Герман Дамовски познат како „Старио“, бил син на познатиот македонски војвода Петар Христов. Герман е македонски револуционерен деец, истакнат припадник на македонското народноослободително движење во Егејскиот дел на Македонија.
Герман Дамовски бил роден во преспанското село Герман, Егејскиот дела на Македонија. Рано останал сирак. Неговиот татко Петар Христов – Германчето, кој бил познат преспански војвода на Македонската револуционерна организација и учесник во Илинденското востание, во судир со турскиот аскер, за да не им падне жив во раце, се самоубил на 28 сечко 1907 година.
Герман во 1916 година, под постојан притисок на грчките власти, заминува во Бугарија. Следејќи ги стапките на својот татко, кој уште во 1892 година учествувал во социјалистичкото движење, во 1918 година тој се приклучил на работничкото движење во Софија.
По формирањето на Разузнувачката организација на ВМРО од страна на Александар Протогеров, Герман Петров бил назначен за главен разузнувач за Преспанската околија. Во 1934 година, поради убиството на михајловистот Мане Накашев, првично бил осомничен, уапсен и осуден на смрт од бугарските власти, а потоа ослободен.
Во 1937 година, поради своите левичарски убедувања, Герман бил интерниран во Котел, а во 1938 година, поради убиството на генералот Јордан Пеев повторно бил интерниран во градот Берковица – Клисурски манастир.
Во текот на Втората светска војна, Герман Дамовски проникнат од прогресивни револуционерни идеи и како син на илинденски војвода не останал нем на политичките и воените дејствија и се вклучил како илегалец во антифашистичкото движење.
На почетокот на 1944 година, се вклучува во партизанските единици во Македонија.
Во 1945 година, го продолжува делото на својот татко за ослободување на Македонија и се вклучува во борбата против монархофашистичката власт во Грција, како организационен секретар на Окружниот одбор на НОФ за Леринско. Дејствува како партизан и организатор во Преспанско, Леринско, Костурско, Кајларско и др. Тој помага во изградбата на македонските институции (македонски училишта, подготовка на македонски учители, создавање на македонски културни друштва и др.) во селата Герман и Желево. Герман учествува во 74 дневните борби на планината Грамос, а по капитулацијата на ДАГ во 1949 година, емигрира во Полска.
Грчките комунисти ја користат резолуцијата на Инфорбирото, и секој од раководството на македонскиот народноослободителен фронт кој се обидувал да ги заштити интересите на македонскиот народ, бил острануван со обвинување дека е „титоист“. Така во Полска, неколку пати бил суден па ослободуван од обвиненијата.
На крај бил испорачан во Бугарија. По доаѓањето во Бугарија, Државната безбедност на Бугарија го држела Герман три месеци врз основа на горното обвинение, а потоа без судење, како „титоист“, го испратиле во логорот Белене, Свиштовско, каде останал се до 6 коложег 1954 година, кога бил ослободен.
Герман Дамовски уште 5 години живеел во Софија, каде починал во 1959 година.
Посочил: Портал Македонска Нација