Браќа тополчанци… Јас не ве познавам добро, ама се зачудив кога дознав дека вие сте станале ‘Срби’. Многу арно знаете, браќа, дека во Тополчани нема Срби, нема Грци, нема Бугари. Ние сме Македонци!
• 1907 •
Браќа тополчанци,
Штом ќе го прочитате ова писмо, наполно сме уверени дека малку ќе се свестите и дека малку ќе се разбудите од длабокиот сон, бидејќи вие сте заспале со таков сон, па сте заборавиле што е човештина.
Јас не ве познавам добро, од кога сте станале Срби, ама се зачудив кога дознав дека вие сте Срби.
Многу арно знаете, браќа, дека во Тополчани нема Срби, нема Грци, ниту пак Бугари. Ние сме Македонци.
Србија за Србија, Грција за Грција и Бугарија за Бугарија. Секој што работи тоа и ќе биде.
Значи, она што ќе се заработи со свој пот тоа му е слатко, како што е и нашата работа.
Ако барате друга држава да ни заповедува, тогаш добра ни е и Турција.
Знајте, браќа, дека под друга држава ќе ни биде многу полошо.
Како што сте се заколнале дека ќе работите за народната работа, не треба да се откажувате до капка од крвта, не треба да ги заборавите нашите браќа, не треба да ја заборавите крвта на нашите браќа, која ја пролејаја со текот на толку години.
Многу е жално со народот пред народот, а исто така пред Европа, бидејќи Европа знае каде има Срби, Бугари и Грци.
Не треба да се нарекувате Срби, а сетете се како зборувате со своите деца во куќата, бидејќи сум уверен дека не изговарате ни еден српски збор, а не заборавајте какви беа нашите татковци и дедовци.
Значи, какви сме од старина, тоа сме и денес, а според тоа не сме ни Срби, ни Бугари, ни Грци.
Да и погледаме околните села, па тогаш како вие можете да се нарекувате Срби.
Жално е, браќа, што сме многу прости, та поради таа простота сè се натрупало во нашите глави.
За тоа што сега Србите ви даваат по некоја пара вие се лажете со вашите шупливи глави, а не знаете дека она што не го заработувате со вашата пот ќе ви излезе на нос.
Немојте да се лажете за тоа што сега ви даваат по некоја пара.
Тие кога-тогаш ќе ви го предадат сè што ви е најмило на светот.
Овде нема Срби, па според Србите овде немаат место за работа.
Србите треба да работат таму каде што имаат свои луѓе, таму на Косово што тие го нарекуваат Стара Србија.
Бидејќи нема потреба друго да ви пишувам, уверен сум дека сè сте разбрале и дека ќе се свестите.
Очекувам ваш брз одговор.
Со братски поздрав,
Павле Наумов.

