Списанието „Славянский Век“ меѓу првите објавува опширни вести за создавањето и целта на Македонското Научно-Литературно Друштво од Санкт Петерсбург. Во својот број од сечко 1903 г., редакцијата објавила и една дописка под наслов „Македонско друштво во С. – Петроград“, која во контекст на посебноста на македонскиот идентитет, особено на македонскиот јазик, овде во целост се објавува:
„Под покровителство на Слав(јанското) Бл(аготворително) Друштво во С. – Петербург студентите-Македонци создале кружок п(од) наз(ив) „Македонско научно-литературно студентско друштво”, во кое сега се запишани 20 членови. Целта на друштвото е: духовно обединување и единство на татковината, изучување на Македонија од историска и етнографска страна, запознавање на руското општество со вистинската положба на Македонците во минатото и сега. Членовите на кружокот зборуваат помеѓу себе само на македонски наречја, а не по бугарски и по српски, како што беше досега, по местото на воспитанието. Некои членови од овој кружок го издавале во пролетта на минатата година во Белград весникот „Балкански гласник”, на српски и француски јазик. Во него се изнесувало гледиштето дека поделбата на христијанското население на три непријателски страни, бугарска, српска и грчка (чорбаџии, гркомани-Славјани), потоа странските пропаганди го сопираат обединувањето и дека поради тоа е потребно да се издигне еден од 4-те главни македонски дијалекти (1. планинскиот: Скопје, Куманово. 2. Мијачко-брсјачкиот, во Пелагониската рамница: Битола-Охрид, Прилеп. 3. Ениџевардарскиот, Воден. 4. Неврокопскиот; при што критериум за поделбата е промената на самогласките и топографските котлини) на степен на општ македонски литературен јазик. За таков на сите им изгледа најпогоден југозападното, мијачко-брсјачкото наречје. Фактот дека српската пропаганда не се ограничува на Скопје и дека српски училишта има и во Битола, Воден, Солун, Еницевардар и Кукуш, а до неодамна српско училиште постоело дури во Сер, како и фактот дека бугарската пропаганда се шири исто во цела Македонија, најубаво го докажува единството на македонскиот јазик, народните обичаи, наравите, преданијата и се што влегува во кругот на сфаќањето на народноста.
Остварувањето на оваа идеја: „Македонија за Македонците“ со создавањето на македонскиот јазик, по мислењето на овие автономисти, ќе се покаже прифатлива 1. за Бугарите поради тоа што тие ќе можат да се надеваат дека со враќањето на македонската емиграција, воспитана во бугарски дух, земјата би добила бугарски карактер; 2. за Србите поради тоа што би се прекратила бугарската пропаганда и опасноста да имаат на југ силна бугарска држава; 3. за Романците поради тоа што би имале работа на југ со моќната Бугарија; 4. за Русија поради тоа што со создавањето на автокефалната македонска црква можно е да ослабне значењето на панеленистичкиот патријарх и да се принуди да дозволи изборно начело на вселенскиот патријаршиски престол, со што би се создале шанси за избор на рускиот кандидат на вселенската катедра; 5. за Австрија поради тоа што со создавањето на македонскиот јазик таа ќе може да стекне симпатии кај населението и да ја подготви окупацијата; 6. за Сеславјаните поради тоа што би се прекратил антагонизмот меѓу Бугарите и Србите (панбугарска и пансрпска идеја) и ќе биде возможио обединување на Србија и Црна Гора со излез на Србите на Јадранско Море и што во Сеславјанскиот Сојуз малите држави би имале потреба од поддршка на Русија; 7. за Турците, зашто тоа би повлекло по себе прекин на сите денешни политички и верски пропаганди; 8. за Грците поради тоа што би оживела мечтата за тоа да му се вратат на патријархот поранешните права на црквите и училиштата.
При создавањето на српскиот и бугарскиот литературен јазик беа испуштени од предвид областите од Источна Србија, Западна Бугарија и цела Македонија, и кога овој пат би се издигнал овој јазик на повисок степен на образованост би можел да се јави како обединувачка алка за целиот Балкански Полуостров.“
Програмата на овие поборници на „етнографека”, а не географска Македонија, страда само од тоа дека се јавува со огромно задоцнување од најмалку 30 години.“
(„Славянскии Век” Виена, № 62, (15-го (28-го) февраля. 1903), стр, 431 – 432)
Посочил: Портал Македонска Нација