1943.05_Амбасадор Џорџ Рендел до Министер Ормер Сарџент, писмо

Во првата половина од Втора Светска Војна под покровителство на британската политика, се зборувало, дури и биле направени определени договори, за поширока балканска федерација. Најпрво како југословенско-грчка федерација, во која би можеле да се приклучат Бугарија и Турција.

Во сите тие разговори, иако било истакнувано начелото ‘Балканот на балканските народи’ македонскиот народ и самостојна македонска политичка единица долго време не биле споменувани.

Но во еден од документите на Форин офисот се среќава, „македонскиот проблем“. За прв пат се спомнува во косар 1943 година, во писмото на Џорџ Рендел – амбасадор на Велика Британија при Кралството Југославија во емиграција.
Писмото било испратено до Ормер Сарџент – Министер за Надворешни Работи на Велика Британија. Меѓу другото во писмото било напишано: „… Грција полесно ќе се справи ако Бугарија биде во унијата, отколку ако подоцна таа ги наметне сите видови неразумни услови за прием“. Од друга страна, пишува Рендел, „ако Бугарија ѝ се придружи на јужнословенската држава. а со тоа и на грчко-југословенската федерација, една од последиците секако ќе биде да ѝ се даде некој вид автономија на Македонија. Лично секогаш сум чувствувал дека соодветно решение за македонскиот проблем е Македонија да биде одделна единица во пошироката унија врз основа на еднаквост со Србите и Бугарите,
Понатаму додава: „југословенско-бугарската унија би била толку голема и силна што ќе ја засени целата Балканска федерација, иако тоа зависи и од фактот дали Турција ќе се приклучи на конфедерацијата или не. Ако наша цел навистина е да се спречи Русија во формирање империјалистичко влијание на Балканот, тогаш Турција сигурно ќе биде охрабрена да се придружи на конфедерацијата. Ако се придружи, Турција ќе биде повеќе од рамнотежа на било која југословенско-бугарска унија, а ако конфедерацијата подоцна се прошири, да речеме, од Љубљана до Дијарбекир, тогаш таа конфедерација мора да има соодветна цврстина и сила, односно не треба да има слаба алка во средината. …“, завршува британскиот дипломат Џорџ Рендел, кој прв ја спомнува Македонија како одделна единица во пошироката унија врз основа на „еднаквост со Србите и Бугарите“.

 

Посочил: Портал Денешен