1923_Павел Шатев – Осврт по повод солунските атентати

„… Нарушуваме еден завет на великите македонски покојници во Солун и Сахара. Тие се беа заколнале да не оставаат свои портрети, затоа што сакаа да бидат служители на идејата, но не и на славата. Таму, во рушевините на македонската столица Солун, Гемиџиите сакаа да го збришат и своето месо и своите имиња, оставајќи го да живее над нивните останки суштествениот македонски дух за слобода и благосостојба и копнежите за светли дни. Но, историјата не памети завети… Од моментот кога Орце го запали фитиљот, којшто требаше во лицето на Османлиската банка да го фрли во воздух европскиот капитал, што ги красеше градите на деспотот Хамид – од тој момент имињата на тие скромни безумници се понесоа како симбол на македонскиот хероизам, на македонската посветеност, одекнаа во сите потајни катчиња на македонската душа, за да по 20 години станат првите светци на македонската револуција…
Не само зашто македонскиот идеал, во лицето на солунските атентатори, беше достигнал врвна кулминација, каква што ретко, дури и никако не се сретнува во историјата, но и затоа што на 28 април 1903 година во македонската столица Солун се бореа два револуциони система: оној на рускиот анархизам, зачнат на македонска почва, којшто имаше за цел да го помати и разруши европскиот капитализам и Хамидовиот деспотизам, и оној – на Левски, кој по принцип дејствуваше низ бавна револуциона подготовка на наредните маси. …“

 

Посочил: Види Види