грешка е да мислиме дека луѓето биле јасно и видливо за секого поделени во народи и соодветно именувањата во изворите секогаш се однесуваат на истиот ограничен број оформени народи. Од тука истражувачот лесно паѓа во стапицата да се обидува да одгатне соодветниот екзоним на кој „вистински“ народ се однесува. Но многу често, кога имаме опис за тоа каде живее соодветниот народ можеме да констатираме дека или соодветното население не може да се идентификува како народ само по себе, а ниту да се идентификува со некој конкретен претпоставен народ, а често се однесува на население во географска или административна област и особено држава и тоа такви со променливи граници. Тоа не ставува во кружна аргументација – ние прво ги претпоставуваме народите – а потоа ги поврзуваме екзонимите со нив и реално ги префрламе нашите разбирања во изворите, а изворите ги прилагодуваме кон нашите модерни разбирања.
Тоа е првиот и веројатно најчест начин на фалсификување на историјата.
Во употреба секогаш биле екзоними што во број биле во пати повеќе од се што може да се претпостави како „народ“ денес. Еден и ист поим можел да има и неколку значења во исто време, а и да ги менува своите значења во времето и просторот и за категориите население за кои се употребува. Тоа го вклучува и нашето време – многу поими кои денес се во употреба, воопшто не се нови туку имаат своја сложена историја и биле користени за различни феномени и со прилично различна содржина. Стремежот на умот кон упростување и рационализација е многу силна, а во истражувања како ова и опасна. Лесно може да се слизнеме во коловозот на симплификацијата и да си го упростиме проблемот претпоставувајќи дека секој поим има една и иста содржина, т.е. да ставаме ново вино во стари мевови (Матеј, 9:17) и од тука да ги пренесеме современите и вообичаени за нас значења на поимите во минатото. Резултатот е осовременување на историјата – наместо да ја реставрираме колку е можно сликата на минатото да ја пресликаме врз него нашата современост.
Тоа е втор начин на фалсификување на минатото.
Семантиката е клучна во разбирањето на минатото ако не сакаме да се „изгубиме во преводот.“
Тоа е особено опасно за модерните национални имиња како Македонци, Бугари, Грци и сл. Ние денес ги викаме Грци припадниците на нација кои себе си се викаат Елини. Но, таа нација како и сите други е нова. Кога најдеме во старословенските средновековни извори поимот Грци, тој не се однесува ниту на тогаш непостоечката елинска нација, ниту на некаков предок на истата, туку е едноставно збор за луѓе од различни потекла кои себе си се викаат Ромеи, луѓе што ние денес ги викаме со вештачкиот поим Византијци. Во истото тоа време Елини било збор за пагани и никој себе си така не се викал. Поимот Бугари денес има најмалку пет различни значења: човек со бугарско државјанство, припадник на бугарската етно-нација, Гагауз, христијани наспроти муслимани („Бугари“ и „Турци“), специфични националисти покрај реката Волга. Повеќето од нив не постоеле дури и само 200 години назад. Слична повеќезначност можеме да најдеме и во однос на поими како Македонци, Романци, Срби. Такви поими неретко играат улога и на хомоними. Затоа и кога пишуваат за минатото научниците сакале или не се соочуваат со потребата да ги преведуваат или објаснуваат поимите што ги наоѓаат во изворите на начин кој би бил разбирлив или помалку заблудувачки за современиот читател. Но, таквите преводи се секогаш несовршени и често заблудувачки.
Истражувањето на значењата на поимите во секоја една ситуација, е колку што важна, толку и деликатна и сложена задача, која лесно може да се злоупотреби за постигнување на едни или други цели со кои сме емоционално обврзани. Често и сосема несвесно. Подведени од нашите чувства можеме лесно наместо да го реставрираме мозаикот на минатото да ги нацртаме врз него нашите фрустрации, фантазии и копнежи. Да ги пренесеме и решаваме таму нашите современи проблеми. Историјата е учителка на животот, но не е психолог, а ниту психијатар.
Тоа е трет начин на кој ја фалсификуваме историјата.
За да се избегне – бара и дисциплина и себеоткажување и посветеност на вистината.
И смирение – не можеме да најдеме одговор на сè, она што не го знаеме секогаш ќе биде повеќе од она што го знаеме. Ние знаеме многу малку од она што било, и никогаш нема да можеме да ја добиеме полната слика. Претпоставувањето дека ги имаме сите информации и можеме да одговориме на сите прашања неизбежно води кон создавање на лажни слики. Нашиот ум ја има таа способност да дава единствена смисла дури и на случајна комбинација од податоци. И таа обично по асоцијација е таква што е највообичаена за нас, а тоа поново е нашата современа реалност. Обидот да се добие целосна и детална слика по секоја цена би нѐ довело неизбежно до силување на изворите и создавање извештачена реалност. Голема опасност се јавува добронамерниот и несвесен фалсификатор кој живее во секој еден од нас.
Кога на тоа се додаде и замешувањето на идеологии, држави, движења и институции со нивните интереси, тогаш несвесниот фалсификатор може да стане и добро платен таков. За жал, тоа воопшто не е ретка појава.
Тоа е четвртиот и најпознат начин на фалсификување на историјата иако фалсификаторите најчесто и не се свесни што прават – тие искрено ги следат своите желби и убедувања и ги решаваат своите проблеми во историјата, а за тоа добиваат и пари и слава.
Сите овие искушенија за фалсификување на историјата доаѓаат наеднаш и со полна сила, кога е во прашање нешто толку длабоко и лично како идентитетот на човекот и особено, кога идентитетската проблематика е толку исполитизирана како што е во нашиот регион.
За да се помине безбедно низ овој архипелаг низ сите Сирени, Сцили и Харибди, потребно е истражувачот да и отвора широко очите и надвор, но и на внатре, а да ги затнува ушите за многу примамливи песни што доаѓаат и од горе и одоздола и од надвор и од внатре и особено за онаа на своето его. Во тоа направив сè што можев. Она што ме мотивираше беше барање на ослободување преку вистина, а не себедокажување.
Така ако не ви се допадне сè во оваа книга, тоа е добар знак. И за мене и за вас.
Дел од тенденцијата на умот да упростува е и верувањето (често и како несвесна пресумпција) дека категоријата народ е истовремено и основен блок во историјата, но и константна единица во која биолошкото потекло (ДНК), јазикот, културата, религијата, името и државноста се совпаѓаат. Би било многу лесно да беше така. Прашање е дали овие елементи воопшто се совпаѓаат некаде. И сепак наша модерна пресумпција е дека историјата се прави од народи и мнозинства и соодветно треба да се истражува имено како историја на народи и мнозинства. Но токму за мнозинствата ние не знаеме скоро ништо, а „народите“ се извлекуваат постојано од нашите напори да ги дефинираме. Така истражувањето на идентитетот во минатото е нешто доста поразлично и многу покомплицирано од фиксирана историја на народи.
Оваа книга тргнува од друга појдовна точка. Таа започнува со стремежот да се истражи во сите случаи (колку што е можно) смислата што авторите на изворите ја подразбирале, ја „вложувале“ во одреден поим, без таквата содржина да се претпоставува и прифаќа како разбирлива сама по себе. Исто така, да се истражи како се користел соодветниот поим, за какви популации, територии, ситуации и сл. Како еден поим се вклопувал во поголемата структура на класификацијата на реалноста користена од соодветен автор, група од автори итн. Тоа е спротивно на најчесто применуваниот метод – за секој поим користен во изворите да се бара на кој „вистински народ“ (обично – денес постоечка нација) треба да се однесува. Таквиот метод треба целосно да се отфрли зашто, како што веќе беше речено, наметнува претходно замислена реалност и прави изворите да ѝ се потчинуваат на истата.
Треба да ги оставаме авторите во Средниот век сами да определуваат што мислеле под одреден поим, за кого и каде истиот го користеле. Тоа би дозволило да ја реконструираме ако не етничката реалност каква што била – тогаш барем етничките претстави што постоеле кај писмените луѓе, да идентификуваме групи кои во одреден момент биле перципирани како етноси и третирани како такви, или дури да одредиме прашања и зони без јасен одговор, наместо насекаде да ги гледаме нашите модерни нации, но во фолклорни носии или средновековни филмски костуми.
Поради опишаната состојба со изворите на коишто се потпираме, она што обично можеме да го констатираме и истражиме се категориите различност и другост, гледани од различни гледни точки. Тоа е основното нешто што изворите објективно ни го даваат, со сите ограничувања на таквиот приод. Овде и треба да се концентрира вниманието. Ова би дало можност да се дефинираат зони на другост, а каде што сме среќни и зони на нашкост, наместо „народи“, но тоа почесто е најдоброто на кое може да се надеваме.
Имајќи предвид дека содржините и начините на користење на поимите се менуваат во времето и просторот изворите во оваа студија се разгледуваат на прво место како извори за времето во кое се пишувани, а дури потоа за времето за кое тие пишуваат. Особено корисни се случаите кога во еден извор се користени постари извори со кои располагаме – промената во терминологијата во такви случаи ни покажува промена во разбирањата што се случила во меѓувреме, а немањето на таква – дека значењата коишто се содржеле во оригиналот или продолжуваат да се целосно актуелни или во најмала рака не противречат генерално на разбирањата и начинот на употреба на соодветниот поим во времето кога е составуван подоцнежниот извор.
Сето тоа го прави датирањето на изворите особено важно, а за жал во случајот со Балканот тоа е почесто спорно. Во моето истражување претпочитам датирања засновани на текстоколошка и јазична анализа пред оние што се класифицирани според тоа доколку се вклопуваат во една или друга хипотеза и интерпретација на историјата. Затоа, на пример, во овој труд извори како Солунска легенда, Видението на Исаја, Краткото житие на Св. Кирил, се датираат во XIII – XIV в., а не во XI в., или дури и порано, како што често и без сериозни аргументи се прави.
Од потребата да се истражат и осмислат изворните податоци од различни агли, доаѓаат одредени и тешки за избегнување повторувања во книгата.
Трудот нема намера да ја исцрпи темата за идентитетот. Ниту пак претставува сѐ што имам како автор да кажам по овие прашања. За целта ќе биде потребна уште најмалку една книга. Остануваат во маргините важни теми како поимите Македонци, Мизи, Илири и други, како и одредени процеси и појави од значење за идентитетот на средновековниот човек, на кои науката нема обратено доволно внимание.
Целта на оваа книга е да ги претстави собрани пред читателите резултатите од моите досегашни истражувања и да даде прилог кон истражувањето на оваа комплицирана проблематика ослободено од идеолошки влијанија.
Да поттикне понатамошни размислувања и истражувања.
Книгата е посветена на сите што ја сакаат Вистината. Дури и ако грешиме – продолжуваме Неа да ја бараме.
Благодарност!!!
За излегувањето на ова второ издание заслужни се многумина и на сите нив им должам благодарност.
Би започнал со штедриот мецена (дарежливиот покровител) без кого тоа издание немаше да биде можно и којшто според добрите христијански традиции на нашиот човек, посака да не му биде спомнато името, сакаше да остане во тајна. Слично е и со создателот на мапите на второто издание, на корицата и на претпечатената подготовка, кој ги изработи со многу внимание и напор, одбивајќи да земе нешто за себе, а ниту дури и сатисфакцијата читателите да му го дознаат името, туку само псевдонимот – Серчанин. И за двајцата ми останува само да се молам да се збиднат врз нив зборовите на апостолот Матеј во евангелието и „твојот Отец, Кој гледа тајно ќе те награди јавно“ (Матеј, 6:3)!
Должам голема благодарност на луѓето кои први ме охрабрија да направам ново издание, а тоа се колегата Трајче Стојанов, философ и пријател со кој секој разговор е провокативна инспирација и особено колегата Бранислав Светозаревиќ, кој не само што ме охрабри, туку и многу ми помогна и во логистика, и во популаризирање на книгата. Меѓу нив е и на мојот драг колега и пријател Страшко Стојанов, кој е носител на „првичниот грев“ темата за Словените да најде место во книгава.
Должам особено голема благодарност на Богдан Илиевски кој во своето „Вечерно шоу“ не само што ја популаризира темата и книгата на начин недостапен за нас „средновековците“, но и помогна добар дел од нејзините содржини да бидат преточени до широката јавност, во време кога мислам дека тие се повеќе од неопходни.
Должам благодарност на сите кои ми дадоа критики и препораки на првото издание. На мојата професорка, инспиратор и коректор – Наде Проева, лектор на лекторите, чии јазични корекции, сугестии и критички забелешки имаа важно значење при оформувањето на трудот и чиј несебичен труд е вграден во целата книга. Освен во вториот дел. Работата по него таа и при големата желба не успеа да ја заврши – болеста и смртта ѝ попречија. На 12 септември 2024 г. ми ја прати последната глава што успеа да ја сработи со охрабрувањето „само ти пишувај, и јас во тоа време сум на терапија.“ На 15 септември не успеавме да се видиме зашто влезе во болница. Сепак прими да го работи и Вториот дел, но на 27 октомври мораше да признае: „За жал нема да стигнам. Многу ми е Криво“. Но пак не пропушти шанса да даде препорака. А на 6 ноември нè напушти засекогаш. Збогум професорке, поклон и благодарност: ова книга е посветена и на вас!
Должам специјална благодарност на Комитетот за византологија и медиевистика на Република Македонија, и на неговиот претседател проф. д-р Тони Филиповски, за можноста овој труд да излезе под знакот на Комитетот и да ја има честа да биде прво негово издание, со кој започнува нова едиција, едицијата Macedonia Byzantina.
Должам голема благодарност на мојот почитуван ментор, инспиратор и охрабрувач, доајенот на македонската медиевистика проф. д-р Коста Аџиевски, кој освен важни препораки за овој труд, се јавува и негов рецензент, што за мене се јавува посебна чест.
За позитивните моменти во оваа книга придонесоа повеќе луѓе, додека за сите грешки и слабости придонес имам само јас.
А, пред сè и повеќе од сè: Му благодарам за сè на Бога!
НЕКОЛКУ ИСКАЖУВАЊА ЗА КНИГАТА:
Проф. д-р Александар Атанасовски: Книгата Многуимените Други е работена според современите стандарди со почитување на научноистражувачките принципи. Авторот критички ги анализира изворите за посочената тематика. Прави споредба со досегашните толкувања на истите и дава свој суд за актуелните прашања што и денес ја возбудуваат научната јавност. Стојков си поставил за цел да ги претстави пред читателите собраните резултати од досегашните истражувања и да даде прилог кон истражувањето на комплицираната проблематика за идентитетот, ослободена од идеолошки влијанија. … Имајќи го во предвид значењето на истражувањето, посочената книга топло ја препорачувам за печатење и мислам дека ќе има голем поттик кај идните истражувачи на слични такви теми.
Проф. д-р Коста Аџиевски: Книгата „Многуимените Други Македонија – пресечна точка на Другоста на Балканот (идентитетски јазли)” на д-р Стојко Стојков претставува обид на науката и учените да придонесат во разрешувањето на Гордиевиот идентитетски јазол на Балканот. Авторот ги истражува и елаборира идентитетските проблеми научно, објективно, со почитување на научната методологија во истражувањето и со примена на последните научни достигнувања во областа на идентитетските прашања. Книгата е интересна и поради својата актуелност. Доаѓа во време кога научната заедница, но и општеството, бараат одговори на идентитетските прашања, кои, повторно се најдоа во центарот на општествениот, а особено на политичкиот живот во нашата држава. Таа пополнува многу важна празнина во македонската историографија и претставува значаен придонес во истражувањето на идентитетските прашања во средновековна Македонија и пошироко.
проф. д-р Тони Филипоски: претседател на КВМРМ-Скопје: Комитетот за византологија и медиевистика на Република Македонија (КВМРМ) – Скопје, се јавува како издавач на монографијата: Многуимените други. Македонија – пресечна точка на другоста на средновековниот Балкан (Идентитески Јазли), Скопје, 2024. Тоа воедно претставува и прво дело во рамки на новоформираната едиција на Комитетот која е наречена: MACEDONIA BYZANTINA. Во книгата Многуимените други на високо научен и професионален начин се третираат прашања на балканскиот средновековен етницитет, особено оние кои се однесуваат на објективно толкување и интерпретирање на средновековните етноними (особено Словени и Бугари). Понудените истражувачки резултати на исклучително сложената и комплексна проблематика претставуваат многу значаен научен придонес во македонската и балканската медиевистика и византологија. Со надеж дека и следните публикации од нашата Едиција ќе имаат високо научно ниво, на авторот проф. д-р Стојко Стојков му посакуваме плодна натамошна научна и образовна кариера.