„… Од секој град, село и семејство во Македонија, се слушаат криковите на оваа многу страдална нација кон вас, цивилизираните и христијанските нации, со најискрена молба да се формира посебна независна Македонија во нејзините признати географски граници. …“
Подолго писмо од Македонец пратено до Ворен Хардинг, Претседателот на САД.
„… 16. Јануари 1922.
ДО НЕГОВАТА ЕКСЕЛЕНЦИЈА
Господин ВОРЕН ХАРДИНГ,
ПРЕТСЕДАТЕЛ на СОЕДИНЕТИТЕ АМЕРИКАНСКИ ДРЖАВИ.
Вашингтон.
Копија пратено до Лигата на Нациите
Ви пишувам за да ја изразам својата длабока загриженост за ситуацијата во Европа, особено на Балканот, каде што една нација е третирана со крајна неправда. Оваа нација страда неизмерно во сите аспекти; тоа е измачениот, но мирољубив македонски народ.
Оваа нација долго време копнее да ја објави својата тага, своите болки и страдања на моќната, цивилизирана и праведна нација на која Вашата Екселенција е храбар претседател.
Јас, старец роден во Македонија, во градот Охрид, протеран од своето родно место, сега скитам на стари години во странски градови и моментално живеам во Софија, Бугарија, имам храброст да ја изразам искрената молба на оваа нација пред Вашата Екселенција. Искрената желба на оваа нација е да ја земете предвид нејзината кауза и да ја олесните нејзината екстремно тешка состојба.
Ве повикувам, Ваша Екселенцијо, како оној Македонец кој се појави во сон пред Апостол Павле и го замоли, велејќи: „Дојдете во Македонија и помогнете ни.“ (Дела на Апостолите, поглавје 16, стих 9). Оваа страдална нација е измачена во секој поглед.
Во Македонија, Грците и Србите во моментов извршуваат дејства кои потсетуваат на Дон Кихот. На нашиот народ не му е дозволено да зборува или да учи на својот мајчин јазик во училиштата. Не им е дозволено да ја читаат и разбираат Божјата Реч, Светото писмо, на својот јазик. Србите наметнуваат српски јазик, а Грците грчки, кои се туѓи јазици за мојата нација. Под овие две странски нации, угнетените Македонци воздивнуваат и страдаат.
Но, најжалната околност е што Светото писмо не е дозволено да се шири или пропагира за да ја просветли нашата нација. Ако, не дај Боже, Жолтата Кинеска Раса навлезе во Америка или Велика Британија и го наметне својот паганизам и тежок јазик на вашата благородна нација, каква тага ќе чувствувате за вашиот јазик; на ист начин, денес Македонците тагуваат за својот.
Кога вашиот претходник, господин В. Вилсон, се појави пред светот со своите 14 неостварени точки, македонската нација почна да му се заблагодарува, мислејќи дека конечно дошол крајот на нејзините вечни страдања. Дури и некои луѓе од мојата нација почнаа да ги крстат своите деца во негово име, Вилсон. Кога се најдоа измамени во своите надежи, ослободени од турскиот јарем, но фрлени под две јарма – грчко и српско, тие беа разочарани. Сега Македонците често ја повторуваат народната поговорка: „Од трн до дрен“. Има моменти во нивниот маченички живот кои не можат да се изразат. Водите на Охридското езеро проголтаа големо количество солзи. Истото важи и за водите на Дојранското езеро, реката Вардар, како и за сите реки во Македонија, кои биле неми сведоци на неверојатни ужаси.
Во македонските домови, нема смеа, нема веселост, нема песна на млада жена. Полјата и домаќинствата се попрскани со човечка крв и солзи.
Четири писма испратила мојата скромна личност до почитуваниот господин Вилсон, а овие писма веројатно можат да се најдат во архивите. Во овие писма, тој беше информиран за големите страдања на македонската нација и беше побарано да им се дадат најосновните права на оваа нација. Во неговиот одговор до мене, господин Вилсон ветил дека ќе ја земе предвид судбината на Македонија, но во реалноста, не направи ништо. Не ќе се помести ли вашето срце и не ќе биде ли засегнато ако, од прозорецот на вашиот дом, видите на далечина следната ужасна и срцепарачка слика: 250 села гори во пламен во Македонија и Албанија, а димот се издига сè повисоко кон небесата?
Децата од овие села викаат за своите мајки, а мајките си ги влечат косите и, со очајни крикови, ги бараат своите деца. Ако Севишниот Бог треба да го суди Ирод за убивањето на 14.000 новороденчиња, за колку милиони новороденчиња, семејства и стари луѓе треба да го суди господин Вилсон, кој им предизвикал на овие несреќни луѓе страдање и ги оставил на милоста на нивната судбина? Главите на нивните семејства побегнаа во странски земји бидејќи не можат да живеат под странското и неподносливо јарем на Грција и Србија. Господин Вилсон требаше да ги излечи овие рани на време. Тие кои не знаат за страдањата на овие македонски деца, родители и стари луѓе, нема да бидат оценети од Бог и нивната совест, но истото нема да важи за оние кои веќе знаат за овие страдања и не се стремат да им помогнат. (Евангелие по Лука, поглавје 10, стихови 25-37).
Морално, ние, Македонците, паднавме во рацете на разбојници и сме жестоко ранети. Ние посакуваме, бараме и очекуваме, што побрзо, еден Самарјанин да ги облекува нашите рани и да ги избрише нашите солзи. Вие, американски и англиски народе, дојдете и ослободете не, бидејќи нашите деца се расфрлани низ целиот свет, нашите имоти се консумирани од оган или експроприрани од Срби и Грци! Тука во Европа, нема моќна нација на која можеме да се потпреме за наше ослободување. Од секој град, село и семејство во Македонија, се слушаат криковите на оваа многу страдална нација кон вас, цивилизираните и христијанските нации, со најискрена молба да се формира посебна независна Македонија во нејзините признати географски граници. Дадете ѝ слобода и овозможете ѝ да го има Евангелието на Исус Христос – Светото писмо, под протекторат на Америка и Велика Британија и под нивно владеење. (Римјаните, поглавје 10, стихови 11-14). Овозможете македонската нација да започне да живее нов, независен, мирен, религиозен живот! Не оставјте ја оваа несреќна, но будна и способна нација во религиозна темнина! Ова е искрената молба на оваа страдална нација, која ја изнесува пред Вашата Екселенција. Имате шанса да го увековечите вашето име и името на вашата благородна нација во нашата национална историја и во историјата на универзумот. Најмилосрдниот Бог ве возвисил да направите нешто за Неговото дело. Бог ќе ве награди и укрепи затоа што ќе создадете во Македонија плодна почва за Неговото дело – почва за религиозен живот во оваа загрижена земја.
Ја користам оваа прилика да ја уверувам Вашата Екселенција во моите најискрени почитувања, како и во почитувањето од македонската нација. (Езекиел, поглавје 3, стихови 17-19) (Дела, поглавје 20, стих 27). Бог да биде со вас!
16. Јануари 1922.
Петар Милев,
Адреса: Булевар Фердинанд 259
Софија, Бугарија …“

Посочил: Ash W
Извор: Архив на Друштвото на народите, Деловница на Обединетите нации во Женева

