„Со оглед на честите референци за македонското прашање во последните депеши од Балканот, како и поради тоа што јавно се разговара за проблемот околу идните граници меѓу балканските земји, Националниот комитет на Македонско-американската народна лига на САД што се состана во Детроит, Мичиген на 11 сечко 1945 година се чувствува повикан како претставник на илјадници Американци со македонско потекло да го достави до нашиот Стејт департмент и јавното мислење следниов меморандум:
Во сегашната реконструкција на балканските земји на демократска основа, правилното решение на македонското прашање ќе придонесе кон долгорочното стабилизирање на мирот на повоениот Балкан, како и на Европа во целина.
Македонското прашање израсна од желбата и борбата на македонскиот народ за правото на самоопределување и национална независност.
‘Поради стратешката положба на Македонија на Балканскиот полуостров и хетерогениот карактер на нејзиното население, македонското прашање одиграло и ќе продолжи да игра важна улога во животот на балканските народи.“
Македонија е земја што го зазема централниот дел на Балканот, со Солун како нејзиното главно пристаниште во Егејското Море. Територијата на Македонија е приближно иста со територијата на Западна Вирџинија. Се протега од двете страни на Вардарската долина – балканската порта кон Егејот. Две други реки – Струма и Места – го пресекуваат источниот дел на земјата. Поголемиот дел од Македонија е планински, особено на северот, со богати, плодни полиња во централниот и јужниот дел.
‘Населението на Македонија кое брои нешто повеќе од 3 милиони, се состои од многу националности. Најбројни се Македонските Словени. Втората по големина група се Грците. Потоа доаѓаат Албанците, Евреите, Турците и Арм’ните. Македонските Словени зборуваат дијалект кој е најблизок до бугарскиот и српскиот јазик.’
Од сите балкански народи, Македонците најмногу страдаа под угнетувачката власт на турската империја. Србите ја освоија својата национална независност во 1804 година. Грција ја доби својата слобода во 1829 година. Бугарија беше ослободена од Русија за време на руско-турската војна од 1877-78 година. Со Берлинскиот договор, 1878 година, тогашните европски државници решија да ја остават Македонија под власта на декадентната Османлиска империја. Нивниот неуспех да го послушаат советот на британскиот либерален водач Вилијам Гледстон да им се даде Македонија на Македонците се покажа како скапа грешка која оттогаш е одговорна за најголемиот дел од неволјите на Балканот.
Македонија е географски и економски ентитет со историја од повеќе од педесет години борба за слобода и национална независност. Оваа борба ја водеше ВМРО (Внатрешна Македонска Револуционерна Организација) основана во Солун во 1893 година. Оваа организација беше вистинска народна сила предводена од Гоце Делчев. Десет години подоцна во 1903 година македонскиот народ се крена против неподносливиот јарем на султаните. Три месеци 20.000 македонски герилци се бореа со турската војска што броеше 200.000. Борбениот крик на Патрик Хенри – дај ми слобода или дај ми смрт! – одекнуваше со недели по планините и долините на Македонија. Востанието беше задушено најбезмилосно. Повеќе од 5.000 беа убиени, а 200 села целосно уништени.
Во 1912 година Бугарија, Грција, Србија и Црна Гора (последнава исто така сега дел од Југославија) и објавија војна на Турција наведувајќи дека се борат за ослободување на македонскиот народ. Меѓутоа, со поразот на Турција, балканските сојузници почнаа да ја делат Македонија меѓу себе. И бидејќи не можеа да се договорат за поделбата на пленот, избувна Втората балканска војна, овој пат меѓу сојузниците. Војната заврши со поделба на Македонија (Букурешки договор од 1913 година) на три дела. Бугарија доби една десетина, додека остатокот од Македонија беше поделен речиси подеднакво меѓу Грција и Србија.
‘Поделбата на Македонија меѓу балканските земји настрана од сите трагични политички последици му нанесе тежок удар на индустрискиот и економскиот развој на земјата. Делот на Солун беше отсечен од поголемиот дел од неговата заднина. Бродскиот превоз на луѓе и стоки низ Солун нагло се намали. Градовите како Скопје и Битола значително се намалија во населението поради економската дислокација и политичкото угнетување што го предизвика поделбата на Македонија.’
Мировната конференција во Версај на крајот на Првата светска војна наместо да ја исправи поделбата на Македонија – ја санкционираше и всушност ги охрабри деспотските предвоени влади на Бугарија, Грција и Србија да продолжат со својата политика на тероризам и денационализација на македонскиот народ. Не се слушна гласот на американската делегација која предложи автономија на Македонија.
Она што се случуваше во трите дела на Македонија пред и по Првата светска војна беше исто толку одвратно како најлошите злосторства на нацистите во оваа војна (Втората светска војна). Во Македонија под Југославија, српските хегемонисти водеа политика на безмилосна денационализација, принудувајќи ги Македонците да се нарекуваат ‘јужни Срби’ и да додадат ‘-иќ’ на нивните презимиња. Во Македонија под Грција судбината на Македонците не беше подобра. Грчките власти насилно ставаа рицинусово масло во грлото на секој што беше фатен ако зборува македонски. Стотици илјади македонски селани беа протерани од земјата и нивната земја беше предадена на грчките бегалци од Мала Азија.
Македонија под бугарска власт претрпе најмногу од тероризмот на фашистичката клика на озлогласениот Иван Михаилов. Михаилов и неговиот претходник Тодор Александров се прогласија за водачи на старата ВМРО. Меѓутоа, под нивно раководство оваа организација дегенерираше во банда на платеници. Терористите на ВМРО одиграа срамна улога во соборувањето на селскиот режим на премиерот Стамболиски во Бугарија (1923). За време на владеењето на теророт што следеше тие учествуваа во масакрот на 30.000 антифашисти – Бугари и Македонци.
‘Таква беше трагичната судбина на македонскиот народ по Првата светска војна. Искрено се надеваме дека сегашната народна војна на Обединетите Нации против германската и јапонската агресија ќе донесе правда и слобода за Македонија.’
Во текот на оваа војна македонскиот народ повторно докажа дека заслужува да биде слободен и активно да учествува во обновата на Балканот врз основа на демократијата. Во сите три дела на нивната маченичка земја, Македонците се бореа рамо до рамо со југословенските, грчките, албанските и бугарските партизани, подеднакво против нацистичките поробувачи како и против домородните квислинзи. Во Македонија под Југославија беше формирана Македонска народноослободителна армија, со командант генерал Михаил Апостолски. Оваа армија е дел од Ослободителната народна армија на Југославија и се бореше под генерална команда на маршалот Тито.
Осврнувајќи се на улогата што ја одиграа македонските партизани во војната на Балканот, Голт Мекгован од северноамериканскиот весник ‘Алијанса’ рече во депеша од ‘некаде на Блискиот Исток’ – ‘Македонија стана меѓународно место за состанување на герилци, прв пример на ентузијастичка балканска тимска работа. Таму се собираат грчките, југословенските и бугарските борци. Нивната цел по војната е независна Македонија, поврзана со федералниот систем на Тито, кој црпи инспирација делумно од САД, а делумно од Русија.’
Првиот чекор во создавањето на слободна Македонија е веќе направен. На 29 ноември 1943 година, заседанието на АВНОЈ одржано во Јајце, го усвои федералниот принцип, со кој се даде ‘целосна еднаквост на народите на Србија, Хрватска, Словенија, Македонија, Црна Гора и Босна и Херцеговина’. За Македонците под Југославија оваа историска одлука значеше дека за прв пат по пет века тие го добија правото на самоопределување и национална независност. Ова е одлично сведоштво за вистинскиот народен карактер на југословенското националноослободително движење.
‘Прогласувањето на слободна македонска држава како федерална единица на новата демократска Југославија се случи на 2 август 1944 година во манастир во близина на градот Битола (грешка на американскиот новинар, б.м.) каде тајно се собраа 125 делегати од сите делови на Македонија. Меѓу луѓето кои беа сведоци на овој значаен настан беа претставниците на Сојузничката воена мисија во Југославија и Високата команда на Тито.’
Според извештаите од Софија, цитирани од ОВИ, шефот на новата влада на Бугарскиот татковински фронт Кимон Георгиев изјавил дека Бугарија нема да се противи на желбата на бугарскиот дел на Македонија да се обедини со новата македонска држава во федеративна Југославија.
‘Според нашата промислена проценка обединувањето на сите три дела на Македонија во слободна македонска држава во заедницата на демократските јужнословенски и сите балкански нации ќе понуди најдобро и праведно решение на македонското прашање.’
Основната грешка на сите претходни обиди за решавање на македонскиот проблем лежи во тоа што желбата и борбата на македонскиот народ за слобода и национална независност беа целосно игнорирани што доведе до страшни последици за мирот на Балканот.
Слободољубивите Американци со македонско потекло имаат доверба во нашата влада, дека заедно со владите на нашите сојузници – Советскиот Сојуз и Велика Британија – ќе ја увидат праведната кауза на македонскиот народ и ќе помогнат во остварувањето на неговиот стар сон за слободна и обединета Македонија.
Со почит
Смиле Војданов Георги Пирински
Претседател Национален секретар
Македонско-Американска Народна Лига
11 сечко 1945, Детроит, Мичиген
(Забелешка: пасусите што се во полунаводници се цитати од американскиот новинар Голт Мекгован).
Посочил: Портал Македонска Нација
Извор: Здружение „Заборавени Македонци” – САД