За МНА

…ЗА ЛИЧНА И НАЦИОНАЛНА НАОБРАЗБА…

МНА е организација посветена за подигнување на нивото на најважните знаења и вештини запоставени во државното образование.

Концептот на програмата на Македонската Национална Академија.

– МНА го покрива делот кој е пропуштен во званичното образование, а кој би бил суштински национално корисен да се познава.
– Открива непознати или запоставени теми, личности, настани, вештини, кои ја зајакнуваат македонската самодоверба.
– Го подигнува националното образовно ниво онаму каде што се чувствува дека е ниско, каде што се чувствува слабост која може да биде искористена на штета на македонскиот народ.
– Програмата е од општ карактер, ги покрива оние теми кои се од значење за националната целина.
– Продлабочени проучувања се изнесуваат само ако се појави поширок интерес за дадената тема, прашање, вештина.

Опис на некои делови од програмата на МНА

Јазичност: МАКЕДОНИСТИКА

Секој Македонец ако сака да ја зајакне сопствената личност, ако не сака да биде губитник, треба да ги отфрли јазичните валканости – туѓизмите и да ги знае соодветните македонските зборови. Туѓизмите постапно го претопуваат (асимилираат) македонскиот ум кој повеќе не размислува како македонски туку размислува според умот на јазикот од кој е претопен (асимилиран). Така копијат никогаш нема да ја има силата на изворот (оригиналот). Треба да се вратиме наназад кон стариот природен јазик кој сме го користеле, оној кој може да се види во црковните служби, за да не се губиме во изразност која ја труе македонската душа.
Онака како што во јазикот се ослободуваме од туѓизмите, така ќе почувствуваме како во себе ослободуваме еден потиснат природен дел од нашата душа.

Јазичност: ЗБОРОИЗВЕДУВАЊЕ, ТОЛКУВАЊЕ НА ЗБОРОВИТЕ (ЕТИМОЛОГИЈА)

Словенските говори, посебно македонскиот во нивното средиште се со совршено збороизведување (етимологија). Зачудувачки е колку е ова толку значаен, а така силно запоставен јазичен предмет. Збороизведувањето е доказ за изворното потекло на дадениот збор. Ако некој збор во даден јазик нема врска со другите зборови тоа значи дека тој потекнува од друг јазик. Но ако има испреплетеност со другите зборови во јазикот тогаш тоа е доказ дека тој изворно му припаѓа на тој јазик. Словенските говори, и најмногу македонскиот јазик посебно се најблиски до ПРАВИОТ ГОВОР. Тоа е јазик кој ги гледа поимите право в лице и од таму има најголема животна сила. Затоа што доказот за изворноста на зборовите докажува за култоролошката надреденост на одредена народна култура.
Во ова проучување на повеќето Македонци нема да им се верува колку малку сме знаеле за совршеноста на македонскиот јазик. Во македонскиот јазик, зборовите се составени токму така како што мора да бидат. Нема ниту една буква од вишок или на погрешно место.

Вероисповед:

Кога другите религии настапуваат во македонскиот простор поради отсуството на богословска наобразба православните Македонци  се чувствуваат збунети и неспособни да возвратат. Затоа се наметнува неопходност за повисоко црковно култоролошко познавање, за да може и номиналниот православен верник да возврати на религискиот прозелитизам.

Историја:

Во македонската национална борба од намерни причини или соодветно на нашата мека и попустлива македонска душа многу повеќе се кажува за одредени предавства, а многу многу помалку се зборува за оние кои непопустливо маченички погинале за македонските идеали. Предавниците се памтат, а херојските ликови се заборавени. Затоа ќе се собираат и од заборавот на светлина ќе бидат изнесени заслужните македонски личности. Колкумина од вас знаат за големите животни дела на Петар Шанданов, Славчо Ковачев, Никола Каранџулов, Атанас Раздолов, … ги има на стотици… Ние сме богати со борци како ретко кој народ. Но од некои причини, кои ќе треба да се објаснат, бевме претставени и поставени да се чувствуваме како сиромашни. Ставени и на потсмев. А вистината е сосема спротивна.

Историја: (бугарската националистичка пропаганда)

Посебна точка се бугарските напади на македонската самобитност. Ова тековно е посебно важно со оглед на изложеноста на бугарската пропаганда која секоја година се засилува и веќе зазема огромни размери. Секој Македонец мора со одржливи докази да знае како да одговори како на општите концептуални напади, така и за дрското дури и грозоморно бугарско присвојување на одредени личности и настани од македонската историја.
Грозоморно затоа што во некои случаи токму личностите кои бугарските хегемонисти некогаш заради македонската определба, безмилосно ги убиле, денес истите ги претставуваат како големи Бугари.

Ова е посебна тема од предметот Историја, кој спаѓа во одделот Национална Култура, од вкупно пет оддели.

Вештини:

Во класичното школство целосно се напуштени природните знаења, природните вештини. Природата, земјата, занаетите. Најсилни се оние народи кои ја познаваат природата. Народите кои ја напуштиле природата, набрзо се одродуват (дегенерираат) и како извештачени пропаѓаат. Ќе се работи на ширење на знаења за Македонците да ѝ се вратат на природата, да знаат со неа и од неа да живеат.

Стратешка вештина:

Од општа национална полза е подигнување на информатичките способности на што е можно повисоко ниво. Посебно компјутерското програмирање.