Стефан Захариев (1810 – 1870) е бугарски преродбеник и предводник на црковно-просветното движење на Бугарите во Пазарџик. Трагал по стари списи и антиквитети како докази во црковната борба против грчката црква и добро ја познавал балканската историја. Тој прави разлика меѓу македонскиот и бугарскиот народ и за да го поткрене борбениот дух на македонската интелигенција, како и на бугарскиот народ против грчката доминација, на 25 март 1870 година тој ја превел и напишал статијата „Македонско пирување“.
Во оваа статија, која е објавена во цариградското списание „Читалиште“ од 1871 година, авторот говори за верувањата на древните Македонци и за потчинетоста на стара Грција под македонската власт. Во исто време авторот ја подвлекува современата состојба на Македонците и влијанието на фанариотската пропаганда. Во статијата чии што изводи ви ги презентираме се вели:
„ … Но толку сега што говоревме за свадбата на богатиот Македонец Каран, сега да го оставиме споменатиот Атинеј да докажува дека Римјаните ја прифатиле раскошноста во гозбите од Македонците и да ги нарекува варварски народи, и да ги видиме оние од сегашните Македонци кои заслепени од подзатворениот блесок на елинските мудрувања, прифаќаат да се презираат и да се откажуваат од својата народност. Затоа, по опишувањето на Карановите гозби, ми се виде времето поволно да извикам и оф: Навистина колку сме оддалечени од времето кога од сите денес наречена Елада (Грција) беше потчинета од македонската власт, и се оддалечуваше од нивната јунаштина, на нивните богати пирови, и ропски ги обожуваше…
… Според тоа, ако ни беше целта да ги опишеме зачуваните во грчките книги „Свадбарски обичаи и гозби на древните Македонци“, причината на оддалечување од предметот се состои да ја покажеме цивилизацијата на македонските Славјани, во што таа се состоела во времето на Александар (Македонски) и до каде стигнувало нивното образование, за да ги употребуваат Елините за подбив и сегашната нивна заблуда и незнаење, во кое ги фрлиле гркофенерските владици и да ги поканиме нашите родољубиви сонародници да им помогнат и морално, и материјално… “