„Свето Дело“ е едно од списанијата и весниците кои во почетокот на 20 век се печателе во Бугарија во голем број, а кои се занимавале со македонското прашање и револуционерната борба за слобода на Македонците. Токму тие весници и списанија се веродостојни историски извори, кои многу јасно ја образложуваат македонската кауза кон крајот на 19 и почетокот на 20 век. Посебно се занимливи написите објавени во списанието „Свето дело“, кое излегувало со поднасловот „Македонско списание“, во распонот 1902-1903 година. Од денешна гледна точка, особено се занимливи оние делови во кои суштински се пишува за „македонското ослободување“, „македонската слобода“ и „македонскиот народ“, како и за разграничувањето помеѓу „Бугарите и Македонците“.
Светиња и мила рожба на напорите на македонскиот народ кон честит живот
Во 1903 година, „Свето дело“ ја објавува статијата „Внатрешната организација и нејзините заштитници“, а како автор е потпишан И. Стојниин. Статијата има цел да го образложи судирот помеѓу Македонската револуционерна организација (МРО), позната и како Внатрешна организација, и Врховниот македонски комитет (ВМК) на македонската емиграција и бугарското општество.
Обидувајќи се да го објасни македонското револуционерно движење, Стојниин посочува дека во Бугарија „никој не знаел, ниту чул за Внатрешната организација, но од 1900 година, не само ние, Бугарите и македонските емигранти, знаеме, каква е таа Внатрешна организација, но дури и непријателите“. Според авторот, во минатото за сите оние што го посакувале македонското ослободување не постоела Внатрешната организација, туку само Врховниот македонски комитет, но „сега се две: внатрешна и надворешна“.
Стојниин посочува дека за посветените во тајните на делото, таа Внатрешна организација суштествувала уште од порани времиња и затоа не треба да се зачудуваат за постоењето на две организации. Писателот јасно пишува за крвавиот судир помеѓу двете организации, но се обидува да го релативизира. И покрај ова, Стојниин вели дека неколку бугарски весници, како што се „Дело“, „Право“ и „Изгрев“, пишувале дека македонското движење има свои непријатели и меѓу „Бугарите и Македонците.“ Стојниин исто така вели дека новинарите од споменатите весници образложувале дека судирот настанал поради „принципиелни разлики“.
И. Стојниин е критички настроен кон водачите на Внатрешната организација, но и покрај тоа вели дека Внатрешната организација е „светиња и мила рожба на напорите на македонскиот народ кон честит живот“.
Во Македонија има Македонци
„Свето дело“ ја објавува и статијата „Македонското прашање во нашиот и странскиот печат“, а како автор на текстот е потпишан В. Стоимир. Во проучувањето ги опфаќа пишувањата на бугарските, балканските и свестите весници за македонското прашање. Писателот забележува дека српските и грчките званични и незванични новинари се обидувале да докажат дека во Македонија имало Грци и Срби за да ја поделат Македонија.
Но Стоимир посочува и дека постоело едно „силно и бурно македонофилско течение“. Според творителот: „За нас, Македонците, поважно е какво пишуваат… незаинтересираните европски новинари. Сите тие се произнесуваат еднодушно за автономијата на Македонија или за реформи со реални гаранции, воведени и приложени под врховен надзор на еден христијанин генерален-гувернер“.
В. Стоимир вели дека со исклучок на грчките и на српските весници, кои се залагале за поделба на Македонија, сето новинарство на културниот свет посакувал „Македонија да си остане неделива и автономна“. Според Стоимир, овие новинари со текот на времето ќе ги убедат сите во справедливата кауза – „автономноста на Македонија, страна на повеќевековна култура, на славно и велико минато“.
Во понатамошната проценка, творителот вели: „Во Македонија има Македонци и ништо друго! Македонците војуваат и се борат во името на еден меѓународен акт – Берлинскиот трактат, и во името на човештината за слободен живот… Каузата на Македонецот е кауза и на дипломатијата“.
Залагајќи се за зачувување на Македонија, Стоимир вели дека секое друго решение на македонското прашање, во смисла „поделба помеѓу Бугарија, Србија и Грција или на три автономии, според трите македонски вилаети, области, ќе биде против решението на Берлинскиот конгрес, што ѝ подарил на Македонија уште пред 25 години автономно управување“.